Skip to content

Македонска заедница во Албанија

Бугарскиот амбасадор во Тирана грубо се меша во пописот во Албанија

Бугарскиот амбасадор во Тирана грубо се меша во пописот во Албанија

21.09.2023

Македонското друштво ИЛИНДЕН од Тирана најостро ја осудува посетата на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров на областите Голо Брдо и Мала Преспа.
Македонското друштво ИЛИНДЕН од Тирана го осудува агресивното и дрско однесување на бугарскиот амбасадор во Тирана, Ивајло Киров кон Македонците во областите Голо Брдо и Мала Преспа.
Во екот на пописот во Република Албанија, бугарскиот амбасадор Ивајло Киров, без основно почитување на националните чувства на Македонците во Република Албанија, врши отворен атак врз македонското население во областите Голо Брдо и Мала Преспа, со намера да ги убеди Македонците да се попишуваат како Бугари.
Со своите постапки, бугарскиот амбасадор ги пречекори своите овластувања на претставник на бугарската држава во Република Албанија.
Од друга страна, ваквиот недозволив акт претставува директно и грубо мешање во внатрешните работи на Албанската држава и на албанските институции задолжени за спроведување на реален и законски попис во државата.
Македонците, како жители на Република Албанија и нејзини лојални граѓани кои редовно ги извршуваат своите обврски кон државата Албанија, бараат соодветна заштита од насилството кое го вршат Бугарите врз Македонците во Република Албанија.
Како Македонци, свесни сме дека од бројот на попишаните Бугари во Република Албанија зависи количината на агресивност што ќе се врши врз нашата матична држава Македонија за промена на Уставот и впишување на Бугарите како конститутивен народ во Македонија.
Исто така, свесни сме дека и кариерата на амбасадорот Ивајло Киров како дипломат ќе зависи во голема мера од тоа колку Македонци ќе убеди да се запишат за бугари. Затоа, дели мобилни телефони, таблети во Требиште и лекови во Пустец, дели книги на бугарски јазик за македонските деца.
Македонското друштво ИЛИНДЕН од Тирана ја искажува својата разочараност од субверзивната активност на Бугарија како членка на Европската унија, бидејќи грубо се меша во внатрешните работи на Албанија, ја проблематизира законитоста на пописот, ја доведува во прашање валидноста на пописот.
Знаеме дека бугарската агресија кон нас Македонците кои не сакаме да газиме по сопственото македонско чувство, треба да ја запрат институциите на државата во која живееме – Република Албанија.
Македонците во Република Албанија не сакаат да веруваат дека ваквите притисоци врз нив, од страна на бугарскиот амбасадор Ивајло Киров ќе поминат без реакција од страна на албанската влада.
Воедно, очекуваме сериозна реакција од Европската унија кон својата членка, Бугарија, поради беспримерното нарушување на законското и непречено одвивање на пописот во Република Албанија.
Доколку ваквите бесрамни екскурзии на Ивајло Киров продолжат, Македонците во Република Албанија ќе имаат причина да се сомневаат во релевантноста на резултатите од пописот 2023 година во Република Албанија.
error: Content is protected !!