|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Перспективи за заживување на Пониква
Скопје, 6 февруари 2010 (МИМ)
Со пат преку туристичкиот центар Пониква ќе се поврзуваат општините Пробиштип и Кочани. Ова е предуслов за позабрзан развој на туристичкиот локалитет што се наоѓа на границата меѓу двете општини. Градоначалниците на двете општини во друштво на урбанисти и архитекти разговараа на оваа тема, но и за изработка на детален урбанистички план за нови триесет хектари на Пониква. На овој терен се предвидуваат нови плацеви за изградба на туристички капацитети од комерцијален и од некомерцијален тип.
За двајцата градоначалници Ратко Димитровски на Кочани и Тони Тоневски на Пробиштип, изградбата на патот и новите плацеви се главен услов за заживување на Пониква, како и на населените места.
„Пониква е на надморска височина од 1.640 метри. Нуди непрегледни шуми и ливади за прошетки, шумски плодови во изобилство, има вода и струја. Постојат ски-лифтови, но посетеноста не е на потребното ниво. Речиси две децении е перспективен туристички центар во овој дел од државата, но досега не успеа да стане значајна точка на туристичката мапа во Македонија. На урбанизираниот дел од планината сега имаме стотина викендички и само пет комерцијални капацитети, од кои во четири со капацитет од сто легла може да се ноќева. Со изградба на пат и со проширување на зоната за градење ќе направиме квалитетен исчекор“, нагласува градоначалникот на Кочани.
Со донација од УНДП ќе се изработи детален урбанистички план на триесет хектари, кои се на територијата на двете општини. Пробиштипскиот градоначалник Тоневски вели дека наскоро ќе биде распишан тендер за изработка на урбанистичкиот план. „Овој процес го правиме заедно со Општина Кочани како дел од проектите зацртани во агендата за развој на источниот плански регион. Сепак, приоритет на Општина Пробиштип е изградбата на патот до Пониква. Така ќе се поврземе со Општина Кочани, а патот ќе се скрати од 60 километри на само 30. Потребно е само да се асфалтира веќе пробиен и тампониран пат во должина од десет километри. Според генералниот проект, од Пониква патот треба да продолжи кон Македонска Каменица и на тој начин ќе дојде до поврзување на двете рударски општини по најкусата можна сообраќајница“, објаснува Тоневски.
На вчерашниот состанок на Пониква беше искажан оптимизам дека изградбата на патот што има големо значење за развој на еден од најнеразвиените региони во државава, финансиски ќе биде поддржан од Агенцијата за државни патишта. Тоа, според двајцата градоначалници, ќе значи препород на целото туристичко подрачје.
Инаку, на Пониква дневниот пансион во комерцијалните одморалишта е само дваесет евра. Туристичкиот центар нуди најевтини услуги во Македонија. Димитровски нагласува дека на овој туристички центар му недостасува управувачки орган што ќе води сметка за целиот комплекс, бидејќи сега се’ е препуштено на имателите на објекти на планината. Последнава година ЈП „Водовод“ од Кочани ја презеде обврската да води грижа за хигиената на Пониква. Одморалиштето повеќе не е зона загадена од човековата негрижа.
|
|
|
|
|
|