|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Ќе се топат каматите на банките
Скопје, 5 февруари 2010 (МИМ)
Уште една најнова причина да поевтинат кредитите - основната каматна стапка на Народната банка на Македонија, вчера падна за дополнителни 0,5 отсто и сега изнесува 7,5 отсто. Банкарите најавуваат дека тоа ќе ги поевтини кредитите, но велат - сега никој не ги бара. Монетарната власт полека ја трга ногата од кочницата бидејќи смета дека се’ уште демнат опасности врз економијата.
Гувернерот на НБМ, Петар Гошев, вторпат годинава ги поттикнува банкарите да ги поевтинат заемите. Советот на централната банка вчера реши да ја намали каматата на благајничките записи за 0,5 отсто, на 7,5 отсто. Толку изнесуваше пред кризата и владиното задолжување дома да почнат да ги делкаат државните девизни резерви и кредитирањето на фирмите и граѓаните.
- Постои подобар амбиент за спроведување на монетарната политика од тоа што претходно го очекувавме. Подобрите оцени за годинава, во комбинација со веќе подобрите остварувања кај девизните резерви во претходната година, отворија простор за дополнително намалување на основната каматна стапка на НБМ - ги образложија во централната банка основните причини за одлуката.
Ова, како и помалиот дефицит во тековната сметка, биле главната причина вчера НБМ да ја ревидира и својата макроекономска проекција за годинава, но и очекувањата за ланскиот краен исход. Во НБМ очекуваат дека економијата во 2009 година ќе забележи пад од 1 отсто, а не како претходната проекција - дека домашниот бруто-производ ќе се намали за минус 1,6 отсто. Поради претпазливост, НБМ не ја коригира проекцијата за растот за 2010 година. Првичната проекција на централната банка беше дека БДП во 2010 година ќе порасне за 1 до 2 отсто. НБМ, сепак, на ситно ја намалува основната каматна стапка бидејќи стравува дека опасноста да се влошат состојбите во економијата се’ уште демне.
- Не се исцрпени ризиците за монетарната политика. Иако ревидиран надолу, проектираниот дефицит во тековната сметка се’ уште е висок. Тоа значи дека неговото финансирање и понатаму е клучен фактор на ризик. Ако капиталните приливи не се исполнат во предвидениот износ, товарот за финансирање на јазот во тековната сметка повторно ќе падне врз девизните резерви. Затоа, ќе продолжиме да водиме претпазлива монетарна политика - велат во НБМ.
Во Банката очекуваат дека заедно со економијата ќе живне и кредитирањето.
Банкарите вчера и’ се израдуваа на одлуката на НБМ, но се сомневаат во проекцијата дека кредитирањето ќе се зголеми. Тие најавуваат дека одлуката ќе влијае да ги поевтинат заемите, но и да ги намалат каматите на штедните влогови.
- Одлуката е за поздравување. Како и претходното, така и ова намалување ќе влијае да паднат каматните стапки на кредитите. Ова е позитивен сигнал што му е потребен на финансискиот пазар. Во последните неколку месеци фирмите и граѓаните престанаа да бараат кредити. Сепак, овој месец не е репер во економијата бидејќи има многу неработни денови. Февруари ќе даде одговори на многу прашања - вели директорот на НЛБ Тутунска банка и претседател на Здружението на банкарите на Македонија, Ѓорги Јанчевски.
НБМ очекува дека банките ќе поделат за 3 отсто повеќе кредити во првото тримесечје споредено со истиот период лани. Кредитирањето ќе расте бидејќи порасна штедењето во банките, а доаѓаат и парите од кредитната линија на Европската инвестициска банка и од заемите од банките од странство. Поради сето тоа, како и затоа што граѓаните ќе трошат повеќе, Македонија на крајот на првото тримесечје ќе излезе од рецесија, прогнозира НБМ.
|
|
|
|
|
|