|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.10.9.2010
|
|
|
|
| КУЛТУРА |
Кокино пред вратата на УНЕСКО
Скопје, 09 февруари 2010(МИМ)
Значајниот архео-астрономски локалитет Кокино е прогласен за културно наследство од особено значење, во поткатегоријата исклучително значење, што ќе помогне локалитетот да биде впишан во листата со светско наследство на УНЕСКО, соопшти министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска на вчерашната прес-конференција. Донесен е и Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, а во владина процедура е донесувањето на новиот закон за управување со светското природно и културно наследство на истиот регион.
Канческа-Милевска истакна дека во насока на дополнителна меѓународна валоризација на локалитетот Кокино, Владата донела одлука оваа споменична целина да добие меѓународно признат статус, односно локалитетот, кој досега беше на тентативната листа на УНЕСКО, да се обидат да го впишат на листата на светско наследство на престижната организација.
- Со добивањето третман на светско наследство, за Кокино ќе се обезбедат неопходни правни и други услови за негово понатамошно зачувување, трајно ќе се задржат податоците за оваа значајна споменична целина, но истовремено ќе се спречат идни дејства, кои може да предизвикаат исчезнување на сведоштвото за постоењето на праисториските култури на ова подрачје - изјави Канческа-Милевска.
Посебната заштита на Кокино опфаќа повеќе сегменти ,меѓу кои строг режим на заштита, зачувување на изворната состојба на доброто, изработка на планови за уредување на просторот во функција на посетителите, забрана за сите видови истражувања што ќе се вршат со деструктивни мерки. Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура ја доставиле конечната верзија на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион до Комитетот за Светско наследство во Париз. По неговото усвојување, Охридскиот регион ќе добие конкретен и посоодветен третман на координативно управување од сите институции задолжени во неговата заштита.
- Основна цел на овој план е да ги валоризира, заштити и промовира универзалните природни и културни вредности на Охридскиот регион. Охрид се соочува со проблеми во однос на управувањето на културното наследство. Во јавноста се познати појавите на нарушување или неимплементирање на одредбите на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светското културно и природно наследство. Убедена сум дека овој план ќе биде институционална рамка во која општините Охрид, Струга и Дебарца, како и другите субјекти, координирано ќе вложат напори да се заштитат и да го зачуваат Охридскиот регион - рече министерката.
Охрид годинава слави 30-годишен јубилеј од впишувањето на листата на УНЕСКО, а активностите за одбележување на овој јубилеј се поддржани со Годишната програма на Министерството за култура. Министерката информира дека паралелно со подготовката на Планот, се подготвувал закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, кој веќе е доставен до Владата на усвојување. Во 2010 година е предвидено и подготвување закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за споменична целина од особено значење.
|
|
|
|
|
|