|
|
| НАЈНОВИ ВЕСТИ ОД МАКЕДОНИЈА |
Петок.3.9.2010
|
|
|
|
| РЕПОРТАЖА |
Национализмот живее во грчките учебници по историја
Скопје 4 септември 2009 (МИМ)
Македонците се напишани како Бугари, Гоце Делчев и Јане Сандански важат за бугарски херои, а во Балканските војни Грција не палела, рушела и убивала во Костур, Лерин, Кукуш, Серес, туку ги ослободила овие градови. Ова е напишано во дел од грчките учебници по историја што се изучуваат во грчкото основно и средно образование.
Анализата за тоа каква историја се изучува во грчките училишта покажа дека историските учебници во соседната земја се напишани внимателно, во согласност со стратегијата што ја диктира грчката власт, без директни провокации, но со прикриен национализам.
Во повеќето од грчките учебници по историја, нашата држава речиси не се споменува, како воопшто да не постои. Како Поранешна Југословенска Република Македонија, државава е напишана во лекција за Санстефанскиот договор во учебникот по историја од кој учат грчките ученици од четврта година општа гимназија. Низ страниците на грчките учебници по историја Македонија се вбројува меѓу историските грчки земји. На овој начин на грчките граѓани уште од мали нозе им се врежува во свеста дека „историската грчка земја“ може да биде само грчка.
СПРОТИВСТАВЕНИ ИСТОРИИ
Историчарите што ги консултиравме оценуваат дека токму поради разликите што постојат за спорните историски прашања во македонските и грчките учебници по историја, речиси е невозможно двете земји да направат интегриран преглед на историјата. Веќе со години не стивнуваат грчките протести за македонските учебници по историја. На грчките власти најмногу им пречат картите и топонимите, лекциите во кои македонските историчари пишуваат за грчката пропаганда, како и за грчкиот експанзионизам кон македонските територии што ги смета за свои. Иако повеќе европски држави веќе седнаа да напишат заедничка историја за спорните прашања со своите соседи, Грција ги одбива ваквите иницијативи од македонска страна. Грција неколкупати го отфрли и предлогот на македонските власти да се формира заедничка образовно-историска комисија за да се усогласат разликите од поглавјата од историјата што се сметаат за контроверзни.
МАКЕДОНИЈА Е ИСТОРИСКА ГРЧКА ЗЕМЈА
Преку учебниците по историја Грција испраќа јасна порака - нема простор за дискусија за чувствителните историски прашања. Во неколку учебници по историја за основно и средно образование што ги разгледавме со помош на неколкумина професори по историја, нема напишано ниту еден збор за потеклото на Александар Македонски. Со тоа Грција сака да покаже дека потеклото на големиот војсководец воопшто не е спорно.
Умешноста во пишувањето на учебниците по историја во Грција се покажува и во делот за Граѓанската војна, каде што децата-бегалци или воопшто не се споменати, или пак се напишани како грчки граѓани, без да се наведе нивниот национален идентитет. Така, во учебникот „Нова и современа историја“, кој го изучуваат грчките средношколци, пишува дека „како последица од Граѓанската војна во Грција, од 80.000-100.000 граѓани ја поминале границата и се населиле во социјалистичките земји“. Во учебникот по историја за четврта година од општа гимназија, пак, воопшто не се споменува протерувањето на Македонците од Егејска македонија по Граѓанската војна.
„Граѓанската војна предизвика длабоки психолошки трауми во грчкото општество. Беа потребни многу години за да се излечат“, се вели во учебникот. Во учебникот, во хронолошка табела се наведува дека грчката војска имала најважни победи и ги ослободила Кукуш, Серес, Костур и Лерин.
Грчката вооружена пропаганда во Македонија од 1900-те години, како што се нарекува во македонските учебници по историја, грчките ученици ја учат како македонска борба, која се дефинира како „жестока воена борба меѓу Грците и Бугарите“. Во грчките учебници по историја, Македонците што настрадале во овој период се нарекуваат Бугари.
„Бугарите имаа свои херои, како што се Јане Сандански и Гоце Делчев“, пишува во грчки учебник за гимназија, објавен лани. Во друг учебник по историја, кој го изучуваат грчките гимназијалци, во делот за македонската борба, пишува дека „Македонија била најспорна зона меѓу балканските земји“. Во учебникот е наведено дека „Бугарите први создале вооружени групации - комити и се обиделе со вооружено насилство да му наметнат на грчкото население присоединување кон бугарската црковна егзархија“.
Во учебникот за четврта година гимназија, Његушкото востание на македонскиот народ против турската власт од 1822 година е прикажано на карта како дел од грчкото востание. Интересно е што во лекцијата пишува дека надвор од Грција останале „историските грчки земји: Епир, Тесалија, Македонија и Тракија“.
Најзачудувачки податок е што кога се зборува за мегал-идејата на Грција, отворено како пример се наведува „националната политика на ослободување на историските грчки земји“.
Грчките средношколци учат за националното движење на Србите и Бугарите, но не и на Македонците. За разлика од нив, македонските ученици уште во осмо одделение учат за ослободителните движења на сите балкански народи.
И во делот за бугарската егзархија, грчките ученици учат дека Македонија е историска грчка земја.
„Бугарската егзархија имала раскол со цариградската патријаршија и со Грција бидејќи ги сметала за бугарски митрополиите во Македонија и Тракија, историски грчки земји во кои живееле Грци, Словени, Бугари, Албанци и Евреи“.
И ГРЦИЈА Е ЗАКОПАНА ВО ИСТОРИЈАТА
На Французите и на Германците им беа потребни повеќе од 60 години за да направат заеднички учебник по историја. Колку години ќе им бидат потребни на Македонија и на Грција за да ги расчистат дилемите од минатото?
Македонски и грчки историчари пред десетина години првпат седнаа на заедничка маса заедно со професорите од други 10 земји од Југоисточна Европа и напишаа четири историски читанки, кои се планираше да се користат како алтернативни прирачници во училиштата во сите овие држави. Ова беше прв обид да се напише заедничка историја на Балканот, што е најинтересно поттикнат токму од Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа од Грција. Историските читанки се објавени во четири книги и опфаќаат неколку главни теми - Отоманската империја, нациите и државите, Балканските војни и Втората светска војна.
Целта на проектот е на учениците од балканските земји преку документите за овие историски настани од повеќе држави, објавени во учебниците, сопствената историја и историјата на соседните народи да ја гледаат во една мултиперспективност.
- Крајната цел е да се излезе од рововите на историјата, да се покаже колку сличности имаме и истовремено да се почитуваат разликите - вели историчарката Ирена Стефоска, уредничка на македонското издание. Таа објаснува дека проектот е успешен, затоа што прирачниците се поделени во училиштата во повеќето од овие земји. Македонското Министерство за образование даде дозвола за користење на прирачниците како алтернативни помагала за професорите во средните училишта. Сепак, реакциите во Грција пред две години покажаа дека грчката јавност не е подготвена да прифати изучување на заедничка историја на Југоисточна Европа. Грчките медиуми пишуваа дека во учебниците можат да се прочитаат за нив неверојатни работи, ревидирање на историјата и ги оценија како закана за нивниот национален идентитет. Треба да се забележи и дека проектот во Македонија финансиски го поддржа Европската Унија преку Европската агенција за реконструкција. Тоа што партнер на проектот беше фондацијата Институт отворено општество Македонија за грчките националистички кругови беше повод да реагираат дека сето тоа е направено „со парите на Сорос, странските влади и невладините организации што притискаат за огласената стратегија на помирување“. Реакциите одеа дотаму што грчката јавност се повикуваше на протести против учебниците за заедничка историја, а грчките бизнисмени беа обвинети дека работат со намера да ги обезбедат американските интереси во регионот. Грчката историчарка и уредничка на изданието Кристина Кулури потсети на фактот дека Балканот произведува многу историја и дека не секогаш сме биле пријатели, но според неа, сите тие историски настани треба да се избалансираат. За да се постигне ваквата цел, сметаат историчарите, потребна е силна политичка волја, која засега не постои кај политичките елити на Балканот.
ГРЦИЈА РЕАГИРА НА КАРТИТЕ ВО МАКЕДОНСКИТЕ УЧЕБНИЦИ
Кои делови од македонските учебници по историја најмногу ги револтираат Грците најдобро може да се увиди од студијата на грчката професорка по историја, Ставроула Маврогени, објавена во книгата „Експанзиционистичките аспирации на ФИРОМ кон Грција“, објавена од грчкото „Општество за македонски студии“. Професорката во студијата ги анализира македонските учебници по историја за основно образование. Маврогени реагира дека во учебниците што ги изучуваат македонските ученици поголем простор се посветува на националната историја, отколку на светската, европската и балканската историја. Повеќето од реакциите на професорката се однесуваат на мапите на географска Македонија што се објавени во македонските учебници по историја.
„Во учебникот по историја за седмо одделение изработен од Блаже Ристовски и неговиот тим е објавена карта на Југозападна Македонија за областите каде се одвивало Његушкото востание. Во објаснувањето стои дека неиспрекинатата линија ги покажува географските и етнички граници на Југозападна Македонија. Повторно на 120-та страна во истиот учебник е објавена мапа од времето на Илинденското востание каде постои линија што ги одбележува етничките и географски граници на Југозападна Македонија“. Во лекција од учебникот по историја за осмо одделение, Велковски и неговиот тим објавиле своја мапа за кралствата пред Балканските војни. Македонија е обоена за да се остави впечаток кај учениците дека пред 1912 година, тоа бил препознатлив регион“, се вели во студијата на грчката историчарка. Според Маврогени, картите од Голема Македонија, се доказ за очигледниот обид да се направи разлика меѓу Македонија и Грција. Професорката како пример ја наведува мапата за грчките колонии од учебникот за петто одделение, каде, како што објаснува Македонија е дадена посебно од Грција.
„На учениците од ФИРОМ им се остава впечаток дека и покрај промените низ годините, Македонија секогаш била препознатливо единство кое се распарчило со договорот од Букурешт во 1913 година“, пишува во студијата. Според неа, целта на авторите на учебниците е да се убедат учениците дека „Славомакедонците се наследници на античките Македонци“. Професорката цитира лекција од учебникот за петто одделение во кој се вели: „Нашата татковина има долга и богата историја. За време на владеењето на Филип Втори, Македонија беше најмоќната држава на Балканот. Во владеењето на неговиот син, Александар Македонски, се прошири на три континенти и стана светска сила“.
|
|
|
|
|
|