„Енциклопедија на македонски имиња“ е најновата книга на архимандрит Иринеј Стефановски, чија промоција ќе се одржи утре во 19 часот во Дом на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Во книгата се опфатени 2.000 македонски имиња, а како што наведува авторот, за секое име е дадено неговото потекло, значење и толкување. Значењето, првенствено, се открива етимолошки, според зборот од каде што доаѓа името, а толкувањето, пак, е дадено кај оние имиња чии значења ја надминуваат буквалната смисла на зборот или зборовите од кои се составени имињата. Уште една интересна работа за оваа енциклопедија, како што посочува Стефановски, е тоа што за секое име е наведена информација кога се слави именден, односно со кој светител или со кој новозаветен настан е поврзано името. Издавач на книгата е „Ми-Ан“.