|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
УСВОЕНА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ТУРИЗМОТ ЗА 2010 ГОДИНА
240 илјади евра за туристичка промоција на метрополата
Скопје,8 февруари 2010 (МИМ)
Со 14.770.000 денари, односно 240 илјади евра, Градот Скопје ќе се обиде годинава да ја подобри туристичката промоција на метрополата. Планирана е реализација на голем број проекти, организирање на автобуски туристички тури, туристичка промоција на Скопје преку разновиден пропаганден материјал и преку зачленување во Европската маркетинг асоцијација на европски туристички градови како и преку учество и презентација на туристички саеми, берзи и други туристички манифестации.
Во таа насока, но и веќе традиционална организација, како дел од заживување на туризмот на Скопје вчера планинарскиот клуб Видици и "Гард" Граѓанската асоцијација за рекреативно движење го организираа традиционалниот марш на Матка познат на сите љубители на исконското и природата.
Маршот започна во десет часот пред манастирот "Света Богородица" и патеката водеше преку манастирот "Св. Спас" па се до крајната дестинација, црквичката "Св. Недела". Според организаторите целата патека е испланирана да понуди разгледување на планината и виртуелно враќање на минатото каде таа кулминира со пристигнувањето до остатоците од тврдината Марков Град, највисоката точка на Маршот.
Гоце Илиевски преставник од "Гард" Граѓанската асоцијација и учесник во маршот изјави дека е пријатно изненаден од бројот на пријавените во однос на затекнатите вчерашни временски услови.
- Се уште не сме се собрале сите бидејќи имаме три пункта по пат каде се пресретнуваме и продолжуваме нагоре но можам слободно да кажам дека околу стотина ќе не има на крајот од маршот. Временцето ни се погоди, а снекчето уште толку ја доловува оваа импозантна глетка.
Инаку според Програмата, најмногу пари ќе се потрошат за ревитализација на кањонот Матка 13,7 милиони денари, односно 221 илјада евра. За изработка на општ туристички пропаганден материјал се предвидени 3,5 милиони денари, а за организација на автобуски тури низ градот се предвидени 360 илјади денари.
Во согласност со оваа Програма, средства се предвидени и за разни активности за привлекување туристи преку поддршка на манифестациите што се во организација на Градот Скопје, како Баскерфест и Денови на Крале Марко.
- Финансирањето на Програмата ќе се остварува од таксата за привремен престој на туристите наплатена на подрачјето на Скопје, при што се очекува во градот во 2010 година да се остварат околу 200.000 ноќевања. Реализирањето на Програмата, ќе зависи од динамиката на приливот на средствата, по овој основ, во текот на годината, се вели во образложението на Програмата.
|
|
|
|
|
|