Се вратиле од Италија и во Блатец произведуваат италијански деликатеси

bionatura.jpg

Македонија од секогаш, за жал и денес, како и други балкански држави е симбол на печалба, на луѓе кој што својата иднина сакаат да ја живеат во странство. Секој регион во Македонија веќе стандардно се знае каде се иселува – југот ја сака Австралија, западниот дел ја сака Швајцарија и Германија, а источниот дел најмногу ја сака Италија.

И сите се враќаат на крајот од својот живот да го поминат во местото од каде што заминаа на печалба. Само ретките, би рекле и најхрабрите, се одлучуваат да се вратат и стеченото знаење и капитал го вложат во местото од каде што потекнале и да направат се, за да покажат дека и кај нас може да се работи и живее како што може и на западот.

Баш тој смел чекор го направи и фамилијата Филипови. Жаклина и Горан Филипов од село Блатец, во непосредна близина на Виница, кои што својот капитал и знаење го пренесоа во своето место и станаа најголеми производители на врвен деликатес – полнети пиперчиња со урда, хумус и други вкусови. Искуството ни го сподели Горан.

Се вративте од странство во своето родно место и започнавте свој бизнис. Што ве поттикна на таков чекор?

Како и сите од нашиот регион, во потрага за подобриот живот, на почетокот на деведесетите години, решивме да заминеме во Италија. Бевме разочарани од целата состојба во тогашната заедничка држава, гледавме како се се распаѓа пред нашите очи. Ние, тогаш, како млад брачен пар не ја гледавме повеќе иднината во нашата држава и донесовме одлука да се преселиме во Италија.

Немавме точна замисла што да правиме и со што да се занимаваме но сметавме дека како млади луѓе сме способни и спремни за се што ќе ни се даде можност за работа. По пат на пријатели конкуриравме за работа во фабрика за производство на италијански деликатеси, помеѓу другото и за производство на познатиот италијански деликатес – полнети „шери“ пиперчиња.

Тука во таа фабрика го научивме „занаетот“ , во Италија ни се родени и нашите деца и не можевме да се пожалиме на животот. Но, сликата на селото кое што секое лето останува пусто и кое останува без жители а има голем потенцијал на производство на квалитетна храна, не ни даваше мир.

Пред, околу 12 години донесовме одлука да заедно со фамилијата се вратиме назад во нашето село и стекнатиот капитал и знаење го инвестираме во погон за производство на италијански деликатеси, но со квалитетни македонски производи , произведени во Македонија, произведени од нашите комшии, нашите земјоделци и фармери.

И од тој момент започнува нашиот втор почеток.

Со какви предизвици сте се соочиле кога сте се вратиле и кога сте го започнале бизнисот?

Секој почеток е тежок, особено кога се работи за започнување на бизнис. Го имавме знаењето, го имавме капиталот. Објектот го преуредивме и ја спремивме и опремата. Но машините и објектот не го прават производството туку луѓето.

Вработивме 20 работници од нашето место, на кој што им направивме обука за продуктивно производство, за да нашиот производ биде квалитетен и прифатен од страна на купувачите.  Тоа беше процес кој што и ден денес трае. Требаше време за да се објасни и обучат вработените за целиот технолошки процес за да на крај излезе квалитетен производ.

Вториот чекор беше пронаоѓање на соодветни добавувачи. Што се однесува до добавувачи на тегли, етикети и слично тука немавме преголеми проблеми. Но најголемиот проблем беше пронаоѓање на производители на до тој период слабо позната сорта на пиперки – така наречена „шери“ пиперка.

Имено ова сорта на пиперка бара посебни услови на одгледување, а бидејќи сакавме да биде приватлива за строгите услови на пазарот на ЕУ, самиот процес на производство на истата требаше да биде посебно внимателен. Тука имавме доста проблеми со самите производители бидејќи не се придржуваа до самите услови на производството, користење на преголемо количество на пестициди и други средства.

После одреден временски период креиравме база на земјоделци кој што ја произведуваат оваа пиперка, која што одгледана во нашиот регион има поинтензивен вкус и поинтензивна арома за разлика од истата пиперка произведена во Италија.

Исто така, имавме доста проблеми во пронаоѓање на соодветен производител на урда. Имено инсистиравме на тоа да во нашиот производ биде користена млечна урда, које што можеби е поскапа, но во комбинација со „шери“ пиперката дава неодолив вкус кој што е препознатлив и баран од страна на нашите клиенти.

Голем број на таканаречени производители на урда, ни подметнуваа урда која што е добиена од растително масло, која што ни во кој случај нема исти карактеристики и квалитет како и млечната урда, да не ги спомнуваме и негативните здравствени ефекти од млечните производи добиени од растително масло.

Покрај тие иницијалните проблеми во однос на производство, имавме и имаме проблеми во однос на прибавување на одредени дозволи и процедури, за кој што сметаме дека само го отежнуваат работењето и кој што го одземаат времето и фокусирањето на нас кој што сме сопственици и менаџери на компанијата. Наместо да се фокусираме на унапредувањето на процесот на производство и на унапредувањето на продажбата, фокусот ни го одземаат административни работи.

Сепак успеавте да склучите договори кој што ви овозможуваат извоз во ЕУ?

Точно, странските компании го препознаа нашиот труд и го препознаа нашиот квалитет. Остваруваме извоз во голем број на држави членки на ЕУ како што се Германија, Италија, Велика Британија и други држави.

Но не беше само квалитетот во прашање, туку и нашиот одговорен однос кон нашите клиенти – навремена испорака на бараните количества, континуираност и константност во квалитетот и поволна цена.

Сите овие работи се препознаени од страна на нашите партнери и поради таков однос имаме повеќе годишни договори со нашите клиенти, така да денес околу 90%од нашето производство оди за извоз, а околу 10% се пласира на нашиот пазар.

Произведувате полнети пиперчиња. Каков производ е ова всушност?

Да, околу 80 отсто од нашиот асортиман се полнети шери пиперчиња со различни додатоци. Најпознати сме по производство на пиперчиња полнети со урда (изварка) и тој е наш носечки производ.

Но покрај урдата, пиперчињата ги полниме со хумус, хумус и каламата маслинка, туна, хумус и јалапено пиперка, со хумус и вргањ, но и по специјални рецептури се од зависност од потребите на клиентот.

Ова е оригинално италијански деликатес, но поради специфичност на пиперката одгледана во Македонија (поинтензивна арома и вкус), урдата и другите суровини, овој производ го чини уникатен и лесно препознатлив на пазарот. Сите кој што го пробаа нашиот производ се воодушевени со деликатесниот вкус па дури и оние кој што не се лубители на лути пиперчиња стануваат лубители.

Самиот производ е апетисан и е одличен во комбинација со вино или жесток алкохолен пијалок како што е нашата традиционална ракија.

Покрај полнети пиперчиња, нудиме и други производи, како што се цреши во сируп, сливи со сируп, вргањ мариниран и други производи од зависност од сезоната.

Кои се идните планови? На што ќе се фокусирате?

Нашите планови се пред се на усовршувањето на самиот процес на производство. Ние сме веќе на завидно ниво и во однос на капацитет и во однос на квалитет, но сакаме целиот процес да го донесеме до совршенство.

Покрај проширувањето на асортиманот со органски производи, планираме да самото производство биде еколошки прифатливо и првиот чекор кон таа цел е поставување на мини сончева централа која што ќе произведува електрична енергија за наши потреби.

Ние до сега произведувавме за други приватни брендови, но плановите ни се да полека почнеме и самојстојно да се представиме на странскиот пазар. Веќе развивме нови етикети кој што се прилагодени за странскиот пазар. Присутни сме на нашиот пазар во одредени маркети, но сепак срамежливо.

Планот во однос на производствениот асортиман е да го прошириме со органски производи пред се со блага линија – органски цреши во сируп.

Цела наша фамилија е вклучена во производството – од сопругата, синот, снаата и ќерката и планираме да со проширувањето на производството и продажбата направиме и нови вработувања, со кој што ќе го намалиме иселувањето од селото.

А.Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top