Стилиан Самарџиев активист на Македонците во Егејска Македонија

stilianos-samartzis.jpg

Стилиан Самарџиев е жител на селото Крушоради во Леринскиот регион на Егејска Македонија. Тој е еден од голем број Македонци кои живеат во овој регион и кои сеуште ги негуваат македонските традиции, обичаи и култура. Неговиот профил на Фејсбук е како времеплов низ историјата на македонските села, градови и македонската историјата од антиката до денес. Стилиан често пишува како се живее денеска во овие населени места и како живее македонското малцинство во Грција. Со него разговаравме токму за тоа, но и за тоа како е да се биде Македонец во Грција и како нашинците таму реагираат на Преспанскиот договор и на откажувањето на Македонија од малцинството во Грција.

Стилиан кажи ни на почеток за твоето место на живеење, како се живее денеска, а како било порано?

Живеам во селото Крушоради тоа е село во Леринскиот регион. Повеќето луѓе работат во приватна компанија за јаглен која работи во близина на селото, а некои други селани работат како земјоделци. По граѓанската војна многу Македонци заминале од селото. Денес Македонците во селото се малцинство, а мнозинството го сочинуваат колонисти од Епир.

Дали Македонците во Егејскиот дел на Македонија сеуште ги негуваат традицијата, обичаите и својата култура?

Македонците со посветеност ги следат сите традиции на свадби или разновидни христијански празници, во погреби или раѓања, оддадени од генерација на генерација, се обидуваме да ги заштитиме македонските традиции и култура.

Колку населени места каде живеат чисто Македонци постојат денеска и каде најдобро сеуште се чувствува македонскиот дух?

Постојат многу села кои населението се Македонци, но во тие села постојат и гркомани. Лерин, Воден, Костур, претежно се региони со најмногу македонско население, но сите региони во Егејска Македонија имаат македонски села со македонско население.

Лесно е или тешко да се биде Македонец денеска во Егејска Македонија?

Секако не е лесно да се биде и да се изразиш како Македонец во Грција. Последните години во Егејска Македонија Mакедонците пеат и танцуваат слободно на сите македонски песни, но мислам дека тоа не е доволно. Ни треба различен стил на дејствување. Културното будење е добро преку музика и танци, но тоа нема да ги реши нашите проблеми.

Како реагираат нашинците на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција и откажувањето на Македонија од малцинството во Грција?

Македонскиот народ во Егејска Македонија има различни мислења за Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија. Многу од луѓето не се целосно информирани за договорот. Лично јас не се согласувам и не ми се допаѓа Преспанскиот договор и посакувам за доброто на Македонија овој договор наскоро да биде укинат.

На твојот профил на Фејсбук можеме да забележиме дека често ги посетуваш македонските села и локалитети. Каде денеска е најживо, односно каде има најмногу народ?

Македонските села денес во Егејска Македонија не се населени како во минатото, а населението во тие села е мешано. Леринскиот регион има многу села населени со етнички Македонци. Исто така и Воденскиот регион, Костурскиот и Соботско.

Знаеме дека голем број Македонци од Егејска Македонија биле протерани за време на граѓанската војна во Грција. Доаѓаат ли нашинците од дијаспората на старите огништа и дали ги помагаат македонските населени места?

Силни емоции и сеќавања имаат Македонците за својата татковина. Кога ќе се вратат во Егејска Македонија секој пат се полни со емоции. За жал голем процент од тие луѓе не можат да дојдат во Егејска Македонија, затоа што Грција ги има во црната листа. Македонците кои живеат во странство често помагаат финансиски во различни прашања.

Пред неколку дена си го посетил и славното градче Кутлеш. Место од каде потекнува 16-кракото сонце кое беше и наше државно знаме. По што е посебно ова градче и како е таму во денешно време?

Во Кутлеш 1977 година грчкиот археолог Манолис Андроникос најде гроб за кој се претпоставува дека му припаѓа на кралот Филип II Македонски, а гробницата денес е прогласена за светско наследство на УНЕСКО. На истото место беше пронајден и древниот македонски симбол шестнаесетзрачното сонце или познато како Македонско сонце или ѕвезда од Кутлеш. Денес селото е туристичка дестинација за оние кои сакаат да ги видат македонските кралски гробници и разни други археолошки места.

Стилиан за крај, како да се обединат Македонците во Егејска Македонија и да ги добијат своите права?

Веќе имаме културни настани што се случуваат во Егејска Македонија. Музички фестивали и прослави со Македонци песни и ора. Но, политички немаме многу успех. Покрај музиката и ора националното будење е сè уште тешко прашање за нас. Потребен е силен шок за да можат Македонците да разберат дека постоењето на нашето наследство мора да се заштити, не само со песни и ора, туку и со силна волја да го одржуваме нашиот македонски идентитет жив и просперитетен./www.markukule.mk

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top