Штефан Петер: Да не се чека изборите да завршат, бизнисот мора да функционира

peter.jpg

Советот на странски инвеститори одржа работна средба со членови на Владата на Македонија, но и со претставници на повеќе државни институции. Главната цел на состанокот беше да се презентира спроведувањето на економските политики на Владата во однос на странските и домашните инвестиции.

На средбата беа презентирани предизвиците и состојбите со кои се соочуваат странските инвеститори во нивното работење. А нив ги слушна вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска. Претседателот на Советот и генерален директор на ЕВН, Штефан Петер, посочи дека состанокот со Царовска и владиниот тим се одржува во вистинско време и дава импулс дека и покрај тоа што земјата се наоѓа во предизборен период, стопанството треба да продолжи да работи и да се развива со предвидената динамика.

„Oвој состанок е мошне важен за Советот на странски инвеститори и доаѓа во вистинско време, зашто сите го почитуваме Пржинскиот договор и Парламентот ќе почне со пауза, но глобалната економија, економијата во Северна Македонија не се на пауза и бизнис-секторот не запира. Затоа сум благодарен што на оваа средба може да дискутираме за економските реформи што се неопходни, а што се прикажани во нашата Бела книга од 2018 година. Ги повикувам сите мои колеги, претставници на домашни и странски компании, да не чекаат со носењето одлуки, да не чекаат да завршат изборите, туку да дејствуваат сега. Бизнисот мора да функционира и да се развива, потенцираше Петер.

Според Петер, Советот не адресира проблеми до Владата, туку решенија. Тој ги потсети креаторите на економските политики за препораките од Белата книга за решавање на отворените прашања идентификувани од странските инвеститори во земјава, но и на специфичните барања на компаниите од слободните економски зони. Тоа беше дискутирано на претходни средби меѓу Асоцијацијата на странски компании со тогашниот премиер Зоран Заев и економскиот тим на Владата на РСМ.

Вицепремиерката Царовска, која го предводеше владиниот тим на состанокот, истакна дека посветено работат на усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд. Според неа, веќе се реализирани и десетина проценти од предлозите на компаниите наведени во Белата книга за 2018 година.

„Како Влада ги изанализиравме сите нивни предлози, направивме пресеци, а денеска, на овој состанок ќе дискутираме кои се оние што досега се реализирани и што останува пред нас како предизвик и сметам дека сме во добра стартна позиција зашто околу десетина проценти се веќе реализирани од нивните предлози, а дополнително околу 62% се во процес на реализација, зашто голем дел од регулативата е во трудовото законодавство. Тоа се безбедност и здравје при работа и новиот закон за работни односи кој го работевме заедно со стопанските комори. Голем дел од оние барања кои се поставени во Белата книга веќе се адресирани во новото законско решение кое очекуваме да биде ставенo во собраниска процедура по составот на новата влада“, рече Царовска.

Советот на странски инвеститори ги упати своите предлози за решавање на најгорливите проблеми со кои се соочуваат во нивното секојдневно работење. Дел од нив се усогласување и ревидирање на царинските стапки, рационализација на парафискалните давачки, одливот на стручен кадар од земјава, подобрување на инфраструктурата, прашањата поврзани со минималните плати, и многу други недостатоци.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top