|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ГЛАСНОСТ |
Не ги жртвувајте децата
Филип Петровски
Скопје, 6 февруари 2010 (МИМ)
Уште во ноември минатата година кулоарите почнаа да шушкаат дека се подготвуваат предвремени избори. И дека ќе пукне коалицијата меѓу ДПМНЕ и ДУИ. Ова од едноставна причина што од ДУИ сфатиле дека подолго задржување во коалиција со Груевски ќе ги доведе до рејтинг нула пред нивните гласачи. Нешто слично како што помина претходно ДПА. Но, наводно, договор било, за да се подигне рејтингот, претходно да се повлечат повеќе политички потези. Тие би биле од полза за ДПМНЕ и за Груевски, кој во тоа време почна првпат да добива извештаи дека работата
(рејтингот) оди надолу, а тоа е случај и со коалицискиот партнер ДУИ. Дури за нив и било уште подраматично, оти нивниот рејтинг тоне рапидно и ако не преземат нешто наскоро сосема би ја изгубиле поддршката. Ова беше накратко тоа што тогаш го слушнавме. Проценете сами дали има вистина во тоа.
Во меѓувреме, иако постојано го обвинуваат Груевски, ДУИ никако да ја напушти Владата. Па, имаме постојано слика како оваа партија да е опозиција што е во Владата. Што ќе се согласите е повеќе од чудно. Но, тоа има логика, затоа што ДУИ знае дека ако ја напушти Владата, ќе останат без логистичката поддршка и материјални средства што ги имаат со контролирањето на сметките во министерствата. Односно, ќе ги изгубат алатките што сега ги имаат, со што во ист момент ќе им стане значително потешко да ја придобиваат поддршката на нивното гласачко тело.
Нема логика коалиционен партнер да те нарече Милошевиќ, а ти да не реагираш. Писмото што го упати Фазли Велиу остана без коментар. Немаше ниту реакција на ДПМНЕ ниту извинување од ДУИ. Простете, но на ваква навреда треба да се реагира со, најмалку барање, објаснување за што станува збор. Одозгора на тоа, Велиу е високо рангиран во поранешната ОНА или УЧК. И е вујко на Ахмети. Можно ли е Ахмети да не знае што тоа сака да каже Велиу? Познато е дека ДУИ знае да игра со односот кон јавноста многу вешто. Еве, на пример, Ермира Мехмети, односно со нејзината појава, тие инженерски направија грдото воено лице да се замени со благопријатна форма, која со текот на времето на дел од македонската популација стана прифатлива. Апропо овој елемент, кој не е случаен во градењето на политичкиот лик на УЧК, мислам дека не е случајно што писмото за завршување како Милошевиќ не го испрати Ермира или Теута, туку Велиу. За да се сфати посериозно, особено во гласачкиот дел што го покрива ДУИ, писмото го испрати Велиу. Па, тоа ме води на заклучок дека, всушност, наголемо се работи на подготовка на гласачкото тело за предвремени избори.
Ама, по се’ изгледа, дека не беше доволна заканата за Груевски, за да се подигне рејтингот на сигурно ниво. Еве минуваат месеците, а се’ уште не се решаваат да се испробаат на избори. Значи, нешто не штимува во инженерингот. Токму затоа ми се чини дека се определија да заиграат на најризичната карта. Односно да се донесе одлука да се воведе македонскиот јазик за учење од прво одделение. Мислам дека имам право да коментирам за овие прашања, ако се сетите на 1997 година и на протестите што тогаш ги направивме, кога гласно предупредивме што ќе се случува со Македонија во иднина, ако не се запази учењето на македонски јазик. Предупредивме дека ќе се растури образовниот систем. Дека не може да се создаде блискост ако не се знае јазикот што го зборува мнозинството и кој е официјален во државата. Замислете да живеете во САД а да не го знаете англискиот јазик. Како ќе се пласирате во тоа општество? Предупредивме дека не може да се создаде нација, ако нема штоф што ќе поврзува. За жал, сите побрзаа да не’ прогласат за националисти и за фашисти. Но, јас сега имам на што да се повикам во смисла на политичкото кредо и да ги прашам другите истовремено што тоа тие сега прават.
Еве што сега се прави. Етничка тензија за политички потреби. Етничка тензија да се подигне рејтинг. Демек, погледнете колку се тие (ДПМНЕ) националисти и големи патриоти. Подготвени се на се’, само да се учи македонскиот јазик секаде низ татковината. Но, ако се има предвид дека се’ е однапред договорено, дека одлуката се применува, односно се наметнува на средина од учебната година, станува ептен проѕирно оти сосема поинакви се намерите на режимот. Како тоа сега му текна на министерот? Или сега научи што треба да прави дека дејствуваше како од Марс паднат, кога го сместија во фотелја за да ги заврши однапред замислените игри. Оти возрасен и зрел човек, стручен во полето на образованието знае дека тоа е најжешкото министерство отсекогаш. Па, затоа си најдоа човек што може се’ да направи без многу да прашува или, пак, да се грижи за последиците што ќе ги предизвика. Зрел човек никогаш не би прифатил да ја игра оваа игра што можеби изгледа привлечно на високо ниво, но игра што во училиштата создава поделби и која веќе за одредени ученици е трауматично искуство. Зошто? Па, затоа што во одредени училишта, очекувам тензијата само да се зголемува во наредните денови, веќе има судири меѓу учениците. А каде што има пресметки некој секогаш го извлекува подебелиот крај. Една вистински одговорна власт што му мисли добро на својот народ тоа никогаш не би си го дозволила.
Сега, по овој експеримент, може да зборуваме дека и целосно меѓуетничките односи се на раб на конфликт. Патриотизам ли е тоа? Да ја имаш целосната власт, а, сепак, да играш на картата да ги заоструваш состојбите. Истражувањата покажаа дека состојбата сега потсетува на 2001 година првпат оттогаш. Што никако не може да биде добро. Затоа треба јасно да им се каже на потпалувачите на тензијата дека планот е проѕирен и да престанат. Да престанат додека е време. За да не се каеме сите подоцна.
Истовремено, мора да се каже дека односот кон меѓународните претставници е спуштен на ниво што е слично на Лукашенко или на Чавез. Да им се држат лекции на Фуере, Рикер или на Хереро, никако не може да има бенефит за државата. Имаше такви обиди во минатото. Тие завршија неславно. Нема услови и сегашното перчење да заврши поинаку. Не сме посилни од меѓународната заедница. Таа не е тука поради неа, туку по наше барање. И нејзиното трпение не е бесконечно. Затоа освестете се. Не не’ ставајте сите во конфликтни ситуации внатре во државата и секако со остатокот на светот.
Да не се разбереме погрешно, македонскиот јазик треба да се учи. Мора да постои алка што ќе не’ врзува. Но, тоа не смее да биде насилно и за предизборни потреби изведено на ваков начин. Има начини. Ако не знаете вие, не значи дека тоа и другите не го знаат.
(Авторот е докторанд по меѓународна политика)
|
|
|
|
|
|