Филип Фидановски: ДЛУМ мора да добие свој галериски простор, во 2021 слави 75 години постоење

dlum.jpg

„Без збор Друштвото на ликовните уметници кој со години е синоним за уметност и култура во Македонија по земјотресот го отстапи уметничкиот павилјон под Кале кај Старото сајмиште и остана без свое место за претставување и до денеска лута како потстанар… Заради сето ова и она некажаното, државата треба да му обезбеди соодветен галериски простор“, ќе посочи за весникот „Вечер“ Филип Фидановски, актуелен претседател на ликовната асоцијација. ДЛУМ во моментот е потстанар во Градскиот трговски центар…

„Уметничкиот центар Арт-Хаб, што се наоѓа на вториот кат во ГТЦ, е прекрасен и ги има сите карактеристики за одлична галерија која може многу да му пружи на градот и државата. Едноставно на Скопје му требаше еден ваков простор и културна содржина во самиот епицентар на градот. Галеријата за овој кус период е одлично посетена, таа ќе придонесе за посетеност и на новиот парк на покривот на ГТЦ кој неодамна се отвори, бидејќи галеријата и паркот се едно до друго. Планираме и одредени активности на отворено во паркот во ГТЦ. Се надевам дека овој простор кој располага со сите услови за достоинствено промовирање на уметноста ќе заживее и ќе му даде нов пулс на Скопје и воопшто ќе придонесе за развој на ликовната сцена во државата. А колегите ќе ги препознаат квалитетите на новата галерија и ќе создадат проекти кои ќе ги презентираат таму“, вели за весникот „Вечер“ македонскиот уметник Филип Фидановски и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) чија нова изложба „Трилогија, ликови –луѓе“ е поместена во овој простор и ќе може да се посети до 8 декември. Токму за овој галериски простор по пат на приватно-јавно партнерство, годинава ДЛУМ потпишал договор со кој добива одреден број на термини во кои ќе организира изложби, а како обврска ќе треба да се грижи за галеријата. Првата изложба во Арт-Хаб беше со дела на претседателите на ДЛУМ, а галеријата е отворена секој работен ден од 11 до 18 часот.

Но, како што нагласува Фидановски, Арт-Хаб уметничкиот центар не е просторот на ДЛУМ којшто тие со децении бараат од државата да им го обезбеди. „ДЛУМ мора да добие од државата соодветен репрезентативен галериски простор во центарот на градот, зошто во 2021 ќе слави јубилеј од 75 години од своето постоење. Со багажот на овие години ДЛУМ е првата и најстара институција од областа на ликовната уметност во Македонија со стопроцентна реализација на сите зацртани проекти до сега, со членство на уметници над 500. Со години е синоним за уметност и култура, (доказ за тоа се имињата на досегашните претседатели кои раководеле со ДЛУМ, а ги има 30 на број). Синоним за сите уметници кои се здобиле со ателјеа и плацови, бараки во златните времиња кога ДЛУМ ѝ беше партнер на државата во креирањето на ликовната сцена и кога без збор ДЛУМ го отстапи уметничкиот павилјон под Кале кај Старото сајмиште по земјотресот и остана без свој галериски простор и до денеска лута како потстанар. Има уште многу да се каже за ДЛУМ… Заради сето ова и она некажаното, државата треба да обезбеди соодветен галериски простор“, ќе посочи Фидановски. Тој ги најави и активностите кои ДЛУМ треба да ги реализира до крајот на годината како Годишната (ревијална) изложба која ќе се отвори на 24 декември во Мала станица, а на 25 декември ќе се додели наградата Нерешки мајстори за животно дело на Анета Светиeва. „За наредната година нè очекуваат поголеми активности покрај стандардните програмски изложби. Во февруари ќе го отвориме 18-от Зимски салон на ДЛУМ која е биенална изложба и исто така изложбата на 3-то интернационално биенале на графика“, додава тој.

Запрашан за личната визија која ја имал за неговата изложба „Трилогија, ликови –луѓе“, Фидановски вели дека таа обединува три посебни изложби, „Време за …“ „Тајната вечера“ и „Дијалози во боја“, а пораката која се проткајува низ сите е вечно актуелна, особено во последно време, а тоа е отуѓеноста на луѓето. „Човекот е единствен вид на планетава што може да комуницира меѓу себе за разлика од другите суштества. Технологијата, која е создадена навидум да му помогне на човекот, за жал колку што е корисна, толку е уништувачка за него, бидејќи заборавивме да комуницираме меѓу себе седејќи едни спроти други и гледајќи се лице в лице. Токму јачината на тастатурата и зборот кажан од позади тастатурата и таа отуѓеност на луѓето се провокацијата за оваа изложба. Иако ова прашење е социјално, филозофско јас се обидов да го сублимирам во оваа ‘Трилогија, ликови-луѓе’. Дијалогот лице в лице со соговорникот е многу битен, ние тоа веќе со новите начини на комуникација го заборавивме. Но сепак ќе оставам публиката која ја цени уметноста, да ја види изложбата и сама да протолкува и да се замисли за мојата идеја и порака“, истакнува Фидановски.

Инаку, сегментот „Дијалози во боја“ го сочинуваат деветнаесет глави, човечки бисти. Кирил Пенушлиски кон оваа изложба ќе посочи „И покрај тоа што основната форма на бистите е иста, се работи за портрет биста на уметникот – неговата глава е основниот модел, сите бисти се различни. Во нив уметникот со помош на цртеж и боја дава карактерни, лични, идентификувачки црти. Ставајќи нечиј друг лик врз сопствената форма, Фидановски си игра со идентитетот. Тој не само што го препознава фактот дека личниот идентитетот е комплексен субјект составен од повеќе делови, меѓу кои спаѓа и интеракцијата со различни луѓе, туку во овие дела тој тоа и го потенцира“.

Вечер (Н.И.Т.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top