|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.10.9.2010
|
|
|
|
| СПОРТ |
Мурињу: Пандев игра како вонземјанин
Скопје, 09 февруари 2010(МИМ)
Горан Пандев игра како да е војземјанин, беа зборовите на тренерот на Интер, Жосе Мурињу, за настапот на македонскиот репрезентативец во победата на италијанскиот првак против Калјари од 3-0. Уште во 6. минута Пандев го најави триумфот погодувајќи за 1-0, а потоа асистираше на третиот погодок, кога реализираше Диего Милито.
- Не можам, а да не го пофалам и морам да дадам комплименти за Пандев. Неговата
игра беше фантастична, едноставно одигра вселенски - рече Мурињу за настапите на најголемото засилување во Европа во јануарскиот преоден рок.
Пандев беше прогласен за играч на мечот и против Калјари. Ова е трет пат во низа Пандев да биде најдобар играч. Во сите три меча во кои беше најдобар, Пандев постигнуваше барем по еден гол и имаше една асистенција. Серијата погодоци струмичанецот ја почна против Бари, потоа беше прецизен и во големото градско дерби против Милан, а сега и голманот на Калјари ја вадеше топката од мрежа по удар на Пандев.
Со оваа победа Интер е се’ поблиску до нова одбрана на титулата во Серија А. „Нераѕурите“ имаат 8 бода пред Рома, но, и меч помалку, тој против Парма.
- Ова е многу важна победа. Јануари го завршивме во голем стил, со победи над Милан и Јувентус, а сега одлично продолжуваме и во февруари. Треба да продолжиме во ист стил. Овие три бода против Калјари се посебно важни, бидејќи Милан повторно не’ победи - вели Мурињу.
Против Калјари, Мурињу прв пат го испроба триото Пандев-Милито-Ето. Популарниот Гоче одлично се снајде во оваа комбинација, а Интер добро функционираше со тројца напаѓачи. Иако немаше играно седум месеци во Серија А, Пандев по само два дена од доаѓањето во Интер доби шанса да се покаже и веднаш ја придоби довербата кај тренерот. За својата игра против Калјари беше избран и во тимот на колото во Серија А.
- Долго време бев надвор од теренот, но сето тоа сега го имам заборавено. Во Интер се вклопив и се чувствувам како да сум тука отсекогаш. Благодарам Интер. Не можев да побарам ништо повеќе. Работам напорно, а на теренот одлично се забавувам - вели Пандев, кој вели дека очекува уште подобри игри.
- Играме добро, но се’ уште можеме да се подобриме. Задоволен сум што освоивме три бода. Ова беше тежок меч, но ние го покажавме нашиот квалитет и заслужено победивме - додаде првата ѕвезда во тимот на Интер во изминатите неколку меча, Пандев.
|
|
|
|
|
|