|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ГЛАСНОСТ |
Историја што не треба да се повтори
д-р Јованка Кепеска
Скопје, 8 февруари 2010 (МИМ) *
Ако популизмот го сфатиме како чинење на политиката пристапна на народот, како ширење на политиката за да стане разбирлива и блиска за широките народни слоеви со што политичките чинители очекувано стануваат омилени во народот, тогаш таквиот популизам е современата демократска суштина на политиката. Политиката, денес, не е и не може да биде голото извршување на власта затоа што таа претставува организација на целокупниот живот во општеството.
Во политичкиот процес народот е политички субјект. Потребно е народот да биде информиран и врз основа на тоа вклучен во општествените одлуки. Современата демократска организација на општеството ги опфаќа меѓутоа освен политичките, и економските, културните, еколошките но и другите аспекти. Затоа не треба да има изненадување што и, условно речено, „десните“ партии остваруваат социјална програма за најшироките народни маси што, претходно, се поврзуваше со „левите“, како партии што се поврзуваа со односот спрема трудот.
Граѓанскиот принцип како елементарен за демократскиот развој на ова ниво на развиеност на општествата и за едните и за другите останува незаобиколив. И како да нема суштинска разлика во програмските определувања кај едните и кај другите, иако натпреварот меѓу нив би се состоел со оглед на тоа колку успешно ги препознаваат проблемите во општеството и се спремни да ги разрешат. Не е затоа јасно што сака да се каже преку критичките опсервации на популизмот во нашето општество. Што всушност тука се критикува? Можеби затоа што популизмот е без реализација на навестените активности, или дека тие не се во функција на ефикасноста на општествената организација? Затоа и се поставуваат прашањата околу популизмот со кој се поврзува нашата актуелна политичка практика. Дали информирањето на граѓаните за различни можности за нивно стопанско поврзување и искористување на фондовски средства, за нивен личен развој (школување и друго) , за социјални мерки, за инфраструктурни, еколошки, катастарски, градежни и други аспекти, се без функција во општествениот живот на граѓанинот? Дали промптното решавање на групни па дури и индивидуални граѓански прашања се нешто што го нарушува демократскиот граѓански концепт? Дотолку повеќе што во мачниот транзициски период се наталожија многу нерешени стопански, социјални, образовни прашања и изостана информирањето и потребната обука на граѓаните за да се вклучат во тие процеси.
Впрочем, заради што пропаѓаа огромни средства од европските фондови затоа што граѓаните не беа информирани и не беа обучени да аплицираат, да наведеме само како еден пример. Во извесна смисла чудна е споредбата на „ нашиот популизам“ со националсоцијализмот. Дотолку повеќе што се превидува фактот дека токму социјалните („социјалистичките“) димензии на програмата во почетокот ги привлекле широките народни маси во националсоцијалистичката партија во Германија. Старите партии, вклучувајќи ја и комунистичката, биле крајно неспособни да понудат решенија за актуелниот живот и неспособни за остварување цели. Бесперспективноста на ситната буржоазија и на лумпенпролетеријатот, погодени со смалувањето на стандардот и масовната невработеност по првата светска војна, ги натерала да се определат да се создаде моќна германска држава која ќе се определи за социјализам сфатен на посебен начин. Со идеолошкиот радикализам и фанатизам во борбата против последиците од поразот во Првата светска војна, против Версајскиот договор за мир, движењето стекнува масовно приврзаници во германските маси иако движењето било против демократско-парламентарниот поредок, надмоќта на финансиско-капиталистичкото општество, на социјалистичко-марксистичкото сфаќање, но и против граѓанската култура, христијанството, особено против Евреите. Широките народни маси станува јасно дека биле заведени и злоупотребени кога се изгубила социјалната компонента и останала само нацистичката ориентација за фашизам.
Имено, забележувајќи ја силата и динамичноста на ова движење и шансата која ја создава за борбата против социјализмот, него штедро го помагаат и ставаат под значајно сопствено влијание, круговите на големиот монополски капитал. Со тоа благиот социјализам на движењето јасно е дека се ублажувал така што останува само пропагандна парола. Додека Хитлер, во познатата т. н. „ноќ на долгите ножеви“, преку ликвидацијата на генералот Рем, наводно заради неговата хомосексуалност, дефинитивно ја ништи социјалната ориентација. Затоа да го оставиме ова мрачно движење да и припадне длабоко на историјата што не треба и не смее никогаш да се повтори.
Авторката е универзитетска професорка
|
|
|
|
|
|