Skip to content

Сојуз на здруженијата на македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија Македон

Одбележана 98 годишнината од печатењето на македонскиот буквар (Абецедар) во Атина во 1925 година

Одбележана 98 годишнината од печатењето на македонскиот буквар (Абецедар) во Атина во 1925 година

18.12.2023

Во Македонската академија на науките и уметностите, во саботата, се одржа свечена академија посветена на 98 годишнината од печатењето на Македонскиот буквар – Абецедар во Атина во 1925 година. Организатори на академијата беа Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Здружението Сонцето од Кутлеш од Скопје.
Академијата ја отвори генералниот секретар на Сојзуот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и претседател на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров.
На академијата присуствуваа пратеничките Рашела Мизрахи, Гордана Димитриеска Кочоска, Жаклина Пешевска, Лилјана Затуроска, Светлана Карапетрова и Ангелка Петкова, претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески и претседателката на Македонското здружение “Кочо Рацин“ од Белград Лидија Демниева.
Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на сите убиени и упокоени Македонци, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, од Балканските војни, двете светски војни и таканаречената Граѓанска војна во Грција.
Пригодно обраќање пред присутните имаше претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Александар Јаневски.
Реферати на свечената академија поднесоа проф.д-р Нада Јурукова, проф.д-р Виолета Ачкоска и проф.д-р Елка Јачева Улчар.
Проф.д-р Нада Јурукова зборуваше за историските аспекти од печатењето на Абецедарот во 1925 година: “Абецедарот има тројца автори. Создаден е со одлука на Друштвото на народите Требаше да влезе во сила 1925-1926 година. Но, под притисок, не влезе во образовниот систем на Грција.“
Проф.д-р Виолета Ачкоска заборуваше за историјата и современите текови: “Она што денес ни се случува е фактичко затворање на македонското прашање, отворено од Големата Источна криза. Сега се затвора со наводните “добрососедски договори“! Во позадина се европските сили и меѓународната политика!“
Проф.д-р Елка Јачева Улчар зборуваше за јазичните аспекти на Абецедарот: “Мојот апел е да се запознае светската јавност, ако досега воопшто не е запозната, каков бил односот на Европа спрема малцинствата, кои пред еден век немале дури ни своја држава. Ги имам предвид Друштвото на народите, кое по Втората светска војна е унапредено во Организација на Обединетите Нации, нивното инсистирање за признавање на македонското малцинство и македонскиот јазик. Патем Атина, Македонците ги именува како славофони.“
Проф.д-р Елка Јечева Улчар иницира достава на барање од Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН до Бирото за развој на образованието на Македонија, лекцијата за македонскиот буквар – Абецедар, издаден во Атина во 1925 година да се најде во сите учебници за основното, средното и високото образование, и да се публикува издание на Абецедарот до 2025 година, чија промоција ќе биде на свечена академија по повод 100 годишнината од неговото прво печатење.
Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН безрезервно ги прифати иницијативите на проф.д-р Елка Јечева Улчар.
Присутните за крај проследија еден архивски документарец за геноцидот и прогонството на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од таканаречената Граѓанска војна во Грција 1948 година, кои се длабоко всадени во колективната меморија на Македонскиот народ. Таа историја никогаш нема да се заборави, затоа што таму се македонските корени… Егејот е душата на Македонија!
_______________________
АЛЕКСАНДАР ЈАНЕВСКИ: ОСТАНУВАМЕ ПОСВЕТЕНИ НА ТРАЈНО РЕШЕНИЕ НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ
Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Годинава одбележуваме 75 години од насилното прогонство на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 74 години од крајот на Граѓанската војна во Грција, во која Македонците, заедно со грчките партизани, како и многупати порано, ја ослободија Елада од наци-фашизмот и повторно се вградија во темелите на нејзината државност! За жал, во оваа војна најголеми жртви беа децата. Геноцидот и прогонството на Македонците од родните домови, од Егејскиот дел на Македонија, се една од најцрните страници во историјата на Македонскиот народ. Таа судбина, за жал, не’ следи во Балканските војни, двете светски војни и Граѓанската војна во Грција.
Трајно останува поменот и споменот за македонската голгота во Егејскиот дел на Македонија од времето на таканаречената Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година. Иако за време на Граѓанската војна во Грција, Комунистичката партија на Грција ветуваше автономија до обединување на Македонија, после крајот на оваа војна, генералниот секретар на оваа партија по враќањето од Русија назад во Грција изјави: Ја изгубивме војната, ама ја спасивме земјата од Македонците!
Во таа смисла и оваа академија посветена на 98 годишнината од печатењето на Абецедарот – буквар на македонски јазик за Македонците во Грција, во мај 1925, а под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева.
И оваа академија е во рамките на Шестата светска средба на децата бегалци и насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија која се одржува преку целата 2023 година, на сите настани што ги организираат сите здруженија на Македонците од Еејскиот дел на Македонија.
Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки, Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, не се решение на македонското прашање, туку санкционирање на Букурешкиот договор од 10 август 1913 година: Трајна промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ! Овие меѓународни договори се ништовни според Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година и претставуваат преседан во светската историја на народите и државите! Претставуваат флагрантно кршење на Уставот на државата Македонија, не се дел од нејзиниот правен поредок, и го суспендираат референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година. Затоа, бараме итно и безусловно раскинување на двата договора и распуштање на двете меѓувладини комисии за ревизија на Македонската историја, со кои Македонија од држават треба да стане територија без Македонски народ и историја!
Предлагаме историско помирување на Македонскиот народ со соседните народи, предлагаме Договори за траен мир и добрососедство меѓу државата Македонија со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост што подразбира: взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи. Простуваме, но не забораваме, било да не се повтори. Бараме извинување и репарации! ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ!
Остануваме посветени на трајно решение на Македонското прашање, и бараме итно и безусловно продолжување на членството на државата Македонија во Обединетите Нации и сите меѓународни организации под нејзиното единствено историско и државно име Македонија. Остануваме посветени на враќањето на граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија и на нивните потомци.
Заедно сме со нашите браќа и сестри, Македонци и Македонки во соседните земји на државата Македонија, во остварувањето на нивните човекови и граѓански права и слободи: Право на образование, информирање и вероисповед на мајчин македонски јазик, право на слобода на изразување, здружување и собир, право на регистрација на здруженија на граѓани и политички партии, заради заштита и унапредување на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.
Повикуваме на семакедонско помирување и обединување заради одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ, затоа што името на државата е идентитетот на народот и обратно!
Постојано ќе го потсетуваме светот на правата и слободите на Македонците во Грција, и на обврските на Владата во Атина за унапредувањето на положбата на Македонците во Грција!
За многаја лета поменот и споменот на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија! Никогаш северна, само Македонија! Амин!
error: Content is protected !!