|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ВЕСТИ |
СРЕДБА МИЛОШОСКИ-МЕТА ВО ТИРАНА
Добри односи меѓу Македонија и Албанија, економијата приоритет
Скопје, 09 февруари 2010(МИМ)
Односите меѓу Македонија и Албанија се добри, но треба да се работи на продлабочување во економската сфера, оценија министрите за надворешни работи Антонио Милошоски и Илир Мета, на вчерашната средба во Тирана. Усвојувајќи ги европските принципи на дијалог, пријателство и заемно разбирање Македонија и Албанија даваат најголем придонес во европската иднина на регионот, рече Милошоски во обраќањето на дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Албанија.
Шефот на албанската дипломатија повтори дека Албанија го поддржува влезот на Македонија во НАТО и оти се надева дека ќе се надминат сите пречки за Македонија да стане дел од Алијансата.
- Заинтересирани сме за натамошното одвивање на реформите во Македонија, кои го забрзаа евроинтеграциски процес, рече Мета, заложувајќи се за целосна имплементација на Охридскиот договор, што според него ќе го забрза и процесот на влез на Македонија во ЕУ.
Клучни проекти за двете земји остануваат изградба на Коридорот 8, но и зајакнувањето на трговските односи.
Милошоски изрази задоволство што граѓаните на Албанија слободно ќе можат да ја изразат својата национална припадност и вероисповед на претстојниот попис.
- Тоа ќе биде добра можност за Македонците кои живеат во Албанија како лојални граѓани да ја изразат својата национална припадност и да станат поинтегриран дел на албанското општество, изјави Милошоски.
Милошоски вчера се сретна и со албанскиот претседател Бамир Топи, премиерот Сали Бериша и од претседателот на Парламентот, Жозефина Топали.
Во април, албанскиот претседател Бамир Топи ќе ја посети Македонија, за кога е планирано и одржување бизнис-форум, а поканет е и премиерот Сали Бериша. Двете Влади се очекува наскоро да потпишат и спогодба за соработка во контекст на пристапувањето во ЕУ.
ИМАМЕ НАЈЛИБЕРАЛЕН ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ
Запрашан за изучувањето на македонскиот јазик од прво одделение за децата од другите заедници, Милошоски рече дека Македонија е една од земјите со најлиберален образовен систем, каде секоја заедница има можност да се школува на својот мајчин јазик.
- Учењето на македонскиот јазик може да придонесе за концептот на мултиетничка Македонија. Свесни сме дека понекогаш и образовните проекти се под влијание на политички дебати, рече Милошоски, посочувајќи дека предизвиците можат да се надминат. Тој изрази задоволство од конструктивната инволвираност на клучните партии на Алабанците во Македонија за разрешување на овој случај.
|
|
|
|
|
|