|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.10.9.2010
|
|
|
|
| РЕПОРТАЖА |
Билјана Серафимовска
Македонско девојче пред кое се покоруваат планините
Скопје, 6 февруари 2010 (МИМ)
Билјана Серафимовска,18-годишна струмичанка, студентка во прва година на психологија на Меѓународниот славјански институт „Гаврило Гаврилович Державин“ во Свети Николе е најмладата Европејка што се искачила на планински врв повисок од 6.000 метри. Нежното девојче, високо 163 сантиметри и тешко педесет килограми, во октомври минатата година го освои врвот Ајланд Пик на Хималаите, висок 6.189 метри. За Билјана досега оствареното е само тренинг, специфичен вид подготовка пред остварувањето на нејзиниот сон - освојување на Монт Еверест, покривот на светот висок 8.848 метри.
Пред да се искачи на Ајланд Пик, Серафимовска веќе ги имаше освоено Мон Блан во Франција (4.807 метри) и Елбрус на Кавказ, висок 5.642 метри.
„Одам од пониските кон повисоките врвови се’ додека не го освојам и величествениот Монт Еверест“, ни рече Серафимовска на почетокот од разговорот.
Спортското качување и алпинизмот се традиција во струмичкото семејство Серафимовски. Таткото Серафим е познат алпинист, кој во 1989 година беше дел од меѓународната експедиција на Монт Еверест кога во бескрајните, недогледни белини животот го загуби нашиот најдобар алпинист Димитар Илиевски - Мурато. Нејзиниот три години постар брат Кире е најдобриот спортски качувач на природни карпи во Македонија. Покрај трите освоени врвови и многубројните успеси во спортското качување, Билјана, пак, има двоен сон: да дипломира на психологија и да го освои Монт Еверест.
„Кај нас се вели каков татко, таков син. но во мојот случај излезе каков татко, таков син, а таква и ќерка“, раскажува Билјана. „Само мајка ми Весна е надвор од сето тоа. Само таа трепери при секое наше качување по карпи или кога одиме да освојуваме високи планински врвови. Љубовта кон екстремниот спорт, како што е спортското качување, ја наследив од мојот татко Серафим, кој таа опсесија веќе му ја имаше пренесено на брат ми Кире. Уште од шестогдишна возраст, како семејно трио, предводени од нашиот татко ние одевме по македонските планини, па со него и од него најдобро научив што е тоа спортска ориентација во непознати простори.
Пред пет години започнав да се занимавам со дисциплината спортско качување. Тоа е едно неповторливо чувство кога освојувате речиси непристапни терени. Чувство во кое зоврива крвта, се крева адреналинот, а чувството на задоволство, убавината на успехот кога опасната етапа успешно ќе се заврши е нешто неповторливо. Се качувам по природни карпи, но и по вештачки. Најчесто сум на Матка и во клисурата кај Демир Капија, но неретко освојувам опасни височини на карпи надвор од државава. Почесто одам да тренирам и на една карпа во Грција, исклучиво поради нејзина височина од 150 метри. Има природни карпи, мазни како стакло, тие сега се тренд во спортското качување во светот и најголем број качувачи ги бараат токму таквите места, а и јас најмногу ги обожавам“, вели Серафимовска. Таа додава дека во Струмица, нејзиниот роден град, локалната власт поставила вештачка карпа на која таа редовно тренира.
„Сепак, нам ни се потребни вештачки карпи со поголеми височини. Поради тоа, со задоволство ја примив веста дека Агенцијата за млади и спорт во Скопје ќе постави највисока вештачка карпа во Европа. Тоа воопшто не е каприц или игра. Тоа е и можност многу млади луѓе да научат без страв да ги совладуваат височините, за потоа да се стават во служба на институциите за спасување лица во тешки услови и на непристапни стрмни и високи терени“, додава Серафимовска.
Девојчето што неодамна стана полнолетно, минатата година во октомври го искачи врвот Ајланд Пик на Хималаите. На неполни 18 години таа се најде на познат планински врв повисок од шест илјади метри, односно се качи точно на 6.189 метри височина.
„Во освојување на овој врв заминав во рамките на македонско-српска експедиција, која броеше осум вљубеници во планинските височини. Од нашава држава, покрај мене, беа уште и Мине Павловски, Николче Петров и Мишко Таневски. Водач на експедицијата беше Драгољуб Јаќимовиќ од Србија, човек што бил на Хималаите 25 пати, кој Монт Еверест го освојувал двапати и тоа без употреба на маска за кислород“, вели младата алпинистка.
„На Хималаите бевме 22 дена. Дневно во искачување поминувавме по шест часа. Некој ден за тие шест часа искачувавме и по шестотини метри, друг ден само двесте. Напредувањето најмногу зависеше од временските услови. Последниот логор ни беше на 5.100 метри, а од него до врвот Ајланд Пик имавме уште 1.089 метри. Качувањето значително ни го олесни водачот на експедицијата, искусниот алпинист Драган Јаќимовиќ, кој одлично ја имаше поставено патеката што е од исклучително значење за остварување на целта“, укажува нашата најмлада алпинистка.
„Минувавме низ големи снежни наноси, искачувавме огромни карпи, продолжувавме низ глечери по што наидовме на ледена вертикала во должина од 150 метри што беше најтешкиот дел од етапата. Конечно, минувајќи по самиот гребен стигнавме до целта. Целиот тој пат го минав со ранец на грбот тежок близу дваесет килограми, речиси половина од мојата тежина“, раскажува Серафимовска.
Бидејки таа била најмлада во експедицијата, сите некако биле насочени кон неа, се грижеле да не заостане, постојано прашувале дали е се’ в ред со неа, како го поднесува качувањето, кое воопшто не е лесно, и за кое е потребна одлична физичка подготвеност и силна психолошка стабилност. „Таму горе на планините секој се грижи за секого, се создава еден посебен психолошки круг, повеќе се мисли на другиот отколку на себе. Јас секогаш го имав на ум советот на татко ми, кој ми велеше дека освојувањето на височините повеќе е прашање на умот отколку на силата“, ги евоцира Билјана своите спомени од освојувањето на Ајланд Пик.
Девојката вели дека глетката од тие височини за неа била импресивна. „Наместо удолу кон логорот, јас гледав угоре кон Монт Еверест, кон покривот на светот што е повисок од Ајланд Пик за 2.657 метри. Гласно викнав „Мој си Монт Евересте. Ќе дојде ден кога ќе те освојам и тебе!“
|
|
|
|
|
|