|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.10.9.2010
|
|
|
|
| ВЕСТИ |
Македонците во Грција се факт
Скопје, 09 февруари 2010(МИМ)
Македонците и другите малцинства во Грција се’ уште имаат проблеми при искажувањето на својот идентитет, се вели во извештајот на Комитетот за правни прашања и за човекови права на Советот на Европа. Извештајот насловен како „Заштитата на малцинствата во Европа“ е објавен на 20 јануари годинава и е изработен од пратеникот од Латвија Борис Цилевич, инаку репортер за малцинствата на СЕ, кој вели дека лично ја избрал Грција како земја за анализа.
Цилевич побара Грција без одлагање да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и да ја потпише и ратификува и Европската повелба за малцински и регионални јазици.
Од денеска во тридневна посета на Грција е и комесарот за човекови права на Советот на Европа, Томас Хамарберг, кој во Атина ќе се сретне со премиерот Јоргос Папандреу и со други претставници на властите, како и со претставници на невладиниот сектор и на малцинствата. Теми на разговорите ќе бидат состојбата со азилантите и со малцинствата во Грција.
- Целосно го поддржувам предлогот на комесарот до грчката влада да создаде консултативен механизам на национално, на регионално и на локално ниво со што ќе се обезбеди институционален, отворен и искрен дијалог со претставниците на различните малцинства - се вели во извештајот на Цилевич.
Известителот, исто така, бара грчките власти внимателно да ги истражат обвинувањата за дискриминација и нетолерантност кон лицата што велат дека имаат македонски идентитет и соодветно да ги казнат таквите акти.
Еден од лидерите на „Виножито“, партијата на Македонците во Грција, Павле Васкопулос, оцени дека извештајот на Цилевич е добар.
- Станува збор за многу добар извештај, кој е продолжение на претходните што ги направија Европската комисија за борба против расизам и нетрпеливост, како и тој на независната експертка на ОН Геј Мекдугал. Очекуваме таков да биде извештајот и препораките и на комесарот Хамарберг - изјави Васкопулос.
Цилевич забележува дека „лицата што сакаат да ги изразат својот македонски или турски идентитет предизвикуваат непријателство кај населението и се цел на предрасуди, стереотипи и понекогаш се дискриминирани, особено на пазарот на трудот“.
- Грција повтори дека не признава постоење на македонско малцинство. Иако не признава какво било национално или јазично малцинство, сепак, грчките власти признаваат дека во северна Грција постои мала група лица кои без ограничувања, освен грчкиот јазик, користат и словенски говорен идиом“.
Цилевич во извештајот додава дека во изминатите 15 години ситуацијата со македонската зедница се подобрила, иако има поединечни случаи на застрашување (на работа, со добивање грчко државјанство, со имотите или за верски прашања). Тој потсетува дека уште не е спроведена одлуката на Судот за човекови права во случајот со Сидеропуилос, односно за регистрацијата на Домот на македонската цивилизација.
Во извештајот Цилевич потсетува и на законот од 1982 година, кој ги погаѓа најмногу етничките Македонци, според кој се предвидува репатријација само за „Грците по ген“, а истата одредба се однесува и за имотите на лицата што државата им ги конфискува по граѓанската војна.
- На културната разновидност не треба да се гледа како на закана, туку како на богатство и секој обид да се спречи изразувањето на идентитетот на личноста или на групи е неприфатливо - истакнува известителот Цилевич.
Според експерти за човекови права, слабост на извештајот е што тој се однесува само за Македонците што живеат во Лерин, регион што Цилевич лично го посетил. Македонците се населени на целата територија на северна Грција и пошироко.
|
|
|
|
|
|