ССК бара зголемување на бројот на ученици во средните стручни училишта

dsvdsvsd-238719.jpg

Да се намалат квотите за запишување ученици во гимназиите и другите општествени струки, а една третина од вкупниот број слободни места да бидат за средните стручни училишта, предлага Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССК).

Како што беше речено денеска на прес-конференција, само на компаниите на територијата на Гази Баба им се потребни повеќе од 650 квалификувани работници од машинската и енергетската област.

– Дојдено е време од промоции и кампањи да преминеме на преземање конкретни чекори како што е реформата во училиштата. Не знам точно колкави се платите за стручните кадри во индустријата, но сигурно се повисоки од оние на кадрите во општествените и ненасочените струки. Кај квалификуваниот средношколски кадар, не постои невработеност, истакна Трајан Ангелоски од Индустриската комора во ССК.

Тој изнесе и уште две барања на ССК, едното во врска со, како што рече, минималното инвестирање во индустриските зони, а другото за усогласување на законските промени со актуелните случувања во стопанството.

– Цената на локациите во зоните е превисока. Нашето барање е секој квартал општините да објавуваат на продажба слободни локации за изградба на нови капацитети, посочи Ангелоски, додавајќи дека притоа не треба да се заборават постојните индустриски зони кои моментно, според него, се останати на ниво од пред половина век.

Став на ССК е и да се воспостави квалитетен механизам за усогласување на разликите меѓу законите од економската сфера. – Доколку изградите фотоволтаична централа со сите потребни дозволи и лиценци, тогаш сте лишени од финансиската поддршка за инвестиции. Практично ќе добиете лиценца од Регулаторната комисија за енергетика, но со тоа ќе ви се елиминира можноста за користење на поволностите од Законот за финансиска поддршка, објасни Ангелоски.

Осврнувајќи се на последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои, индустриското производство е зголемено за 6,1 отсто, Ангелоски потенцира дека ако земјава сака да се приклучи кон државите со висок технички и технолошки развој, потребно е минималниот процент на раст да изнесува седум до девет отсто годишно и таквиот тренд да го одржува во континуитет од пет до 10 години.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top