You Are Here: Home » Насловна » ОД НЕПАЛ ДОЈДОА НА СВАДБЕНО ПАТУВАЊЕ И 4 ГОДИНИ ОСТАНАА ВО ШТИП

ОД НЕПАЛ ДОЈДОА НА СВАДБЕНО ПАТУВАЊЕ И 4 ГОДИНИ ОСТАНАА ВО ШТИП

ОД НЕПАЛ ДОЈДОА НА СВАДБЕНО ПАТУВАЊЕ И 4 ГОДИНИ ОСТАНАА ВО ШТИП

Не е лесно да си многу далеку од родната земја, на стотици, можеби и илјадници километри без свој сонародник, но полека се адаптираме, во што многу ни помагаат и љубезните штипјани и Македонци. Вака зборуваат Тара Ситоула (36) и неговата сопруга Бриди Упадјаја (28), единствените, како што велат, Непалци во Македонија. Од земјата на Хималаите, највисокиот планински венец во светот, во сончевата Македонија дошле пред точно четири години, во мај 2012.

- Во Македонија дојдовме само три месеци по нашата свадба во Непал. Kако да заминавме на некое свадбено патување на неопределено време во непознато, на кое сме с` уште, а можеби и ќе останеме уште долго, иако во близина немаме ниту еден сонародник. Најблиското дипломатско претставништво на татковината ни е непалската амбасада во Берлин. Еднаш им се имаме обратено за помош, кога пасошите ни беа полни со печати, па ни испратија нови – раскажуваат Тара и Бриди.

Пријатели сите 115 вработени

Бриди има завршено факултет за бизнис-менаџмент, а Тара за англиски јазик, но поминал и многу обуки за менаџмент во текстилството. Работеле за индиска компанија, која пред четири години ги испратила во Македонија да раководат со нивната конфекција во Штип. Тара е управител на фабриката, а Бриди комерцијалист.

- Седиштето на компанијата „Банковерсис“ е во Мумбаи, Индија, но групацијата е разгранета и во Хонг Kонг, Словачка, Македонија, каде што, во фабриката во Штип, произведуваме машки кошули за европскиот пазар. Главно за Велика Британија и за Холандија, но и за Германија, Естонија, Хрватска… Имаме 115 вработени – објаснува Тара.

Иако се многу комуникативни и дружељубиви, ретко кој во Штип знае дека веќе четири години имаат сограѓани од азиската хималајска земја. Тара комуницира на англиски и многу малку досега научил македонски, со кој многу подобро се снаоѓа неговата сопруга.

- Има голема разлика меѓу македонскиот и непалскиот јазик, но се трудиме и напредуваме. Веќе стекнуваме нови пријатели во Штип и во Македонија, покрај овие 115 пријатели што ги имаме во конфекцијата. Многу се радуваме кога ќе слушнеме за некој Македонец што бил во Непал. Засега се имаме запознаено само со една девојка, антрополог од Скопје, која била, а и сега е во Непал. Слушнавме дека и алпинисти од Штип учествувале во мисии на Хималаите. Уште не сме се запознале со нив, но има време – вели Бриди.

Истакнуваат дека секој слободен викенд го користат за да се запознаат со убавините на Македонија, да отидат до Охрид, Струга, Скопје, Матка или некаде поблиску до Штип, како Пониква, Малеш… Kога за викенд ќе останеле во Штип, најчесто оделе на ручек во ресторан, понекогаш и на некој културен настан. С` уште им се верни на непалската кујна, иако се навикнуваат и на македонската, од која на Бриди ~ се омилени тавче-гравчето, ајварот, пинџурот и малешевскиот компир, а на Тара штипската пастрмалија.

Оризот ни е како леб

- Редовно дома готвам непалски специјалитети, во кои се користат многу зачини што тешко се наоѓаат овде, па кога ќе отидеме за Непал се враќаме овде со полни торби. Оризот за нас е како леб. Интересно, иако сме во македонскиот оризарски крај, ние кочански ориз јадеме само во ресторан. Тој многу се разликува од нашиот, кој е подолг, посув. Таков басмати ориз има само во некои маркети, па редовно го купуваме во Скопје – објаснува Бриди.

Таа потекнува од градот Нарингад со околу 200.000 жители, а Тара од Биртаморт, како што вели, со 50-60 илјади, слично на Штип, и оддалечен 150 километри од Хималаите, па одлично се гледале високите хималајски врвови.

- Непал има голема густина на населението, па по улиците има метеж од луѓе, велосипеди, автобуси… Во Македонија е многу помирно, воздухот почист. Наша среќа е што во новата средина н` дочека гостољубив и пријателски расположен народ секогаш подготвен да ти помогне, што многу ни ја олесни адаптацијата на европска почва – велат сопружниците.

Во Непал редовно одат еднаш годишно, во октомври, кога во нивната земја имало голем празник. Патувањето со авион од Истанбул до Непал траело осум часа.

Осум од десетте највисоки светски врва се во Непал

Непал по површина е шестпати поголем од Македонија, а со 30 милиони жители е дури 15 пати поголем според населението. Сместен е како во сендвич меѓу двете најмногубројни земји во светот, Kина и Индија, па Бриди и Тара во шега велат дека во Непал, заедно со двете соседни земји, живее повеќе од една третина од вкупната популација луѓе на планетата.

- Непал е најдобрата туристичка дестинација во светот. Од десетте највисоки светски планински врва во светот, сите повисоки од 8.000 метри, осум се во Непал, вклучувајќи го и Монт Еверест (8.850), „покривот на светот“. Има остатоци од живот и цивилизации уште од камено време, во Непал е роден и Буда – со љубов за родната земја раскажува Тара.

Бриди додава дека Непал има многу специфики, четири климатски зони според надморската височина, а според тамошниот календар сега во Непал течел вториот месец од 2073 година.

Љупчо Шатевски

© 2012 Матица на иселниците од Македонија - Сите права ги задржува МИМ

Scroll to top