|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.3.9.2010
|
|
|
|
| ГЛАСНОСТ |
Боли, ама здраво е!
Ивица АНТЕСКИ
Скопје 20 март 2008 (МИМ)
Во целава оваа провизорна дебата околу тоа треба ли Македонија да го смени името за да влезе во НАТО се кажаа многу работи. Некои точни, некои валидни, некои не. Дебатата е провизорна затоа што е премногу набиена со емоции за да биде разумна. Без намера да дотурам масло на огнот, се обидов да разобличам неколку лажни слики што се обидуваат да ги продадат бранителите на ставот дека НАТО ни е поважен од името.
Пред да скокнат од столчињата оние што не се согласуваат со мене, ги молам да земат предвид дека однапред не отфрлам ниту еден став, само за него барам (како и секогаш) аргументација.
1. Со менување на името ќе влеземе во НАТО
Овие речиси две децении откако на-не-знам-како определивме дека врвен приоритет ни е влезот во НАТО, без аргументи се гради атмосфера дека тоа мора да се случи. На анкетите поддршката за влез во НАТО одеше и до 99 отсто од испитаниците: на секој сериозен аналитичар му е јасно дека тие испитувања на јавното мислење се надувани. Во реалноста, веројатно, НАТО на моменти беше и негативец.
Друг сомнителен факт е и тоа што во земјава речиси и да нема НАТО скептици. Партиските војници на премиерот Груевски, до пред еден месец трубеа дека НАТО ни е врвен приоритет, наеднаш станаа скептици - не зборувам за таков дневнополитички скептицизам, туку за оној принципиелниот. Дури и да го немавме проблемот со името, поведовме ли сериозна дебата во која ги разгледавме негативните аспекти од влегувањето во таков воен сојуз? Не.
Тогаш, не може да се сметаат за сериозни експертите и аналитичарите кои невлегувањето во НАТО го сметаат за негативност сама по себе, а не бараа дебата за ова прашање. Нивниот став е невалиден затоа што не поминал низ филтерот на критиката.
Во еден екстремен случај, прочитав и ставови во кои Грција само ни прави услуга со тоа што ни помага да не влеземе во една воено-хушкачка алијанса.
2. Ако го смениме името, ќе имаме значително подобрување на економската состојба
Многумина посочија дека откако ќе влеземе во НАТО ќе имаме значително подобрување на животниот стандард. Колку е тоа аргумент? Мене искрено тоа повеќе ми личи на поткуп отколку на аргумент. Навистина, кога и самата физичка егзистенција ти е доведена во прашање (со „геноцид со сиромаштија и негрижа“ - Кант), ти си присилен да се откажеш од моралот и етиката, од достоинството и самопочитта. Почнуваш да бараш милост, стануваш питач. Во моментов сме доведени во ситуација на питач кој го моли богаташот да му даде да јаде, а овој за возврат бара питачот да се глупира и да прави будала од себе. Па, размислете и самиот не знам како треба да постапиме - дали за парче леб би се откажале од достоинството? Дали би правеле будала од себе за да добиете пристоен живот? Колку е пристоен таквиот „пристоен живот“?
Ќе најдете и луѓе што би правеле се за да им е полн мевот, ама има и такви кои подобро би умреле од глад, ама би го зачувале достоинството.
3. Постојат валидни и издржани аргументи да го смениме името
Повеќе никој не дебатира за тоа колку држат аргументите што ги приложува грчката страна. Додуша, во сета онаа националистичка хистерија што кај нас се потсилуваше деценија и пол, не знам дали некој добро ги слушна аргументите на Грците. Дали некој ги проанализира? Ако тоа некој го направил и проценил дека држат, зошто порано не ни кажа дека грешиме? Каде е таа совест?
Мислам дека знам. Не е во интелектуалците (што и да значи тој збор). Оние активните најчесто работат за центрите на моќ (партиски, странски, владини, невладини), оние пасивните не знам колку може да се наречат свест.
Што се однесува на оние експерти кои сега почнаа да зборуваат за тоа дека требало да го смениме името: драги пријатели, каде бевте изминативе петнаесет години и згора? Зошто тоа не ни го кажавте порано, па да имаме време да продискутираме за вашите аргументи, колку тие држат? Ова сега не е дебата - ова е јуриш, јавен притисок, кампања...
Еве, да речеме дека главен аргумент на Грција е тоа што и таа има област во северниот дел (?) која се вика Македонија. И? Аргумент ли е тоа? Не. Затоа што според ниедно пишано или непишано правило не е забрането да постојат повеќе држави, области, градови, населби што го носат истото име. Сетете се само дека до падот на берлинскиот ѕид постоеја две Германии.
Како што веќе напишав во минатонеделната колумна, менувањето на името само ќе го замаскира вистинскиот проблем.
Еден блогер од Бугарија прексиноќа ми рече дека во политиката така се решаваат работите - со замаскирување. Можеби е во право. Кој знае какви ќе бидат констелациите за дваесет години? Арно ама, по дваесет години сакам да бидам свесен дека и кога сум бил принуден на самопонижување и отстапки, сум ги нарекувал работите со нивното вистинско име. Боли, ама здраво е.
4. Прашањето е билатерално
Не е. Правно и фактички, доколку не влеземе во НАТО, ние можеме да сметаме дека еден од критериумите за влез во Алијансата е тоа што и пречи што се викаме Македонија. Работите стојат вака: ние бараме влез во НАТО, членките внатре меѓу себе не можат да се договорат дали да ни дадат покана затоа што една членка не се согласува со тоа. Нормално, ние може да лобираме кај некои од нив да се заложат за нашите интереси (затоа што нивниот интерес, ете, се совпаднал со нашиот), ама тоа не значи дека проблемот е билатерален. Напротив. Да ја свртиме малку перспективата: ние со Грците имаме релативно добра соработка и добрососедски односи, посебно на економски план. Проблемот е што овие организации (мислам тука и на ЕУ) не се сигурни дали сакаат да ни дадат покана. Односот е Македонија наспрема НАТО/ЕУ, а не Македонија наспрема Грција.
Овие организации доаѓајќи во пат позиција го префрлаат проблемот на билатерално ниво и ни велат: „решете го тоа, па ќе добиете покана“. Арно ама, со тоа ни додаваат уште еден критериум за влез. Премолчан, но, сепак, критериум. И тоа не е страшно. Страшното е што тоа се премолчува. Извинете, царот е сепак гол.
5. Ако не влеземе во НАТО ќе имаме дестабилизација и некаков бунт на Албанците во Македонија
Се прашувам зошто ќе немаме бунт на Албанците ако влеземе во Алијансата? Да, и јас мислам дека е многу веројатно работите со меѓуетничките односи ако не влеземе во НАТО да тргнат на полошо. Арно ама, тоа нема врска со аргументација, туку со притисок. Тоа е нож под грло. И тоа треба јавно да се каже: влегуваме во Алијансата не поради тоа што имаме огромна желба и љубов кон воениот сојуз, туку затоа што имаме нож под грлото.
П.С. Почивај во мир Артур Кларк. Да не беше овој апсурден проблем со името, денешнава колумна ќе ти ја посветев тебе.
|
|
|
|
|
|