Рисимкин го претстави Танц фест во Шангај

-фест-696x550.jpg

На покана на Интернационалниот фестивал за изведбени уметности од Шангај, Кина, кој го има своето дваесет и прво издание, Рисима Рисимкин деновиве престојува во Шангај, каде ја претставува работата на Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар.
Интернационалниот фестивал за изведбени уметности од Шангај се одвива на неколку нивоа, како панел дискусии, претстави и презентација на млади уметници. Во склоп на фестивалот се одвиваат повеќе форуми, како и Саем за изведувачки уметности. На овие настани присуствуваат преку четиристотини организации од четириесет и шест земји, се презентираат дваесет и шест претстави, има десет професионални панели, како и специјален програм ‘Театар за млади’.

Покрај огромниот број на уметнички организации од Кина, како најголемите кинески агенции за изведувачки уметности, Шангај танцовиот театар, Гуанџо операта, Националниот балет на Кина и други, на настанот присуствуваат голем број на продуценти, програмери и уметнички директори, продукциски агенции и  уметнички агенти од целиот свет, како и претставници на  Садлерс Велс театарот од Лондон, Џојси театарот од Њујорк, Единбург фринге фестивалот, Асоцијацијата за танц од Шпанија, театарот “Ла скала” од Италија и други.
Рисимкин смета дека ова е извонредна прилика за создавање на нови конекции, споделување на искуствата и можност за пласман на наши уметници надвор, поточно низ целиот свет.

“Навистина е извонредно да се биде во друштво на врвни уметници и организации од целиот свет, притоа со можност за презентација на нашите вредности и квалитетни програми и продукции, какви имаат Танц Фест Скопје и Скопје танцовиот театар. Темпото е многу интензивно, огромен број на присутни и многу средби и состаноци. Имавме можност да ги видиме најновите достигнувања во областа на технологијата и уметноста, големи иновативни продукции беа презентирани, како и нови хоризонти во претприемништвото во изведбените уметности. Светот на изведбените  уметности се развива со голема брзина на светско ниво, виртуелноста и новите  технологии влегуваат на голема врата, со што се отвораат можности за нова публика. Основна цел за мене е да пренесам дел од овие искуства кај нас, за да можеме да го фатиме чекорот со светот. Мислам дека ќе има одлични идни проекти”, вели таа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top