|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Италијански стопанственици присутни на Балканот ќе ги прошируваат бизнисите и во Македонија
strong> Скопје, 5 февруари 2010 (МИМ)
Енергетиката, земјоделството, занаетчиството и призводството на авто делови се најинтересни сектори за италијанските компании, потенцијални инвеститори во Македонија. Нивни претставници во Стопанската комора се сретнаа со македонски колеги и ги разгледаа можностите за почнување заеднички бизниси.
- Нашите бизнисмени кои се веќе присутни со свој капитал во Бугарија, Албанија и Србија, планираат да се прошират и во Македонија како земја што е дел од балканскиот пазар.
Соработката ја гледаат во малите и средните претпријатија кои се занимават со увоз, извоз, дистрибуција застапништво и трговија, изјави Федерико Каси, претседател на Асоцијацијата на италијанските инвеститори во Бугарија.
Македонија, оцени Каси, има голем потенцијал во агробизнисот.
Тој порача дека здружувањето на македонските и италијанските претприемачи е еден од начините за пребродување на кризата, за подобрување на трговската размена и за зголемување на директните инвестиции.
Стопанствениците од Италија сметаат дека Македонија заостанува во делот на претприемништвото и странските инвестиции, но, од друга страна се убедени дека постои иднина за развој.
Според Стопанската комора, наша предност се договорите за слободна трговија и ЦЕФТА, бидејќи 82 отсто од македонската трговија се одвива на тој начин. Ова на италијанските стопанственици им овозможува поголем проток на стоки со земјите надвор од Европската унија, како големите пазари на Турција и Украина.
Италија е петти најголем трговски партнер на Македонија. Во 2008 година стопанската размена меѓу двете земји била 703,9 милиони американски долари со 61,9 милиони долари трговски дефицит. Лани, пак, трговската размена во првите 11 месеци била за 123,1 милион долари или за 19,2 отсто помала од размената во 2008 година. Извозот е намален за 103 милиони долари или 34,9 проценти, а увозот за 20,1 милион или 5,9 отсто.
Италијанските директни инвестиции во Република Македонија од 2004 до 2008 година изнесуваат 123,69 милиони евра или речиси два отсто од вкупните директни странски инвестиции за истиот период.
|
|
|
|
|
|