|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Од март ново поевтинување на кредитите
Скопје, 6 февруари 2010 (МИМ)
Иако во рок од три месеци трипати Народна банка на Македонија ја намалува основната каматна стапка по 0,5 процентни поени, сепак, кумулативно падот од 1,5 отсто е веќе посилен сигнал за банките да може да влезат во похрабро намалување на каматите.
Каматата на благајничките записи што со завчерашната корекција е сведена на 7, 5 проценти, полека се приближуваа до онаа од пред кризата кога изнесуваше седум отсто. Бизнисот овој потег на НБМ го оценува како позитивен, но остануваат на барањето каматата на благајничките записи во наредните месеци да се симне до шест проценти.
Банките по сигналот на НБМ најавуваат ново поевтинување на кредитите, што најверојатно ќе важи од март, а овој пат ќе бидат опфатени и потрошувачките кредити за кои граѓаните се најзаинтересирани.
„Ќе ги намалиме каматите. Правиме пресметки за кои производи и по колку ќе изнесува намалувањето на каматите. Ќе ги приспособиме каматите кај сите производи, а и кај потрошувачките кредити ќе има пониски камати. Штом ќе пресметаме ќе ги соопштиме новите каматни стапки“, изјави вчера Маја Стевкова-Штериева од Комерцијална банка. Според неа, постепеното намалување на основната каматна стапка од страна на централната банка по 0,5 отсто е непријатно за банките од технички аспект, поради што ги ревидираат пресметките и анализите за каматите, во рок од само неколку месеци. Но, Штериева, сепак, смета дека тоа е работа на НБМ, која тоа го прави, најверојатно, поради одредени ризици.
А банките пред само неколку дена почнаа да пресметуваат пониски камати во просек од еден до три процентни поени. Со овој потег тие отворија простор и за зголемување на кредитната активност. Растот на кредитирањето го ревидираше и НБМ со последните проекции, а годинава се очекува, место 6,5 отсто, тој да изнесува девет проценти.
„Третото последователно намалувањето на референтната каматна стапка на НБМ на 7,5 отсто е охрабрувачки сигнал за стимулирање на кредитната активност. Тоа, заедно со ревидираните проекции за повисок кредитен раст на годишна основа на девет отсто, внесува оптимизам во очекувањето за возобновување на кредитната активност во земјава“, вели Јитка Пантучкова, претседател на Управен одбор на Охридска банка.
Оваа банка веќе интервенираше и ги намали каматните стапки и тие важат од 1 февруари. Кај кредитите за население намалувањето се движи до 3,73 отсто, кај хипотекарните кредити до 3,63 проценти, а кај станбените кредити до 3,55 отсто, кај автомобилските кредити до еден отсто и кај потрошувачките и кај кредитите со 100 отсто депозит.
За фирмите, пак, новите каматни стапки се движат од седум отсто за краткорочни кредити и од 7,5 проценти за долгорочни кредити и се детерминирани од бонитетот на корисникот на кредитот.
И од Прокредит банка која важи за банка што, главно, е насочена кон компаниите, велат дека повторно ќе ги намалат каматите за уште 0,5 отсто. „Ќе има ново намалување на каматните стапки. Тоа ќе изнесува околу 0,5 процентни поени, колку што и НБМ ја намали референтната каматна стапка. Прокредит веќе ги намали каматите на почетокот на годинава во просек за еден отсто, по двете претходни корекции на НБМ. За 10-15 дена очекуваме да ги адаптираме новите камати“, вели Јованка Јолевска-Поповска, директорката на Прокредит банка.
Банкарите, покрај намалувањето на каматите, најавуваат и поголема флексибилност во одобрувањето нови заеми, но, сепак, не очекуваат драстично зголемување на кредитните барања. Во јануари годинава, најверојатно поради тоа што се чекаше да поевтинат кредитите, интересот кај граѓаните и кај фирмите бил слаб. Сигналот што сега го испраќаат централната банка и комерцијалните банки влева оптимизам дека оваа состојба ќе се промени. За банкарите токму падот на каматите е обид да ги поттикне граѓаните и фирмите да се заинтересираат за нови заеми, но и за нови инвестиции.
И бизнис-заедницата овој потег на НБМ го оценува како позитивен, а од банките очекуваат поголема флексибилност. „Како позитивна ја оценуваме последната одлука на централната банка. Очекуваме адекватно да реагираат и банките со намалување на каматите и со поголеми шанси за пласирање на кредитите во реалниот сектор. Наш став е дека каматните стапка на благајничките записи во наредните неколку месеци треба да се сведе на шест проценти“, изјави вчера Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.
|
|
|
|
|
|