You Are Here: Home » Интервју » ЖИВКО МУКАЕТОВ: АЛКАЛОИД – 80 ГОДИНИ ПОСВЕТЕНОСТ, РАЗВОЈ, ИНВЕСТИЦИИ, И УСПЕХ

ЖИВКО МУКАЕТОВ: АЛКАЛОИД – 80 ГОДИНИ ПОСВЕТЕНОСТ, РАЗВОЈ, ИНВЕСТИЦИИ, И УСПЕХ

ЖИВКО МУКАЕТОВ: АЛКАЛОИД – 80 ГОДИНИ ПОСВЕТЕНОСТ, РАЗВОЈ, ИНВЕСТИЦИИ, И УСПЕХ

Живко Мукаетов, генерален извршен директор и Претседател на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје

Алкалоид годинава слави 80 години јубилеј од основањето. Малку се компаниите во Македонија кои слават вакви јубилеи, а уште помалку се оние кои зад себе имаат успех. Приказната за развојот на Алкалоид денес е синоним за успех, посветеност и  квалитет во Македонија, но и пошироко.
Ако треба накратко да се опише на што се должи успехот на Алкалоид, тогаш како најзаслужни фактори секако се квалитетот на производите, квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, кои ги развивале и граделе генерациите со години наназад.
Иако Македонија во изминативе декади се соочуваше со економски и политички кризи, компанијата под водство на Живко Мукаетов, а претходно и на Трајче Мукаетов, успеа да оствари континуиран раст на профитот и продажбите, да освои над 30 извозни пазари, да инвестира во развој и квалитет на производите, да се наметне како компанија која е посветена за здравјето на луѓето, и компанија која вложува во развојот на многу други сфери од општеството.

Г-не Мукаетов, ако направите една ретроспектива на 80-те години постоење на Алкалоид, кои се клучните точки пресвртници во развојот?

Алкалоид започнa со работа на 15 август 1936 година како индустриски капацитет за екстракција на морфин база и нејзино синтетизирање до кодеин. Уште тогаш, фабриката претставувала никулец на една нова стопанска гранка, не само на овие простори, туку и во поширокиот регион. Осумкратното зголемување на производството, десеттина години подоцна било причина фабриката да се третира како капацитет од државно значење и да премине во општествена сопственост. Од особено значење за Алкалоид е 1957 година, кога со работа отпочнал новиот галенски погон за производство на лекови. Во негови рамки, на база на алкалоидните суровини, започнало производство на  готови лекови во форма на таблети и течности, а подоцна и масти и ампули, меѓу кои: Кодеин, Кафетин и Носкапин. Во 1972 година отпочнала со работа нова фабрика за готови лекови со површина од 7.000 m². Интегрирањето на  фабриката „Билка“, фабриката за производство на хемикалии и фотоматеријали „Лафома“ и фабриката за сапуни и козметика „Цветан Димов“ со „Алкалоид“, како и остварената деловно-техничка соработка со светски познати корпорации како „Терапликс“ од Париз, Франција, „Фајзер“ од Њујорк, „Шеринг АГ“ од Берлин, француските „Специа“ и „Лаборатории Делагранж“, „Хеми“ од Линц, „Солко АГ“ и „Хофман Ла Рош“ од Базел, „Мерк Шарп Дом“ од САД и други, биле адутите поради кои компанијата станала позната и призната индустрија во рамките на тогашната југословенска заедница кон крајот на 70-те години од минатиот век. Нацртот на контурите на современиот Алкалоид е дефиниран кон крајот на осумдесеттите години кога тогашниот менаџмент на чело со Трајче Мукаетов го иницира проектот за изградба на нов современ капацитет за производство на лекови.

Транзициските текови во 1990 година, наложиле регистрирање на компанијата во акционерско друштво со мешовита сопственост; кој процес бил конечно компле-тиран во 1998 година кога компанијата е целосно приватизирана.

Темелите на современото корпоративно управување во „Алкалоид“ се поставе-ни во 1994 година, а соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Меѓународната финансиска кор-порација (ИФЦ) била солидна основа за најмасовниот инвестициски циклус во кој влегува компанијата. Потпишани во 1999 година, договорите за конвертибилен заем со меѓународните финансиски институции претставувале еден сосема нов вид соработка, преку која „Алкалоид“ обезбедил финансиска поддршка од околу 17,4 милиони евра (тогашни 35 милиони германски марки) конвертибилен заем, комплетно исплатен во 2004 година.

Новиот милениум и пуштањето во употреба на новите фабрики за цврсти дозни форми и полусинтетски цефалоспорини, ком-плетно сертифицирани според светските норми на Добра производна пракса, претставуваат нова етапа во развојот на Алкалоид и потврда на определбите за интензивирање на развојот преку јасниот концепт – инвестиции во објекти и техничко-технолошко осовременување на производството.

Алкалоид е компанија позната по своето непрестајно инвестирање… Колку има инвестирано компанијата откако вие застанавте на нејзиното кормило? Кои се најзначајните инвестиции на Алкалоид во развој последниве 10-15 години?

Вкупните инвестиции на „Алкалоид“ во изминативе 15 години достигнаа сума од близу 150 милиони евра. Сепак, морам да нагласам дека фармацијата е прилично динамична индустрија. Водејќи се според начелата дека еден од најважните пара-метри за просперитетот на компанијата е зголеменото ниво на инвестирање во научни, истражувачки и развојни актив-ности, како и контрола на квалитетот на производите, во периодот од 2004 до 2016 година, Алкалоид има вложено значителни фондови во научно-истражувачки капа-цитети и во секторите за контрола на квалитетот, како нова микробиолошка лабораторија (2003 година), нова хемиска лабораторија (2005 година), нов институт за истражување и развој (2009 година) и нов центар за контрола на квалитет  опремен со нови фармацевтско хемиски и дополнителни микробиолошки лаборатории (2016 година) и новата лабораторија АлкаЛаб во Љубљана, Словенија во која се вршат физичко-хемиски тестирања на фармацевтските производи на Алкалоид наменети за пласман на пазарите во Европската Унија (2014 година).

Со цел да обезбедиме непречено одвивање и синхронизација во сите сегменти од ра-ботењето на kомпанијата: намалување на трошоците, прецизно планирање и по-ефикасно производство, во 2007 година ја отпочнавме имплементацијата на новиот информатички систем mySAP ERP (Enterprise Resource Planning), брендиран под името AlkaSAP. Со имплементацијата на овој систем, Алкалоид стана единствената компанија во Македонија која го воведе САП системот како свое матично решение. Иницијалната инвестиција, со текот на годините беше надградена, проширена со нови модули и имплементирана во неколку подружници на Алкалоид во странство.

Континуираните заложби на Алкалоид за зајакнување на извозните позиции на странските пазари, се потврдија со отворањето на нови канцеларии на компанијата во Црна Гора (2007 година), Украина (2009 година), Босна и Херцеговина (2011), Турција (2013 година); како и нови веледрогерии во Љубљана, Словенија и Белград, Србија (2011 година). Од особено значење за Алкалоид, е отворањето на првиот производен погон надвор од Македонија, во Белград, Република Србија во 2010 година, со капацитет од 23 милиони блистери годишно или околу 10 милиони кутии готов производ – подготвени за пласман на соодветниот пазар.

За целите на непречено спроведување на произ-водните процеси од влезот на суровината до излезот на готовиот производ, Алкалоид во изминативе десет години вложи значителни средства за опремување и одржување на складишните капацитети. Последната реализирана инвестиција од овој тип е енергетски-ефикасниот високо-регален магацин кој е пуштен во употреба во 2014 година.

За нашата конкурентност, пак, на секој пазар, контину-ирано и интензивно инвес-тираме во локални кадри, во производно портфолио и во маркетинг.

Компанијата секоја година покажува стапки на раст, и во приходите и во добивката. Покрај постојаното инвестирање, кои се основните фактори што го детерминираат успехот на Алкалоид?

Успехот во работењето на Алкалоид се должи пред сè, на квалитетот на произ-водите, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на брендот Алкалоид и поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерациите пред нас, години наназад. Успехот на секој бизнис, покрај фактот што треба да понуди издржан производ, зависи најмногу од човечкиот потенцијал, кој треба да ја води компанијата напред. Технологијата, која е во служба на другите активности, исто така е прилично важен предуслов, заедно со соодветна и добро осмислена стратегија за настап како на домашниот, така и на извозните пазари.

Главна одлика во работењето на Алкалоид се тимската работа и проактивниот мар-кетинг концепт што е своевидна борба за секој наш продаден производ на секој пазар. Алкалоид ги следи светските трендови во фармацијата, хемијата, фитотерапијата и козметологијата кои се имплементирани во нашите секојдневни операции, а примената на најсовремените стандарди за Добра Производна Пракса (ДПП) се потврдени од реномирани авторитети како во земјава, така и во странство.

Во изминативе години Македонија поминуваше низ многу кризи од секаков тип. Постои мислење дека кризите ги уништуваат лошите компании, а добрите компании од кризите излегуваат уште посилни. Како Алкалоид ги пребродуваше овие кризи?

Геополитичките настани во изминативе десет години, кои влијаеја како на регионалните, така и на глобалните економските текови, надополнети со светскиот тренд на нама-лувањето на цените на лековите, наложија низа предострожности во секојдневното работење на Алкалоид.

Меѓутоа, морам да признаам дека сите овие искуства, нè направија посилни. Дисциплинираното соочување со фактите на бруталната реалност, систематизирањето на плановите за активности и креирањето на атмосфера во компанијата каде на менаџментот и вработените им се пружа шанса да ги споделат своите идеи и да дадат насоки во работењето – дефинитивно придонесоа да станеме отпорни на многу ризици.

И покрај сите објективни и субјективни предизвици со кои јас како генерален директор на компанијата се соочив во текот на моето десет годишно раководење, Алкалоид успеа да презентира континуиран раст на профитот и продажбите. Вкупните консолидирани пласмани на компанијата се искачија од 53,1 милиони евра во 2005 година на 127,5 милиони евра во 2015 година.

Mukaetov-Intervju-4

Алкалоид е една од најголемите извозни компании од Македонија која е присутна на многу странски пазари… Кои се плановите за идниот пробив на Алкалоид на странските пазари? Кои пазари се покажале како најголем предизвик за освојување и кои се причините?

Преку нашите 14 подружници и 4 прет-ставништва во: Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Албанија, Турција, Русија, Украина и САД; сите раководени од базата во Македонија, Алкалоид во моментов пласира над 60% од своето производство во над 30 земји во светот. Имаме неколку производни сајтови во главниот град Скопје и еден во Белград, Република Србија. Според неодамнешните истражувања, компанијата е еден од најголемите нето извозници во Република Македонија.

Хендикепот на малиот македонски па-зар го надминавме преку максимална фокусираност на извозот. На пазарите во регионот пласираме 35% од нашето производство, 17% се на пазарите на земјите членки на Европската унија, Русија и ЗНД учествуваат со 7% и САД со 2%.

Како посебно интересни и недоволно експлоатирани потенцијали во сегментот на Европската Унија во моментов ги сметам пазарите на нова Европа: Полска, Романија, Чешка и Словачка кои, иако потпаѓаат на поранешниот источен блок, ги гледаме како огромен потенцијал и во моментов разгледуваме неколку проекти за истите.

Русија и Заедницата на Независни Држави се сегмент кој претставува особен предизвик за нас како компанија со оглед на тоа дека има огромен волумен, на некој начин претставуваат наши традиционални па-зари, но имаат и своја особена специфика во поглед на условите во работењето.

Американскиот пазар, пак, каде пласманите на Алкалоид од година во година растат, претставува извонредна можност за одржлив развој доколку имате производ со висок квалитет, додадена вредност, доколку изберете паметна стратегија и вистински партнери.

Каква е вашата визија генерално за идниот раст и развој на компанијата, со оглед на моменталните односи на европскиот и светскиот пазар на лекови и  состојбите во фармацевтската индустрија? Со оглед на преземањата во овој сектор во изминатиот период, дали досега имало обиди и Алкалоид да биде дел од некој поголем систем?

Пазарот на лекови на глобално ниво е проценето дека тежи околу 650 милијарди евра изразено во цени на лековите франко-фабрика. Лековите имаат цца 16% удел во вкупните здравствени трошоци, споредено со 36% кои отпаѓаат на трошоци за болничко сместување и 48% трошоци за амбулантна нега. Сите лекови кои се воведуваат на пазарот се резултат на долги, скапи и ризични истражувања кои во просек траат околу 12 години. Како резултат на тоа, во светот постојат сè помалку нови молекули, а со процесот на глобализација и трендот на намалување на цените на лековите, државните фондови креираат подобри можности за генеричките производители на лекови. Во таа насока, уделот на генерички лекови на фармацевтските пазари варира од земја во земја. Само за пример, во Шпанија, генеричките лекови имаат само околу 9% удел, додека во Полска тој процент изнесува 55%. Тука би го потенцирал бенефитот кој здравствените системи го имаат од генеричките производители на лекови во смисол на корегирање на цените на истите, квалитетот и достапноста на тие лекови за пациентите, нивната безбедност и ефикасност. При тоа, интересот за генеричките производители на лекови константно расте, па има примери каде компании или фондови чија дејност не е на никаков начин поврзана со фармацијата значително инвестираат во секторот на генерички лекови, што оваа индустрија ја прави посебно интересна.

Со неминовниот процес на глобализација, акцентот на интерес оди и на Алкалоид. Доколку ја анализирате структурата на водечките шест фармацевтски компании во Југоисточна Европа, само три од нив се без странски сопственик, односно не се дел од некој поголем систем кој би им го олеснил пласманот и работењето. Меѓутоа, како независни, ние сме флексибилни и многу побрзи во протокот на  информации и процесот на донесување одлуки, која проактивност  истовремено е и наша конку-рентска предност.

Придобивка повеќе во градењето на добриот имиџ на Компанијата се неколкуте предности кои ги имаме, како што е присутност и етабли-раност на повеќе пазари во регионот, сè помоќно и модерно продуктно портфолио, специфични производи со додадена вредност, професионален, едуциран и обучен кадар и стандарди на работење кои се компатибилни со најстрогите светски регулативи.

Преку нашиот Оддел за деловен развој, беа реализирани и продажбите на пр-вите лиценци за наши производи на светски реномирани компании, како лиценцата за Nycomed Takeda за скандинавските земји, Sun Pharma за Романија, Sandoz за Словенија, Generic Partners за Јужна Африка, Dr. Reddys за Велика Британија и др., на кои потфати сме особено горди бидејќи покажавме и дополнителен квалитет за извоз на знаење. Во овој сегмент, очекуваме листата на клиенти рапидно да расте во претстојните години. Преку јакнење на нашите позиции во регионот, подобро позиционирање на пазарите на земјите членки на Европската Унија, ЗНД и САД, ние сме постојано отворени за градење на нови синергии и партнерства, специјализирање во одредени групи на производи и генерално јакнење на брендот Алкалоид надвор од границите на Македонија.

Која е вашата дефиниција за добар бренд и како да се произведе? Колкав дел од своите профити вложува Алкалоид во развој на нови и екстензија на постоечките свои брендови?

Во изминативе 10 години, освен за активности во делот на адвертајзингот, Алкалоид на годишно ниво алоцира 3% од вкупните продажби во научно истражувачки активности кои се клучни при развојот на нови фармацевтски производи. Научно-истражувачките ти-мови на Алкалоид заедно со одделите за медицински маркетинг во изминативе 10 години креираа продолженија на неколку успешни приказни. Прв во редот секако би го спомнал Кафетин, кој со 11 милијарди продадени таблети прерасна во синоним за борба против болката и е еден од водечките македонски брендови. Првото проширување на неговото портфолио се случи во 2005 година со лансирањето на Caffetin Cold®, индициран за третманот на симптомите кои се јавуваат при настинка и грип. Следеше Caffetin Menstrual® (2007 година) кој се користи во третманот на менструални болки. Трет во редот беше Caffetin Cold®со природен Витамин Ц (2009 година). Последната екстензија, која е пласирана на пазарот во 2011 година e изготвена согласно трендовите за конзумирање нетаблетарни форми на лекови за третман на симптоми при настинка и грип. Вреќичките прашок, Caffetin Cold Max®, Алкалоид ги развиваше три години во соработка со странски партнер.

Како ѕвезда во подем, на чие истражување и продуктно портфолио работи сериозен експертски тим во Алкалоид, би го издвоил и брендот Блок Макс, ибупрофенски препарат ефикасен во третманот на различни типови болка. Воведен во 2010 година, Блок Макс портфолиото содржи 2 таблетарни форми, сируп за деца и најновата екстензија во портфолиото е Блок Макс гелот против болки. Производите од оваа палета, поради својот квалитет и исклучителна ефикасност, за многу кратко време добија почесно место во домашните аптеки на крајните корисници.

Изграден бренд и во меѓународни рамки, и апсолутен лидер во сегментот на детската козметика, е нашиот бренд Бекутан. Со повеќе од 150 милиони продадени парчиња производ, Бекутан е синоним за традиција, постојан квалитет, доверба и лојалност. Од пет производи при воведувањето на пазарот во 1978 година, денес портфолиото Бекутан содржи над 20 основни типови на производи со близу педесеттина форми, чии формулации се работени во блиска соработка со меди-цински експерти. Вистинската експанзија на Бекутан портфолиото се случува во 2006 година, кога се воведени Бекутан влажните марамчиња од кои за нецели 10 години се продадени 17 милиони парчиња.

Потрошувачи во денешното време на брз проток на информации, не комуницираат со анонимни производи, туку градат однос со брендовите идентификувајќи ги во нив своите сопствени вредности. За еден бренд да опстои на пазарот, тој мора континуирано да ги исполнува своите ветувања за да ја освои и задржи довербата кај купувачите. За да таа доверба стане константна, потребно е производот да гарантира константно висок квалитет.

 

proizvodstvo5Алкалоид е компанија што во моментов сè уште добар дел од своето производство пласира на домашниот пазар. Кои се најголемите предизвици за Алкалоид на домашен терен, како го оценувате моменталниот амбиент за работа на една домашна фармацевтска компанија, колку добивате или не поддршка од државата со оглед на стратешкото значење на оваа индустрија и чувствителноста на релациите производител – државен фонд за здравство – крајни корисници?

На пазарот во Македонија Алкалоид во моментов пласира под 40% од своето производство. Нашиот третман на домаш-ниот пазар е прилично коректен од страна на државните институции и е идентичен со оној на останатите учесници во пазарот на лекови. Лековите ги пласираме до веледрогериите, кои оттаму преку аптеките или здравствените установи стигнуваат до крајните корисници. Како производител, немаме директни деловни релации со Фондот за здравствено осигурување. Што се однесува, пак, до крајните корисници, фактот дека Македонија е земја со два милиони жители е секако олеснителен од аспект на видливост на одреден производ. Но, кога една македонска компанија ќе стане успешна приказна дома, доаѓа ред делови од таа приказна да се раскажат и надвор. Алкалоид веќе со години е присутен не само на регионалните, туку и на светските пазари на кои влезот и не е така лесен. Во 2000 година Алкалоид имаше девет канцеларии надвор од Македонија, а денес има 18 – сите во функција на промовирање на извозната ориентација на компанијата.

Моќните бизнисмени, генерално гледано во целиот свет, политиката сака да ги има крај себе, а и тие често влегуваат во политика. Дали досега имало обиди да ве ангажираат политички во владата, парламентот и сл.?

Неформални отворени предлози за мој политички ангажман имав, и се уште имам прилично често. На своите 42 години, јас ги имам јасно дефинирано своите приориети, а тоа е семејството, како мој главен двигател; Алкалоид, со кој сум практички израснат и на кој сум апсолутно посветен и мојата функција на генерален конзул на Кралството Данска во Македонија, која ја извршувам со сета должна почит. Тука секако спаѓаат и моите задолженија при Ракометната Федерација на Македонија, а преку моите ангажмани во меѓународни организации како Форумот на Млади Глобални Лидери, Македонија 2025, Самит 100 и слични – сметам дека на повеќе начини придонесувам за афиримирање и просперитет на Македонија во регионални, па и светски рамки.

Како член на раководството на Македонија 2025, колку сте задоволен од она што досега го постигна организацијата, ги исполнува ли своите цели?

Уште кога ја добив поканата за пристап во организацијата, имав само еден заклучок: дека оваа организација има многу тешка и одговорна задача пред себе. Нема да биде лесно да се исполнат целите, ќе се соочиме со многу предизвици но, битно е да се обидеме, за да направиме барем Членството во Бордот на директори на Македонија 2025, ми претставува особена чест, но исто така е обврска и голема одговорност која налага бескомпромисна посветеност и залагања. Овој ангажман се покажа дека и не е така маргинален, но на крај на денот, среќен сум што можам да направам мал исчекор во  промовирање на мојата земја во меѓународни рамки и на некој начин да дадам свој придонес во нејзиниот просперитет. Од друга страна, да се работи со Мајк Зафировски, Џон Битове Јуниор и Вера Стравроф е огромно задоволство, бидејќи тоа се луѓе кои навистина имаат успешни приказни зад себе и огромно знаење. Она што особено ми се допаѓа во организацијата е што огромно внимание и напори се вложуваат во сегментот на образованието, едукацијата, градење на мрежа и размената на искуства преку практична работа, кои се на некој начин клуч на секоја успешна претприемачка сторија. Јас бев задолжен за еден таков потфат од едукативен тип кој летово се одржуваше во Македонија, а тоа беше „Програмата за летна пракса за млади професионалци од дијаспората“ кој се отвори со презентација за меѓународниот успех на „Алкалоид“ како една од нај-успешните компании во Република Маке-донија. Особено ме израдува фактот што овие млади професионалци, активни и штотуку дипломирани студенти од дија-спората пројавиле интерес и одвоиле време и ресурси токму преку македонското стопанство да го развиваат нивниот про-фесионален профил.

Во време кога технологијата почна да управува со нашите животи, наместо ние со неа, како успевате да се справите со напливот на информации, да исфилтрирате она што е важно за вас лично и за компанијата? Како го организирате балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот?

Морам да признам дека иако сум машинс-ки инжењер по струка, без некоја голема еуфорија ги прифаќам последните достиг-нувањата на модерната технологија. Јас сум еден од ретките луѓе кој се уште користи аналоген мобилен телефон. Но, помладите генерации во семејството, кои предничат во употребата на модерните гаџети на денешнината, ме натераа да додадам Ајфон во мојата секојдневна комуникација. Најпрвин го прифатив како следење на модерните трендови, но со тек на време сфатив дека во голема мера го олеснува професионалното функционирање и др-жење чекор со информациите од опште-ствено и деловно значење. Дијапазонот на возрасти во моето потесно семејство се движи од 2 до 20 години, па секако морам и да сум и во чекор со сите новитети: од тинејџерска мода, нова музика, последни филмски остварувања, па сè до најновите детски играчки и цртани филмови. Меѓутоа, тоа се сферите од интерес кои уживам да ги споделувам со моите деца и кои апсолутно ме релаксираат после скоро 10-часовниот работен ден и уште повеќе ја поттикнуваат мојата креативност!


ZhivkoMukaetov-Kabinet2016-3Горд сум што Трајче Мукаетов беше мој татко и ментор

Што е најскапоценото што го научивте од вашиот татко Трајче Мукаетов, човекот што ги постави всушност темелите на денешниот  модерен Алкалоид?

Трајче Мукаетов имаше одличен однос со Вашиот магазин и многу го почитуваше медиумот „Капитал“. Непосредно по неговото заминување, Вие одлично го опишавте неговиот лик и дело. Особено ми се допадна делот во кој велите: „Не потклекнуваше пред ниту еден предизвик. Неговиот видик беше: секогаш напред“ – кои редови најсликовито ја претставуваа(т) неговата филозофија на функционирање. Исто така, сметам и дека токму тоа е најдрагоценото нешто што го научив од него во поглед на моето секојдневно работење. На моја 11 годишна возраст, тој стана генерален директор на Алкалоид, па она што го паметам од моето најрано детство се неговата максимална посветеност и огромен труд кој го вложуваше во текот на 22 годишното раководење со компанијата во навистина турбулентни времиња. Од оваа перспектива, можам да кажам дека сум особено горд што Трајче Мукаетов бил пред сè мој татко и особено среќен што бил мој ментор во текот на моето професионално профилирање во компанијата, почнувајќи од пониските хиерархиски скалила.

© 2012 Матица на иселниците од Македонија - Сите права ги задржува МИМ

Scroll to top