Тројна сила од вечните македонски гласови: Кирил Манчевски – моќта на свилениот глас

.jpg

Продолжуваме со краткиот серијал посветен на трите најмоќни грла во македонскиот вокален фолклор – Никола Бадев, Александар Сариевски и Кирил Манчевски. Во овој текст ќе се присетиме на Манчевски и неговата лирична душа, која меѓу другото непроценливо наследство, ни ја остави и волшебната „Јано, мори севдалино“.

Гласот на Кирил Манчевски има исклучителни топлина, нежност и питомост – основната тројна сила на еден од најважните вокали во македонската музичка историја воопшто. Неговиот опус крие фасцинантни изведби, што со својата пријатност и леснотија имаат хипнотизирачка моќ. Токму уникатните мелодиски орнаменти го ставаат Кирил Манчевски на самиот врв на исполнители, не само македонски, туку и регионални. Затоа и не чуди фактот што Кирил Манчевски е присутен на повеќе десетици изданија на белградските и загрепските издавачки куќи.

Роден е во дебарското село Броштица на 8-ми ноември, 1936-та и пораснал во виорот на Втората светска војна, по која, Манчевски станува металски работник. Но, како ништо да не можело да го сопре возвишениот талент и свилениот глас кој засекогаш се распостели низ македонската музичка култура.

Во неговиот живот, кој за жал згасна прерано, тој комплетно се посветува на песната која ќе го следи до самиот крај. Моќта на неговото грло е препознаена кон крајот на 50-те години на минатиот век, за во шеесетите и седумдесетите да следува професионалната кариера, чиј плод се околу 30 различни изданија, настапи и соработки со повеќе фолклорни ансамбли и музички состави.

Префинетоста, изобилието на емоции и беспрекорната експресија се само некои од прекрасните обележја на гласот на Кирил Манчевски, кој некогаш се чини дека чекори до самата тишина. Запомнет е како скромен, едноставен, исклучително духовит, искрен човек и врвен професионалец кој најчесто настапува како солист. Но, никако не може да ги заобиколиме темите кои произлегоа од фантастичната соработка со Виолета Томовска.

Кирил Манчевски умира на 39 годишна возраст во 1975-та по тешко и долго боледување, но неговиот незаменлив, широк и богат интерпретаторски стил сè уште воодушевува и ги радува срцата на сите љубители на убавата песна.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top