Skip to content

Матица на Иселениците од Македонија на осветување на „СВ. Злата Мегленска“ во Загреб

Матица на Иселениците од Македонија на осветување на „СВ. Злата Мегленска“ во Загреб

22.05.2023

На вчерашното осветување на првата новоизградена македонска црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, Хрватска, присуствуваше и Матицата на иселениците од Македонија со своја делегација предводена од претседателот Иван Џо Петрески. На утринската божествена литургија присуствуваа голем број православни Македонци од Загреб и цела Хрватска, претставници на сите верски заедници во Република Хрватска и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници на Македонија, Даријан Сотировски.
Првата Македонска православна црква во Хрватска е регистрирана во 1993 година, а во 1995 година Загрепската надбискупија и’ ја отстапи на времено користење црквата „Света Рока“ во Загреб. Изградбата на црквата „Света Злата Мегленска“, посветена на великомаченицата Злата Мегленска од 18. век, започна пред девет години во 2014 година. Матицата на иселениците од Македонија со своја делегација присуствуваше и на поставувањето на камен – темелникот на „Св. Злата Мегленска“ пред девет години.
Проектот на црквата е на архитектот Зоран Бошевски од Загреб, кој е по потекло Македонец. Црквата се простира на 800 квадратни метри и има покрај останатото и милтифункционална сала од 160-200 квадратни метри што ќе се користи за неделни духовни дружења после одржувањето на литургијата, но и како своевидно македонско културно катче за изложби, промоции на книги, предавања и за др. намени, што е од непроценливо значење. Во рамките на објектот изграден е и простран стан за надлежниот епархијски архиереј митрополитот Европски Г.Пимен кога ќе престојува во Загреб, а во станот ќе можат да престојуваат и добронамерници од Хрватска и од татковината, луѓе кои доаѓаат во Загреб со децата на лекување….
Мермерниот олтар е дело на македонскиот скулптор Александар Наумоски и беше изработен во Македонија, а потоа со камиони пренесен и склопен во Хрватска.
За изградба на храмот Македонската православна црква имаше голема поддршка од поранешниот градоначалник на Загреб, господинот Милан Бандиќ како и од бројни верници, пријатели и почитувачи на МПЦ кои несебично се вложија во изградбата на првата Македонска православна црква во хрватската метропола.
Првата македонска црква во Загреб, во октомври 2021 година ја доживеа и првата литургија со која чиноначалствуваше тетовско-гостиварскиот митрополит г. Јосиф, на покана на домаќинот европскиот митрополит г. Пимен.
Во Хрватска, постојат четири црковни општини на Македонската православна епархија за Европа. Тоа се Св Злата Мегленска во Загреб, Св.Јоаким Осоговски во Пула, Св. цар Константин и царица Елена во Ријека и Св.Наум Охридски во Сплит.
Владата на Република Хрватска изградбата на македонската црква во Загреб ја помогна со 935.000 евра, како поддршка на македонското малцинство во Хрватска.
error: Content is protected !!