|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
|
 |
| КУЛТУРА И ТРАДИЦИЈА |
|
|
|
|
|
|
|
|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Четврток.23.5.2013
|
|
|
|
| АКТИВНОСТИ |
МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРБИЈА И ЦРНА ГОРА
Спогодбата за регулирање на односите и за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и СР Југославија од 8 април 1996 година, Договорот за обележување на границата меѓу Македонија и СР Југославија од 23 февруари 2001 година, Законот за заштита на правата и слободите на националните малцинства од 26 февруари 2002 година, како и Спогодбата меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора за заштита на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора и заштита на српското и црногорското национално малцинство во Република Македонија од 6 јули 2004 година се добра основа за унапредување на македонско-српско-црногорските билатерални односи и на положбата и правата на Македонците во Србија и Црна Гора.
Во Србија и Црна Гора правата и положбата на националните малцинства е уредена со Закон за заштита на правата и слободите на националните малцинства (“Службен лист на СР Југославија” број 11/2002).
Законот утврдува право на самоуправа на националните малцинства во областа на употребата на јазиците и писмата на националните малцинства, правото на образование и информирање на јазиците и писмата на националните малцинства и заштитата и афирмацијата на културата на националните малцинства во Србија и Црна Гора.
Членот 5 од Спогодбата за регулирање на односите и за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и СР Југославија, односно Србија и Црна Гора, според која Македонија и СР Југославија се заложија “во потполност да ги штитат правата на припадниците на националните малцинства во рамките на своите граници, а во согласност со највисоките меѓународни стандарди”, и Законот за заштита на правата и слободите на националните малцинства донесен на 26 февруари 2002 година од Сојузното собрание на СР Југославија, се оптимална рамка за унапредување на положбата и правата на Македонците во Србија и Црна Гора.
Во рамките на со Закон, Устав и меѓународни договори утврдените права на националните малцинства, тие во Србија и Црна Гора можат да формираат Национални совети, што се избираат на електорски собранија на начинот и по постапката утврдени со Закон и посебен правилник.
За жал, Македонците Национален совет формираа дури на 11 декември 2004 година, како дванаесетто по ред национално малцинство кое го оствари тоа право.
Претходно, формирани се и на територијата на Србија и Црна Гора делуваат повеќе македонски здруженија.
На 6 ноември 1996 година формирано е Здружението на граѓани со македонско потекло “МАК” од Пожаревац за Браничевскиот округ.
На 28 ноември 2002 година формирано е Здружението на граѓани со македонско потекло “ИЛИНДЕН” од Лесковац за Пчињскиот округ.
На 20 декември 2002 година формирано е Здружението на граѓани со македонско потекло “ВАРДАР” од Ниш за Нишкиот округ.
На 18 февруари 2003 година формирано е Здружението на граѓани со македонско потекло “ВАРДАР” од Панчево за Јужно-банатскиот округ.
На 5 јули 2003 година во Пожаревац со обединување на четирите македонски здруженија, Здружението на граѓани со македонско потекло “МАК” од Пожаревац за Браничевскиот округ, Здружението на граѓани со македонско потекло “ИЛИНДЕН” од Лесковац за Пчињскиот округ, Здружението на граѓани со македонско потекло “ВАРДАР” од Ниш за Нишкиот округ, и Здружението на граѓани со македонско потекло “ВАРДАР” од Панчево за Јужно-банатскиот округ, формирана е Заедница на Македонците во Србија и Црна Гора.
На 13 декември 2003 година формирано е Македонско здружение “Кочо Рацин” во Белград.
На 11 декември 2004 година во Белград формиран е Национален совет на македонското национално малцинство, како своевидна Влада на Македонците во Србија и Црна Гора.
На 12 февруари 2005 година формирано е Здружението на граѓани со македонско потекло “Гоце Делчев” од Врање за Пчињскиот округ.
Инаку во Србија постои и Југословенско-македонско друштво “Шар планина” формирано 1997 година со седиште во Белград и Друштво на српско-македонско пријателство со седиште во Зрењанин, како мешовити друштва на пријателство и соработка, во кои покрај Македонци, за разлика од шесте македонски здруженија, членуваат и Срби и припадници на други национални малцинства.
Собранието на Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора составено е од по два пратеника од секое здружение, кои го избраат Извршниот одбор на заедницата составен од по еден пратеник од секое здружение и надзорен одбор од три члена. Членови на Собранието на Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора се Ѓорѓе Крстов, Верка Митковска, Никола Дуганов, Орце Ивановски, Владимир Костовски, Ивана Цветковиќ, Софија Петковиќ и Гоце Нечовски. За членови на извршниот одбор на Заедницата се избрани Гојко Илиевски, Богомил Тодосовски, Благоја Илиевски, Виолета Јовановиќ и Живко Стојановски. За претседател на извршниот одбор на Заедницата и воедно претседател на Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора избран е Гојко Илиевски, а за секретар е избрана Виолета Јовановиќ.
Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора практично ги спроведе сите подготовки за конституирање на Националниот совет на Македонците во Србија и Црна Гора, утврден со Законот за заштита на правата и слободите на националните малцинства на Србија и Црна Гора, како законско тело кое има задача да се грижи за положбата и правата на припадниците на соодветната националност и за унапредување на истите во поглед на образованието, информирањето, симболите, културата и други прашања од нивен интерес.
Речиси кај сите македонски здруженија преовладува констатацијата за индолентниот однос на македонските власти за положбата и правата на Македонците во Србија и Црна Гора, недоволната заинтересираност на македонската амбасада за Македонците во Србија и Црна Гора и на загрижувачките состојби од процесот на асимилација и апстиненција, поради што Македонците во Србија и Црна Гора речиси последни од сите национални мацлинства го искористија правото да формираат Национален совет.
Само за илустрација, од 48.000 Македонци според пописните резултати од 1991 година, според најновите пописни резултати од 2001 година бројот на Македонците е “намален” на 25.000. Во Панчево е укината единствената радио-емисија на македонски јазик, укината е и единствената страница на македонски јазик во локалниот весник “Панчевац” од Панчево, а од основното училиште “Гоце Делчев” во село Јабука, останато е само името, за разлика од 1946 година, кога во ова населено место 70-80% биле Македонци а македонскиот јазик бил утврден за јазик на општествената средина кој го изучувале сите останати жители на Јабука. Од 25.000 декларирани Македонци по последниот попис од 2001 година, македонскиот јазик го зборуваат помалку од 15.000 Македонци.
Македонците во Србија и Црна Гора бараат македонските власти да подготват скратена верзија на македонската историја, како популарно четиво достапно до родителите и нивните деца, организирање симпозиуми за македонската култура и историја, материјално-финансиска помош за реализација на бројни програми и проекти од зачувувањето на македонскиот идентитет во Србија и Црна Гора и поголемо организирање на Македонците во оваа земја.
Од македонската амбасада во Белград постои декларативна посветеност на проблемите и интересите на Македонската заедница во Србија и Црна Гора, меѓутоа финансиската поддршка на бројните програми и проекти е повеќе од скромна поради слабиот интерес на матичната држава во грижата за положбата и правата на овој дел од македонскиот народ кој живее во Србија и Црна Гора.
Речиси никаква е грижата на Македонската држава за Гораните во Србија и Црна Гора.
Република Македонија има коресподентни институции на Македонците во Србија и Црна Гора - Заедницата на Македонците во Србија и Црна Гора и Националниот совет на Македонците, односно на македонското национално малцинство во Србија и Црна Гора. Овие македонски институции утврдуваат проекти и програми за заштита и унапредување на положбата, правата и интересите на Македонците во Србија и Црна Гора. Владата и надлежните министерства треба да одговорат квалитетно и финансиски на истите, во спротивно асимилацијата ќе продолжува, а последиците по Македонците во Србија и Црна Гора ќе бидат катастрофални и загрижувачки.
|
|
|
|
|
|