You Are Here: Home » Цели и задачи

Цели и задачи

ПРОГРАМА ЗА РАБОТА

НА МАТИЦАТА НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНИТЕ ОРГАНИ ЗА 2007-2012 ГОДИНА

 

УВЕРЕНИ дека по седум-годишни судски процеси, со враќањето на имотот во 2006 година во сопственост и фактичко владение се создадоа услови за продолжување на активностите на Матицата на иселениците од Македонија и за остварување на нејзиното место, улога и функции во општествено-политичкиот систем на Република Македонија;
СО ЦЕЛ да се задржи духот и традицијата во делувањето на Матицата на иселениците од Македонија како специфична институција од посебен државен и национален интерес;
УБЕДЕНИ дека Матицата на иселениците од Македонија, со својата организациона поставеност, како и методот и содржините на работа, постепено ќе се трансформира во модерна институција, согласно европските и светските стандарди кои важат при воспоставувањето на релациите и комуникациите во сферата на иселеничката практика во светот;
ВЕРУВАЈЌИ дека Република Македонија ќе се прилагодува на потребите и барањата на иселеништвото од Македонија, како и на структурните промени (во образовно-интелектуална и статусна смисла), што настанаа во нашето иселеништво во последните години, од аспект на односот на младите генерации во дијаспората према дедовско-татковската земја, кон јазикот и воопшто кон културата и националниот идентитет на нивните корени;
ОЧЕКУВАЈЌИ дека Матицата на иселениците од Македонија ќе продолжи со активностите за стабилизирање и зацврстување на нејзината позиција како неопходна и неодминлива институција во животот и пулсирањето на Република Македонија и на иселеништвото од Македонија ширум светот, преку квалитетен контакт и комуникација помеѓу татковината и македонската дијаспора,
Врз основа на членот 20 од Статутот на Матицата на иселениците од Македонија, дел.број 08-472 од 25 февруари 2006, Собранието на Матицата на иселениците од Македонија на седницата одржана на 15 ноември 2006 година во Скопје, донесе

П Р О Г Р А М А
за работа на Матицата на иселениците
од Македонија за 2007-2012 година

(1) Во Матицата на иселениците од Македонија (во натамошниот текст: Матица) ќе продолжат секојдневните оперативни активности за обезбедување постојан контакт и комуникација со граѓаните од Република Македонија кои живеат ширум светот.
(2) Ќе се задржи и уште повеќе ќе се афирмира јавноста во работата на Матицата.
(3) Ќе се заокружи формирањето на бројни комисии како помошни тела на Извршниот одбор на Матицата, односно ќе се воведе нова практика во градењето на политиката на Матицата со учество на голем број експерти од одделни области од општествениот живот на Македонија и иселеништвото.
(4) Постојасно ќе се врши усогласување на нормативните акти и на организационата поставеност на Матицата со новите законски прописи.
(5) Матицата ќе води грижа за Македонците во соседните држави и ќе ја потпомага нивната врска со Македонската држава.
(6) Соработката на релацијата од суштинско значење за остварување на националните и стратешките определби во однос на иселеништвото. Матицата ќе се залага за зацрврстување на врската меѓу државата, Македонска Православна Црква и Матицата, во духот на принципиелна и демократска атмосфера на разбирање и взаемно почитување.
(7) Ќе се конституира Македонскиот иселенички совет при Матицата на којашто ќе се расправа за бројни актуелни прашања од иселеничката проблематика, меѓу кои и за проблемите на донаторството и спонзорството, соработката со Македонците во соседните земји и обезбедувањето материјална помош за нивните активности, како и за нивно координирано дејствување во соработка со Матицата на иселениците. За членови на Македонскиот иселенички совет, според претходно утврдени критериуми, ќе бидат именувани истакнати Македонци од САД, Канада, Австралија и Европа кои ќе го потпомогнат формирањето на македонски сојузи како координативно-консултативни тела на македонските заедници во овие земји.
(8) Ќе се организираат средби на еминентни експерти од областа на информирањето во дијаспората и квалитетот на учебниците по кои се предава во македонските училишта во странство.
(9) Матицата ќе биде активно вклучена во сите национални манифестации во Република Македонија и меѓу македонците во светот.
(10) Во сферата на информативно-издавачката дејност Матицата ќе го возобнови излегувањето на илустрираното списание “Македонија” со квалитетно подобрена концепција. Во него ќе се печатат и текстови на јазици на земји во кои има најголем број наши иселеници. Списанието ќе ангажира дописници од иселеничките средини, а ќе биде дистрибуирано и по киосците во Република Македонија. Издавачката дејност на Матицата ќе настојува да привлече внимание на Македонците литературни дејци од дијаспората.
(11) Матицата ќе иницира соодветна застапеност на иселеништвото во музеите на Република Македонија како составен дел на историјата на Македонија. Во соработка со музеите на Македонија и друштвата на Матицата низ земјава ќе биде иницирана посебна музејска постановка.
(12) Матицата ќе ги обнови и зајакне постојните друштва на Матицата на иселениците од Македонија и нивната соработка со централното раководство. Ќе се иницира формирање на вакви друштва во големите урбани центри на Источна Македонија.
(13) Во друштвата на Матицата ќе се формираат Совети на млади по примерот на Советот на млади во Матицата.
(14) Ќе се иницираат средби со амбасадорите на земјите во кои има голем број припадници од нашето иселеништво, на кои ќе стане збор за статусот и третманот на нашите сограѓани кои живеат и работат во тие земји.
(15) Ќе се воспостави соработка меѓу Матицата и слични институции во Европа.
(16) За летните месеци, кога во Република Македонија доаѓаат најголем број на иселеници, Матицата ќе отпечати проспект во кој ќе бидат поместени информации битни за иселениците, вклучувајќи ги адресите на канцелариите на друштвата на Матицата. Овие проспекти би биле делени на влезовите на државата во соработка со Министерството за внатрешни работи или царинската управа.
(17) Матицата ќе ја востановена манифестацијата “Денови на иселеништвото во Македонија”, со амбиција таа да прерасне во традиционална. “Деновите на иселеништвото во Македонија” ќе се одржуваат во Отешево секој последен четврток во месец јули.
(18) Матицата ќе го актуелизира прашањето за сателитски пренос на програмата на македонските телевизиски станици, во согласност со барањата на Македонците во светот.
(19) Советот на млади при матицата ќе иницира повеќе форми на соработка помеѓу младите од дијаспората и младите од Република Македонија:
(19.1) Развивање и одржување на веќе постоечките и воспоставување на нови контакти со младите во дијаспората.
(19.2) Проширување на содржинскиот дел на веб-страницата на Матицата со информации од сите области на животот на младите во Македонија (образование, културно-забавен живот, спорт, музика и друго). Овие содржини ќе бидат изразени преку слика, текст, музика и филм. Во “Актуел” страницата секој месец ќе наоѓаат свое место најактуелните настани од животот на младите во Македонија, како и информации за работата на Советот.
(19.3) Целокупната содржина на веб-страницата на Матицата ќе ја изработуваат членовите на Советот на млади.
(19.4) Уредување на младинска страница во списанието “Македонија” во која ќе соработуваат сите млади иселеници кои се занимаваат со новинарски работи или чијашто идна преокупација е новинарството.
(19.5) Посредување и помагање за воспоставување на непосредни контакти помеѓу студенти од сродни факултети за размена на знаења, искуства и информации.
(19.6) Организација на “Македонски младински камп” кој во иднина би прераснал во традиционален собир на младинските организации на Македонците од дијаспората и воопшто на секој млад Македонец кој ќе сака да присуствува на овој камп. Кампот би траел 1-2 недели и ќе содржи посета на историски места во Македонија како и посета на концерти, претстави и воопшто места со забавно-рекреативен карактер. Единствено мото на кампот ќе биде “Да се дружиме – сепак сме сите од Македонија”.
(19.7) Соработка со повеќе младински (студентски) организации од Македонија.
(19.8) Соработка со Советот на млади на Република Македонија.
(20) Матицата ќе продолжи со техничкото доопремување, како и јакнење на аналитичката компонента во работењето на стручната служба на Матицата.
(21) Матицата ќе преземе активности за организирање на “Денови на македонската култура” кои би се одвивале еднаш годишно на различни континенти. На оваа манифестација би учествувале афирмирани културни дејци од Република Македонија, заедно со Македонци културни дејци кои живеат надвор од Република Македонија.
(22) Во рамките на летните активности се предвидува гостување на културно-уметнички друштва од Шведска, Република Хрватска и Република Словенија.
(23) На меѓународниот семинар за македонски јазик и култура покрај учесниците од соседните земји (Република Албанија, Република Бугарија и Република Грција) се очекува да учествуваат и студенти од македонско потекло од Универзитетот во Мелбурн и други универзитески центри во светот каде што студираат Македонци по потекло.
(24) На Струшките вечери на поезијата ќе бидат поканети Македонци поети од дијаспората, членови на литературни друштва или поединци кои, според усвоените критериуми, рамноправно ќе конкурираат за добивање на “Иселеничка грамота”. Покрај настапот на Струшките вечери на поезијата, поетите ќе се претстават и на иселеничките средби во Ресен, Битола, Охрид и Струга,а за прв пат ќе настапат и на востановениот “Ден на иселеништвото”, кој ќе биде промовиран кон крајот на месец јули во Отешево-Преспа.
(25) Личните контакти и присуство на делегациите на Матицата во иселеничките средини е незаменлив приод во имплементацијата на програмските задачи за соработка со нашето иселеништво. Од тие причини се наметнува потребата од престој на делегации на Матицата во земјите од Западна Европа, Австралија, САД и Канада каде што живеат и работат поголем број Македонци.
(26) Матицата ќе води грижа и за Македонците од соседните земји. Се наметнува потреба од присуство односно посети на Матицата во тие средини со цел изворно информирање за тамошните состојби околу нивните потреби и активности.
(27) Грижата околу запишувањето ученици и студенти, деца на Македонци од соседните земји, на образовните институции во Република Македонија ќе биде посебна обврска на Матицата, околу изборот на стипендистите како и околу нивно насочување за запишување на соодветните факултети. Исто така, ќе се следи акцијата за упатување на наставен кадар од Македонија во македонските училишта низ светот.
(28) Во рамките на можностите, ќе се иницира студенти Македонци во соседните земји на универзитетите во Република Македонија да се специјализираат за проблемите на човековите права и слободи.
(29) Матицата ќе остварува средби и контакти со раководствата на одборите на децата бегалци од Австралија, САД, Канада и Источно-европските земји.
(30) Матицата ќе си оформи веб-страница www.maticanaiselenici.com
(31) Оваа Програма влегува во сила со нејзиното донесување.
(32) По еден поримерок од оваа Програма се доставува до: архивата на Матицата на иселениците од Македонија; Владата, Собранието и Министерството за финансии на Република Македонија.

Дел.број 43/2006
15 ноември 2006 година
Скопје

Претседател
на Матицата на иселениците од Македонија
М-р Иван Џо Петрески

© 2012 Матица на иселниците од Македонија - Сите права ги задржува МИМ

Scroll to top