|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Среда.8.9.2010
|
|
|
|
| ЕКОНОМИЈА |
Неискористени потенцијали
Трпезното грозје да се врати на македонските лозја
Скопје, 4 февруари 2010 (МИМ)
Македонија годишно призведува 30.000 тони трпезно грозје, на површина од 5.000 хектари. Потенцијалите се многу поголеми, до 150.000 тони. Ако од овие количини се извезат 120.000 тони, може да се очекува девизен прилив од 60 милиони евра, многу повеќе и од извозот на виното и од извозот на јагниња.
“Македонија има недоволно засадени површини со трпезни сорти грозје, а имаме идеални услови за тоа. Искористеноста на погодните локации за тоа е многу ниска, затоа во иднина треба да дадеме поголема тежина за подигнување на трпезни сорти грозје”, вели Звонимир Бошковиќ,
професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, од катедрата за лозарство. Тој објаснува дека многу се поголеми приходите по единица површина од трпезното грозје отколку од винското. Најпогодни реони за одгледување на трпезно грозје се топлите виногорја, како Тиквешкото, Гевгелиско-валандовското, Струмичко- радовишкото, делови од Овчеполието и Велешко. Поволните климатски услови овозможуваат да се произведува грозје со одличен квалитет. Впрочем земјава тоа го покажа и во осумдесеттите години кога целокупното тогашно производство го пласираше на големиот југословенски пазар.
Потребите за трпезно грозје во Македонија сега се задоволуваат со увоз од Јужна Африка, Чиле, Аргентина.
Дека потенцијали има и сега, потврда е фактот што европскиот просек на потрошувачка на трпезно грозје е околу седум килограми годишно. Засега Европската унија увезува 10% од потребите за трпезно грозје. Италија го држи приматот на најголем производител на трпезно грозје во светот.
“Кај нас тренд е да се засадуваат поголеми површини со трпезни сорти грозје, а да се искоренуваат винските сорти грозје”, изјави за Капитал Винченцо Коучо, професор на универзитетот во Униде, Италија.
Овој тренд ни го потврдија и од ВЦР Рушедо, најголема компанија за производство на лозови садници во светот.
“Ние имаме проблеми да ги обезбедиме потребните количини на садници за трпезни сорти грозје од одредени сорти поради големата побарувачка”, ни изјави Весна Видас, претставник на ВЦР Рушедо за територијата на поранешна Југославија.
ПРЕДНОСТИ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ТРПЕЗНО ГРОЗЈЕ
Македонија има огромни предности за производство на трпезни сорти грозје. Овој апел на претставниците на науката, мора да се сфати посериозно и да се посвети поголемо внимание во одгледувањето на трпезните сорти грозје, за да можат да се искористат предностите кои ги има Македонија. Ние не можеме да ги задоволиме нашите потреби кога имаме големи количини на грозје набрано од страна на индивидуалните лозари. Годишните потреби за грозје во Македонија се 14.000 тони годишно.
Проблемот околу производството на трпезно грозје е комплексен и за неговото решавање треба сериозно да се зафатат сите субјекти од производители, трговци, супермаркети, а потребна е помош од науката и од државата. Сите земји од Европската унија кои се производители на трпезно грозје добиваат субвенции од државата. За разлика од кај нив, тоа во Македонија не е случај. Кај нас државата освен садници не субвенционира ништо друго.
“За трпезното грозје нема никаква субвенција. Државата треба повеќе да го субвенционира трпезното грозје, затоа што кај нас насадите се застарени и треба повеќе време за обнова на истите”, ни изјави Миле Милев, комерцијален директор на ГД Тиквеш, Кавадарци, најголем производител на грозје во Македонија.
За да се постигне подобро производство треба поголемо учество и на науката, односно воведување на нови посовремени сорти грозје кои се поотпорни на транспорт и кои можат да се чуваат подолго време. Сковин е претставник на најголемата компанија за производство на лозови садници во светот за Македонија. Оттаму тврдат дека се подготвени да ги донесат најдобрите сорти трпезно грозје во светот.
“Ние сме застапници за италијанската компанија за производство на садници ВЦР Рушедо. Нашите партнери можат да ги обезбедат најдобрите сорти грозје кои одговараат на македонското поднебје”, ни изјави Јани Ќука, координатор за трпезни сорти грозје во Сковин.
Подобра сорти на грозје бараат и извозниците. Тие се жалат дека македонските сорти не се повеќе конкурентни на странските пазари.
“Ние бараме од нашите производители да засадат грозје од новите сорти како “викторија”, “мишел палер”, “рибиерот”, додека традиционалните сорти што ги има кај нас како “афусали” и “цардинал” не се веќе квалитетни за извоз”, вели Блашко Темов, сопственик на фирмата Пеца- комерц од Кавадарци.
На македонските лозја, од трпезните сорти, најмногу е застапена сортата “афусали”, која е засадена пред 30 години. Оваа сорта е многу лоша за транспорт и за чување, за разлика од новите сорти кои имаат многу подобри карактеристики при транспортот. Втора најзастапена сорта е “кардинал” која се консумира веднаш по бербата.
ПЛАСМАНОТ НА ГРОЗЈЕТО Е ДОПОЛНИТЕЛЕН ПРОБЛЕМ
Македонските компании мора да поработат и на пласманот на трпезното грозје. Сегашната стихијна продажба во периодот на берба создава огромна конфузија при неговиот пласман. Извозниците се жалат дека со лошите навики на продажба на грозјето трпиме штети и не можеме да се пробиеме на странските пазари.
“Целото откупено грозје го извезуваме на територијата на поранешна Југославија и дел за Германија, но оттаму имаме забелешка заради начинот на пакување и заради квалитетот на грозјето. Затоа јас воведов сопствено пакување”, ни изјави Темов.
Со слични проблеми се соочува и ГД-Тиквеш од Кавадарци кои имаат засадено околу 250 хектари со трпезно грозје.
“Со овој квалитет и со ваков начин на пакување, можеме да извеземе само во Србија, Романија, Русија и Белорусија. Веќе и рускиот пазар не е тоа што беше и тие бараат квалитет”, ни изјави Милев.
Експертите потенцираат дека и покрај промената на асортиманот, неопходно е да се воведе и подобра амбалажа за пакување на грозјето како и проширување на капацитетите за ладење на грозјето. Со започнувањето на сезоната за берба на трпезните сорти грозје од индивидуалните производители не можејќи да го чуваат грозјето го даваат по ниска цена, со што е многу погрешно да се подигне цената подоцна.
Производителите сметаат дека за издигнување на оваа гранка на ниво на индустрија мора да се реши проблемот со индивидуалните производители. Да се изградат ладилници каде ќе се складира грозјето и да го пушти на пазарот кога ќе има подобри цени.
Сите се согласуваат дека добра организација, пакерски центри и државни субвенции е формулата за добро производство и извоз на трпезно грозје. Без имплементирање на правилата и стандардите кои важат во Италија, како најголем светски производител на трпезно грозје, ќе се соочуваме со лош квалитет, вратено грозје и изгубени средства. Потенцијалите и поволното поднебје се тука, но недоволни за Македонија да стане респектибилен производител на бараното трпезно грозје.
|
|
|
|
|
|