Skip to content

Македонска заедница во Австралија

Десетти јубилеен фестивал на македонската култура во Вилијамстаун

Десетти јубилеен фестивал на македонската култура во Вилијамстаун

27.11.2023

Вчера во Вилијамстаун, Австралија се одржа традиционалниот Десетти Фестивал на македонската култура кој редовно десетти пат по ред се одржува секоја година во месец ноември.
Иако времето беше облачно, навреме дождливо, Фестивалот собра повеќе од 5.000 Македонци од Мелбурн и околината.
На почетокот беа интонирани австралиската и македонската национална химна, а Фестивалот го благослови парохискиот свештеник на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Вниманието го привлече настапот на естрадната пеачка Благица Павловска од Македонија, како и народната песна “Битола мој роден крај“ исполнета од Клеопатра Блажевска и Тијана Стефановска. Незаборавен ќе остане настапот на членовите на Културно-уметничкото друштво “Никола Карев“од Мелбурн.
За музиката и музичката опрема одговорен беше диџеј Џулиус.
Организаторите и учесниците на Фестивалот на македонската култура ги поздрави претставник на општината Вилијамстаун каде што се одржува Фестивалот, кој ја потврди соработката на општината со локалната Македонска заедница, помагајќи ја со проекти за афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски и историски идентитет.
Неколкуте илјади Македонци испратија силна порака во австралиското општество: Тука сме! Не’ има! Многу сме! Сите заедно прославуваме семакедонски! Сите заедно ја славиме Македонија!
Фестивалот за присутните приреди богата културно-уметничка програма, а бројните тезги нудеа мени од традиционалната македонска кујна и пијалоци!
Фестивалот повторно ја поткрена носталгијата за родниот крај во Македонија, а бројните патриоти и родољуби, пријатели на Македонија и Македонскиот народ во Австралија, потврдија дека Македонците во Австралија ги негуваат своите обичаи, традиции, јазик, култура и историја, колективната меморија за стари крај, за сите делови на Македонија!
error: Content is protected !!