Викендов почнува 42. Денови на македонска музика

12mail-960x936.jpeg

42. издание на манифестацијата Денови на македонска музика ќе почне в сабота, 6 април во
Камерна сала на Македонската филхармонија, 20 часот.

GRAZ MEETS SKOPJE е насловот на концертот на ансамблот ЦАЈТФЛУС (ZEITFLUSS) – Австрија, диригент е Едо Мичиќ.

На програмата на концертот насловен „Грац се среќава со Скопје“ се дела на композитори од Австрија, Грција и Израел, меѓу кои дела од авторите Беат Фурер, Зив Којокару, Даниел Мозер, Ферд Кир, Орестис Туфекцис, како и од македонските автори Јана Андреевска и Панде Шахов, чие што камерно дело „Лебдечка патека“ ќе ја доживее својата светска премиера. По претставувањето во Грац на 4 април, реномираниот австриски ансамбл ќе ги презентира возбудливите текови и убавината на денешната современа музика и на „Деновите на македонска музика“.

Едо Мичиќ е роден во Задар, Хрватска. Студирал Музичка теорија и педагогија на Загрепската музичка академија. Во 1988 година се запишал на Универзитетот за музика и узведувачки уметности во Грац, на студии по диригирање кај Милан Хорват и Марин Турновски. Во овој период посетувал неколку мајсторски курсеви, меѓу останатото и со Хајнц Регнер во Вајмар. Дипломирал 1993 година. Од 1993 до 1997 Мичиќ работел со повеќе хорови и вокални ансамбли, фокусирајќи се на духовната и црковната вокална музика. Диригирал бројни миси од Хајдн, Моцарт и Шуберт. Следните години диригирал со оркестри како Симфонискиот оркестар на Дубровник, Симфонискиот оркестар на Хрватската радио-телевизија, Сараевската филхармонија и Оркестарот Савариа од Сомбатхеј, на концерти и на турнеи во земјите и странство. Од 1995 Мичиќ предава на Универзитетот во Грац, истовремено диригирајќи го и универзитетскиот Ансамбл за нова Музика. Како специјалист за нова музика работел со ансамбли како Загрепски солисти, Задарски камерен оркестар, Ансамблот Кантус од Загреб, Ансамблот Сонемус, Клангфорум, Ансамбл Креатив, Шалфелд и многу други. Во 2003 година, заедно со композиторот Киаваш Сахебнасаг и саксофонистот Клеменс Фриштик го основа ансамблот Цајтфлус и оттогаш е негов диригент. Тој редовно диригира на фестивали како Штаерска есен, Тонраум XXI (претходно познат како Денови на нова музика – Грац), Музичко биенале Загреб, Фестивалот за нова музика во Опатија, Меѓународниот летен фестивал Свети Донат (Задар), Фестивалот Епидаурус (Цавтат), Сонемус фестивал (Босна) и Шангајскиот меѓународен музички фестивал.

Уште од своето основање во 2003 година ансамблот ЦАЈТФЛУС (ZEITFLUSS) се востановил како високо ценет ансамбл за нова музика. Јадрото музичари од Грац има за цел да го разоткрива фасцинантниот развој на современата музика и нејзината убавина – која за поголемиот дел од публиката е скриена – да ја направи слушлива. ЦАЈТФЛУС се истакнува и со изведби на дела од 20.век кои се инаку ретко изведувани покрај делата на современите композитори.
www.ensemble-zeitfluss.com

Членови на ансамблот ЦАЈТФЛУС на вечерашниот концерт се:
Елена Габриели – флејта, Јоханес Фојхтер – кларинети, Клеменс Фриштик – саксофони, Ласло Худачек- перкусии, Цугами Ширакура – пијано, Петер Мосорјак – виолина, Даниел Мозер – виола, Лусија Перез Диего – виолончело, Николаус Фајних – контрабас

ÖGZM – Австриското здружение за современа музика е платформа за композитори, изведувачи, музиколози и музички ентузијасти. Од своето формирање во Виенското музичко друштво во 1949 година (Wiener Musikverein) Австриското здружение за современа музика е посветено (со преку 900 настани организирани досега) на дисеминацијата на музичкото творештво на денешното време. Во моментов здружението брои околу 200 члена и организира околу дваесетина концерти, работилници и симпозиуми секоја година.

ÖGZM се залага за отвореност кон различни уметнички стилови и вклучување на сите генерации композитори. Се грижи за интересите на живите композитори главно изведувајќи ги нивните дела и соработувајќи на национално и меѓународно ниво.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top