Кристијан Тимоние, амбасадорот на Франција во Скопје, очекува наесен да добие зелено светло работата на Француската агенција за развој што ја најави во Македонија за да може со помош на истата да се забрзаат евроинтеграциите на земјата и да се достигнат очекуваните стандарди кои ги бара ЕУ.
Оваа агенција, која е лична замисла на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да соработува во клучни области со државните и со локалните власти и е дел од новата француска стратегија за земјите од Западниот Балкан.
– Ќе се конкретизира нашиот ангажман за да можете што побрзо и што поефикасно да ги достигнете европските стандарди кон кои народите од овој регион се стремат со полно право. Во тој поглед Преспанскиот договор отвори нови перспективи за иднината, објави францускиот амбасадор синоќа на свеченоста по повод Националниот празник на Франција 14 Јули што се орджа во Музејот на современа уметност а на која која присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерката Радмила Шекеринска, министри во Владата, претставници на институции, на дипломатскиот кор и други гости.