|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗОРАН СТАВРЕСКИ ЗА ИТАР-ТАСС
Руските инвестиции во 2010-2011 двојно да се зголемат
Скопје, 4 февруари 2010 (МИМ)
Енергетиката, градежништвото, прехранбената индустрија и туризмот се неколку од секторите што би биле посебно интересни за руски инвеститори. Ова во интервју за руската агенција ИТАР-ТАСС, го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески кој уште еднаш ги потврди заложбите на македонската Влада континуирано да создава уште подобри услови, но и поотворен механизам за помош и поддршка на странските директни инвестиции.
-Во таа насока, ги поканувам сите руски потенцијални инвеститори да се одлучат да инвестираат во Македонија, која во вистинска смисла на зборот не само што нуди најповолни услови за инвестирање во регионот, туку дава и најсоодветна помош и поддршка на странските инвеститори. Изразувам надеж дека постоечкото позитивно искуство кое го имаат руските инвеститори во Македонија во соработката со Владата на РМ, ќе придонесе обемот на руските инвестиции во 2010-2011 двојно да се зголеми - нагласува Ставрески во интервуто.
Тој истакнува дека има потреба од поголема владина поддршка од двете страни во делот на организирање на информативни претставувања и бизнис-форуми, заради првично информирање и воспоставување на контакт меѓу стопанствениците од двете држави.
-Покрај фокусираноста на московскиот пазар, ни претстојат поголем број регионални преставувања низ територијата на Руската Федерација, каде на стопанствениците од двете држави ќе им се озвозможи меѓусебно да контактираат. Истовремено, Македонија ќе продолжи со активна промоција на туристичкиот потенцијал - вели Ставрески.
Министерот за финансии смета дека е потребно да се дооформи правната рамка која би овозможила либерализиран трговски режим меѓу двете земји.
-Очекувам Руската Федерација еднострано да обезбеди услови за повластен преференцијален третман на увозот на определени македонски производи (текстил, вино, вино-материјал, конзервна индустрија и раноградинарски производи). На овој начин очекувам дека ќе се зголеми обемот на трговската соработка, но и ќе се намали постоечкиот дефицит на македонската страна кој е континуирано присутен - потенцира Ставрески.
Тој во интервјуто го нагласува интересот за соработка со рускиот нафтен гигант Гаспром кој треба да ја направи гасификацијата на Македонија во рамки на договорот за клириншкиот долг со Русија што треба да биде потпишан до април.
-Во разговорите со руската страна, ми беше потврден и нивниот интерес за затворање на ова прашање согласно нашиот предлог, што соодветно е одразено и во билатералната Спогодба која многу скоро ќе биде потпишана, веднаш по завршувањето на внатрешно-правните процедури во двете земји - вели Ставрески во интервјуто за ИТАР-ТАСС.
|
|
|
|
|
|