Јуратовиќ прогнозира „зелено светло“ од Бундестагот

josip-696x392.jpg

Германскиот парламент се подготвува за расправата за Северна Македонија. Пратениците од Бундестагот на 26 септември ќе одлучуваат дали ќе ѝ дадат зелено светло на земјава за почеток на преговорите, односно да ѝ овозможат на владата на Ангела Меркел да се согласи на ниво на ЕУ. Одлуката веројатно ќе ја подразбистри сликата околу тоа што може да очекуваме од состанокот на Советот за општи работи на 15 октомври во Луксембург, кој треба да пресече дали, 18 години по потпишувањето на Спогодбата за асоцијација и стабилизација и 14 по кандидатскиот статус, конечно ќе биде означен стартот на преговорите. Оставени се 45 минути за дебата, од која не се очекуваат изненадувања, барем не за земјава.

Пратеникот од социјалдемократската партија и член на Бундестагот од 2005 година, Јосип Јуратовиќ, во изјава за „Независен весник“ проценува дека отворањето на претпристапните преговори со Северна Македонија за мнозинството во германскиот парламент не е доведено во прашање. Притоа ги потврдува информациите дека сè уште виси дилемата што да се прави со Албанија. Дали таа да оди во пакет со нас или да се стопира на европските шини и да чека некој нареден воз.

„Албанија направи многу за отворање на претпристапни преговори со ЕУ, но има и многу недостатоци. Сепак, лично сметам дека што се однесува до германската страна Северна Македонија и Албанија, сепак, ќе добијат зелено светло низ мнозинството на парламентот. Ќе биде многу потешко да се уверат Франција и Холандија во однос на започнувањето на претпристапните преговори. Со Северна Македонија тие имаат помалку проблем, но досега се спротивставуваа на започнувањето на претпристапните преговори со Албанија“, вели Јуратовиќ.

Германскиот пратеник се надева дека позитивната одлука ќе биде донесена уште на крајот од следната недела, но нагласува дека е важно да се убедат и Франција и Холандија и дека не се работи само за политичките водачи на двете земји, туку и за иднината на граѓаните во двете држави.

„Важно е и за кредибилитетот на ЕУ, која ветува уште од 2003 година дека Западен Балкан има перспектива за влез во ЕУ, во која мора да бидеме свесни дека демократскиот систем се повеќе е загрозен од автократските системи. Тоа се брани во Берлин и во Париз, а огледалото на ова се гледа во однос на демократските сили на Западен Балкан. Имено, овие демократски сили имаат шанси институционално да ги зајакнат своите држави само преку отворање на претпристапни поглавја, при што мислам дека меѓу првите треба да бидат поглавјата 23 и 24, кои треба да се заклучат не само на хартија, туку и во пракса“, вели Јуратовиќ.

„Северна Македонија во никој случај не смее да биде жртва на односите во ЕУ и општествено политичката состојба во Албанија. Иако заради мирот и стабилноста би било пожелно двете земји да добијат зелено светло, сепак, секоја земја мора да биде наградена според своите заслуги“, додаде Јуратовиќ.

Пред самитот на ЕУ останува помалку од еден месец. Како во домашната така и во странската јавност се анализираат разни сценарија. Од добивање чист датум до повторно одложување со некакво ново „хибридно“ решение. Дел од медиумите, повикувајќи се на дипломатски извори од седиштето на ЕУ, велат дека Македонија сепак во заклучоците на Советот на ЕУ на 15 октомври ќе има прецизен датум за преговори, но Советот, најверојатно, ќе донесе референца тоа да се случи во текот на претстојното хрватското претседателство со Унијата. Советот на ЕУ, според истите извори, најверојатно, ќе донесе одлука за старт на преговори и со Албанија, но одржувањето на првата меѓувладина конференција со соседната земја ќе го услови со исполнување серија задачи. За Македонија, наводно, такви услови не би имало.

Додека кружат неофицијалните информации, официјален став од Елисејската палата сè уште нема. Франција и натаму е најголемата енигма. Дел од познавачите не ја исклучуваат можноста проблемите во владеењето на правото да се искористат како џокер за евентуалната нова „двојка“. Франција, која веќе подолго време говори дека проширувањето треба да се разгледува заедно со прашањето на продлабочување на ЕУ, став врз кој реално немаме влијание, инсистира на владеење на правото и продолжување на реформите. Тоа беше пораката и што деновиве му беше упатена на македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров на средбата со Амели де Моншален, државен секретар во француското Министерство за Европа и надворешни работи.

Францускиот медиум Франс 24, пак, пишува дека одлуката дали во октомври да започнат официјални разговори со Македонија останува на земјите членки на ЕУ и на нивниот нејасен возен ред. Според пишувањата на францускиот медиум, иако Македонија очекува награда по тешкиот дипломатски компромис што вклучуваше и промена на името за решавање на спорот со Грција, договор што исто така го отвори патот кон НАТО, внатре во Унијата затскривајќи се зад Франција, Холандија и другите земји членки се двоумат околу почнувањето на преговорите со земјава од следниот месец. Во анализата уште се наведува и дека токму поради некои примени држави во ЕУ, како Бугарија и Романија во 2007 година, кои тогаш имаа проблеми со корупција и владеењето на правото, не треба да се брза сега со примањето на новите идни членки.

Процесот на донесување одлука во Париз е во конечна фаза, но сè уште нема одлука. Шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за Дојче веле рече дека тешко ќе биде да ни се каже „не“, но призна дека Франција останува неодлучна во однос на датумот за почеток на преговори. На прашањето што им пречи на овие земји кои сè уште не донеле одлука, Димитров рече дека во однос на домашните задачи тоа што преостанува е исходот од преговорите околу законот за јавно обвинителство.

„Сепак, не секој закон врши работа. Има земји членки што имаат црвени линии: да не се изгубат случаи, истраги на патот од старата кон идната институција, да нема скриена амнестија, да не биде политиката таа што ќе кажува што ќе се гони кривично, а што не, туку системот: судството, обвинителството итн. Мислам дека ќе треба да бидеме многу ажурни во следниве денови и недели, да објаснуваме до каде сме и кои се разликите. Меѓутоа, атмосферата ја проценувам како исклучително позитивна“, нагласи Димитров.

Османи: Германија ќе даде „зелено светло“

Германија ќе ја поддржи Македонија и ќе одобри да се даде датум за старт на проговорите за пристап во Европската Унија. Ова го соопшти вицепремиерот Бујар Османи по вчерашната средба во Берлин со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот. Османи добил потврда од Рот дека германската влада во целост ги поддржува европските интеграции на земјата и на седницата на Бундестагот која треба да се одржи идната недела ќе застане во одбрана на позициите за старт на преговорите со Македонија во октомври.

И САД се надеваат на позитивна одлука

САД се надеваат дека Европскиот совет ќе донесе одлука за отпочнување на пристаните преговори со Македонија, изјави новоименуваниот американски специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, во интервју за Гласот на Америка.

„Европската комисија предлагаше отпочнување преговори за членство со Скопје во последниве девет или десет години по ред. На нашите европски партнери јасно им ја пренесовме нашата позиција. Сметаме дека отпочнувањето на преговорите би било многу корисно“, вели Палмер. Сепак, според него, и земјава мора да продолжи со спроведувањето на реформската агенда, вклучително и носењето на нов закон за јавното обвинителство.

„За ова прашање во Скопје се водат консултативни преговори. Ние би сакале да соработуваме со Владата на Северна Македонија во поддршка на реформската агенда. Би сакале да и помогнеме на земјата да напредува“, додава Палмер.

Наум Котевски

(Независен весник)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top