You Are Here: Home » Вести » Односите меѓу Македонија и Србија се стабилни

Односите меѓу Македонија и Србија се стабилни

Односите меѓу Македонија и Србија се стабилни

Интервју на Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи, Никола Попоски за Магазинот Српска Економија

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски оцени дека регионалната соработка има голем потенцијал. Македонија со интензивен економски развој го обезбеди 6. место во извештајот „Дуинг Бизнис“ на Светската банка во 2016 година во Европа и 12. место во светот, додека пак според листата за директни странски инвестиции – IBM Институтот за бизнис вредности, Република Македонија се најде на првото место во поглед на отворање нови работни места. Резултатите најдобро говорат за подготвеноста и решителноста за воспоставување една стабилна и предвидлива економска клима.

IMG 5678

До која мера влијае сеопфатната криза на економските приоритети на Република Македонија?

Никола Попоски: Политичката криза не влијае на приоритетите, зашто тие се стабилни и долгорочни. Секако дека добриот економски развој подразбира и поволна политичка клима. Македонија има добри резултати кај економскиот раст за минатата година, како и предминатата, но верувам дека со ставање крај на политичката криза ќе се забележи уште поголем напредок. Сепак, сигурноста и предвидливоста обезбедуваат поволни инвестиции.

Колку влијаеше мигрантската криза на усложнување на слободниот проток на стока меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија?

Никола Попоски: Тоа беше проблем особено во моментот кога имавме 10.000-12.000 бегалци на ден, што предизвика блокада на железницата и автопатите. Би рекол дека сега таа ситуација е надмината, но не би ја исклучил можноста тоа сценарио да се повтори, имајќи предвид дека еден милион луѓе поминале по должина на балканската рута за само една година. Тоа не може да не остави никакви последици на економски план.

Можат ли блокадите со кои се соочува Македонија на евроатлантскиот пат да ја стават економската одржливост под знак прашање?

Никола Попоски: Евроинтеграциите се тесно поврзани со економскиот раст, што беше и случај со земјите од Централна и Источна Европа кои станаа дел од Европската Унија меѓу 2004 и 2013 година, а покажаа најголем раст една година пред и по придружувањето. Македонија ниту пак која било друга балканска земја не би требала да биде исклучок во тој поглед. Сепак, имајќи ја предвид непредвидливоста на нашиот регион, не можеме да се потпреме исклучиво на тие прогнози. Мораме да се посветиме на реформите и подобрување на бизнис климата и да ги развиваме пред, во текот на и по влегување во ЕУ.

Во текот на деведесеттите години одредени политички елити веруваа дека спорот со Грција ќе се реши со интензивирање на економските врски меѓу двете држави. Денес економските врски се сѐ посилни, а спорот околу името е и натаму актуелен. Кои се алтернативите за решавање на овој спор?

Никола Попоски: Како и економските, така и сите други видови на соработка влијаат на целокупната клима. За нас, Грција отсекогаш била еден од петте наши најзначајни трговски партнери. Врските меѓу Грција и Македонија се природни и не верувам дека тоа ќе се смени. Во наша корист е тоа што ги усвоивме мерките за градење доверба што ни помага во многу области, вклучувајќи ја економијата, енергетската поврзаност и инфраструктурните проекти, но сметам дека тоа нема по автоматизам да доведе до надминување на спорот со името. Сепак, за кое било политичко решение со Грција најважни се добрите економски односи и контактот меѓу луѓето, како предуслов за можно изнаоѓање решение на спорот.

Колку е реално дека државите од Западен Балкан што се во процес на пристапување кон Европската Унија ќе дадат приоритет на воспоставување регионална економска соработка наспроти актуелните политички спорови?

Никола Попоски: Сметам дека економската соработка мора да има приоритет, зашто тоа е основа за добра политичка клима. Всушност, тоа се покажа и во пракса, зашто, без оглед на состојбата со политичките односи, економската соработка се движи во нагорна линија. Тоа важи за сите регионални односи.

Може ли проектот за изградба на брза пруга на линијата Будимпешта-Атина да придонесе кон подобра регионална интеграција?

Никола Попоски: Сигурен сум дека сите земји што се наоѓаат на тој коридор ќе бидат подобро поврзани и ќе се зголеми протокот на стока и луѓе, поради самиот факт што ќе се смени географијата на нашиот регион и трговија, која досега нѐ заобиколуваше и се движеше по бродски пат од Северна Европа до Македонија и Балканот. Тоа ќе придонесе за зголемување на интересот на ЕУ кон нашиот регион. И самиот проект на основање на ЕУ не би успеал да стануваше збор исклучиво за политички проект. Мислам дека и кај нас, по истата логика, економската соработка треба да биде приоритет преку креирање на заеднички пазар.

IMG 5620

Колку излезот на Велика Британија од ЕУ ќе влијае на домашниот економски пазар?

Никола Попоски: Да се надеваме дека ќе нема никакво влијание. Тоа е многу важно прашање за нас, затоа што Обединетото Кралство е нашиот втор најголем економски партнер, веднаш по Германија. Британскиот министер за Европа беше во посета на Македонија и разговаравме за суштински прашања, зашто за нас е многу важен договорот што ќе произлезе од преговорите меѓу Брисел и Лондон. Британскиот министер во таа пригода наведе дека интересите на британските партнери нема да бидат загрозени.

Колку новата економска политика на Доналд Трамп ќе ги загрози трансатлантските врски?

Никола Попоски: Тоа е прашање од милион долари. Не би требало да дојде до поголеми промени, зашто економиите од двете страни на Атлантикот се цврсто поврзани, зависат една од друга. Како целина, ЕУ го претставува најголемиот пазар на светот, додека пак Америка е вториот, а Кина третиот, и не гледам логика во тоа да се наруши тој принцип, зашто би бил штетен и за Америка.

Како ќе се постави новата американска администрација во однос на прашањето со нашиот регионот?

Никола Попоски: Според она што го кажале досега, не верувам дека Балканот ќе се најде меѓу првите приоритети, но по конференцијата во Минхен, каде што беа американскиот потпретседател и државниот секретар за одбрана и државниот секретар за внатрешни прашања, пораките укажуваат на тоа дека Америка не планира да ја напушти Европа и дека во тој контекст повеќе ќе се фокусира на трошокот за одбрана на земјите-членки на НАТО отколку на стратешко деангажирање од европскиот континент. Мораме да го најдеме своето место во односите меѓу Америка и остатокот од Европа и најпосле да преземеме поголема одговорност за самостојно креирање на регионална соработка. Не можеме да очекуваме некој друг да ни ја заврши нашата работа.

Ги сметате ли актуелните политички односи меѓу Македонија и Србија за стабилни?

Никола Попоски: Да. Цврстото позитивно мислење меѓу народите е од најголема помош за добрите односи меѓу Македонија и Србија. Во разговорот со српските колеги слушнав дека, според резултатите од анкетите, Србите имаат најпозитивно мислење за Македонија и за Македонците, а убеден сум дека тие ставови се идентични и од другата страна. Таквите релации секогаш ѝ помагаат на политиката. Ние сме турбулентен регион што станува уште потурбулентен, но сепак меѓучовечките односи имаат големо значење, што се одразува на политичките односи без оглед на предизвиците со кои се соочуваме.

Како би ја опишале економијата на Македонија?

Никола Попоски: Конкурентна, со нијанса на политичка неизвесност, но со голем потенцијал, затоа што имаме воспоставено темели што долгорочно земено носат резултати. Системот е воспоставен, и тоа во област на привлекување странски инвестиции и отворање нови работни места, па не е случајно што во последните десет години успеавме да вработиме повеќе од 160.000 луѓе и што имаме највисока стапка на новоотворени работни места по жител преку странски инвестиции.

Може ли подобро?

Никола Попоски: Сигурен сум дека може. Мораме да продолжиме да работиме и секој ден да вложуваме енергија за да одиме напред.

© 2012 Матица на иселниците од Македонија - Сите права ги задржува МИМ

Scroll to top