|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.3.9.2010
|
|
|
|
| ВЕСТИ |
ИСПИТУВАЊЕ НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ НА ГАЛУП БАЛКАН МОНИТОР
Македонците не сакаат да се иселуваат
Скопје 18 ноември 2008 (МИМ)
Дури 69 отсто од Албанците во Македонија би го смениле името на државата за да влезе во НАТО и во ЕУ, но поддршката за тоа кај Македонците е драматично мала, па и невидлива (од само три отсто). Овој резултат е од испитувањето на јавното мислење што го спроведе Галуп Балкан монитор, кое опфаќа повеќе интересни аспекти од сите земји во регионот.
Според испитувањето, 46 отсто од Македонците сметаат дека Владата добро си ја врши работата, а најголема разочараност од своите раководства има во Албанија и во БиХ.
Новите држави „оптимисти“ на Балканот се Црна Гора и Косово, додека најцрно на иднината на земјата гледаат граѓаните на Србија, Македонија, БиХ и што е најизненадувачки и Хрватска. Имено, на прашањето дали вашата земја оди во добар правец, дури 64 отсто од Хрватите одговориле со „не“, иако оваа земја е единствената што има реални шанси да влезе во Европската унија.
Значаен број од граѓаните на Балканот, исто така, веруваат дека би имале подобар живот во странство, но, сепак, поголемиот број од нив не би ги напуштиле границите на своите земји. Така, на пример, повеќе од половина од граѓаните во Македонија мислат дека во странство би имале подобри можности за живот и работа (55 отсто), но од оние што би биле подготвени да заминат, две третини не можат да замислат да останат постојано во некоја друга земја. Македонците и Косовците најсилно се идентификуваат со државата, дури над 70 отсто, што веројатно е одраз на фактот дека и двете држави се борат за статус и на тој пат се’ уште наидуваат на пречки.
|
|
|
|
|
|