Skip to content

Историчари и политиколози од Швајцарија на гости кај Македонците во Бугарија

356221003_223100317256086_7996876738611423709_n

28.06.2023

На 25 јуни група докторанти, магистранти и студенти по историја и политички науки од универзитетот во Цирих, Швајцарија, водени од нивниот професор – историчарот д-р Нада Бошковска, за време на својата екскурзија во Македонија ја посетија и Пиринска Македонија. Тие остварија средба со претставници на македонското движење за човекови права во Бугарија организациите ОМО „Илинден“ (претставувана од претседателот Кирил Тилев), Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор (претседателот Стојан Герасимов), Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ (претседателот Атанас Мазнев), Друштвото на Македонците со исламска вероисповед во Бугарија „Сонце“ (Дамјан Искренов), од партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН (копретседателот проф. д-р Стојко Стојков и почесниот претседател Стојан Георгиев) како и нивни активисти. Средбата се оствари во селото – општински центар Струмјани.
Претседателот на Кирил Тилев, преку кој беше и организирана средбата – одржа поздравен говор и раскажа свои и на Македонците во Бугарија искуства со бугарската политика на дискриминација против Македонците. Професор Стојко Стојков одржа воведно предавање – преглед за положбата на македонското малцинство во Бугарија, бугаро-македонските односи и за партијата ОМО „Илинден“-ПИРИН. Дамјан Искренов зборуваше за дискриминацијата и асимилацијата со која се соочуваат Помаците Македонци муслимани во Бугарија. Андон Андонов од ОМО „Илинден“-ПИРИН им даде на гостите бугарски документи од својата семејна архива, во кои македонската народност е признаена далеку пред фамозната резолуција на Коминтерната од 1934 г. Гостите слушаа со големо внимание и интерес и поставија голем број прашања и така се разви богата дискусија, која се водеше на англиски, германски, македонски и бугарски. Средбата продолжи 4 часа и заврши со пријателско збогување и заедничка слика.
error: Content is protected !!