ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ: Македонците и Бугарите – немаат општа или заедничка историја – имаат само заеднички моменти или некои испреплетени процеси во своите истории!

ss_3.jpg

Стојко Стојков на поголем дел од нашите читатели им е познат како истакнат борец за правата на пиринските Македонци во денешна Република Бугарија, а за оние кои не го познаваат, ќе имаат можност преку денешното интервју подетално да се запознаат со неговите ставови и мислења.

Роден е во градот Сандански, но љубовта кон родната земја ќе го врати назад на студии на Факултетот по историски науки во Скопје. Истакнат член на претседателството на организацијата ОМО Илинден – Пирин, која долги години наназад активно се бори за достоен живот на Македонците во Бугарија, како и признавање на нивните малцински права. Работи како професор по историски предмети на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а истовремено, редактира дел од содржините на весникот „Народна Волја“ којшто се печати во Благоевград и излегува во продажба еднаш месечно.

Остар на јазикот кога станува збор за македонските интереси, храбар критикувач на секоја власт која не презема доволно грижа за сопствениот народ и држава, оддржувач на контактите со македонската дијаспора.

СТРУМИЦА ДЕНЕС:Важите за еден од современите македонски дејци којшто живеат и дејствуваат од Бугарија. Според вашите проценки, колку пирински Македонци моментално живеат во Бугарија и колкав дел од нив зборуваат македонски јазик?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ: Во Пиринска Македонија живеат 300 000 жители, но многу тешко може да се каже колку од нив се чувствуваат Македонци. Во 1956 г. (последниот слободен попис за Македонците во Бугарија) во Пиринска Македонија се самоопределија 178 000 (63,33 %), а други 9 000 во Бугарија. После шест децении асимилација и дискриминација, при што стотици луѓе отидоа затвор, а иселените, тепаните, отпуштените од работа или избркани од училиште беа илјадници, денес тој број е сериозно намален. Точна бројка не може да се даде зашто на пописите нема графа Македонец и истите се спроведуваат во услови на најразлични заплашувања и манипулации. Бројките што официјално се даваат се всушност минимумот од минимумот – помалку не успеала државата да ги дотера.

Макар сите Македонци да го разбираат македонскиот литературен јазик, истите не се изучувал во Бугарија во последните 71 години и затоа малкумина го зборуваат правилно. Познавањето на јазикот е повеќе на ниво на дијалекти или преку народните песни.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Дали македонското малцинство може слободно да ја декларира својата етничка припадност во Република Бугарија? Им се даваат ли на наредните поколенија услови за пренос и зачувување на македонската култура и јазик?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ: Реално – не. Прво – нема каде да се декларирате. Ниту на пописот има графа „Македонец“, а ниту на било кој официјален формулар и документ има место за одбележување етничка припадност. Освен тоа македонската самоопределба е објект на постојано јавно исмејување. Луѓето што се самоопределуваат отворено како Македонци се третираат како национални предавници, родоотстапници, непријатели на Бугарија, неписмени и некултурни луѓе.

Бугарија не само не создава никој од условите што ги обезбедуваат цивилизираните земји со цел зачувување и развој на културата и јазикот на малцинството, туку македонската култура и јазик ги негира или присвојува. Ќе ви дадам мал пример за последното. Пред 30 години за пеење македонски песни или поседување плочи на Васка Илиева на пример се јадеше ќотек во полиција. Денес истите се емитуваат по бугарски телевизии под бугарско знаме. Дури и авторски песни како оние на Војо Стојановски се присвојуваат и претставуваат за бугарски.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Член сте на претседателскиот одбор на ОМО Илинден – Пирин. На струмичани оваа организација им е позната по положувањето свежо цвеќе на свеченостите организирани по повод одбележувањето значајни историски датуми. Може ли накратко да не’ запознаете со главната визија и цел на оваа организација?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ: Целта на нашата партија е колку едноставна толку и човечка. Сакаме Бугарија да запре да го негира и дискриминира македонското малцинство и да ги даде на неговите припадници сите меѓународно гарантирани малцински и човекови права. Поради тоа сме етикетирани како опасност за националната безбедност. Нашата визија е вистински демократска европска Бугарија во која Македонците да можат наполно рамноправно, без дискриминација, страв или срамење да ги уживаат сите права и да партиципираат во нејзиниот општествен и политички живот и развој. Клучен дел од нашата визија е влез на Македонија во Европската унија и паѓање на границите што веќе 106 години ја мачат македонската земја.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Истоимената организација долги години наназад се соочуваше со проблем да се регистрира како политичка партија. Дали се’ уште се соочувате со притисоци и проблеми при работењето?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ:На нашата партија незаконски по само една година легално постоење ѝ беше одземена регистрацијата на 29 февруари 2000 г. од уставниот суд на Бугарија. Независно од тоа што Стразбур ја осуди државата за тоа – нашата регистрација никогаш не беше вратена. Обидите за регистрација како партија времено се запрени зашто од една страна бугарската држава бескрајно го отежни процесот на регистрација, кој трае 6 месеци, предвидува собирање на околу 1000 страници документи и 2500 членови. Уште полошо независно што ние собравме 5760 членови, при последните три обиди за регистрација нашите членови беа викани во полиција и беа заплашувани, а регистрација така беше одбивана по формални и тривијални причини. Бидејќи не само нашата партија, но и серија други македонски организации не се регистрирани (всушност ниту една македонска организација во Бугарија не е регистрирана, без разлика што Бугарија е осудена 12 пати во Стразбур за тоа!) проценивме дека за моментот е бесмислено да се троши целата оваа енергија во претходно осудени обиди за регистрација како партија. Наместо тоа помагаме на различни организации за регистрација – таму дури и да ве одбијат не сте потрошиле многу време и енергија. Освен тоа е многу важно да падне блокадата за регистрација на македонски организации во Бугарија и припадниците на македонското малцинство да можат да го користат тоа основно човеково право подеднакво со сите други бугарски граѓани. Потоа ќе можеме да мислиме и за регистрација како партија.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Професоре, познато е дека работите како дел од редакцискиот одбор на весникот „Народна волја“ којшто излегува од печат во Благоевград. Да ги запознаеме нашите читатели со главната тематика на весникот, неговите почетоци и целта на неговото постоење?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ:Весникот „Народна волја“ е еден од најстарите македонски весници, што постојат денес. Излегува без запирање веќе 39 години. Започнува да излегува во 1980 г. во Сидни, потоа се мести во Лондон, а од 1992 г. е во Благоевград. Создаден е од македонци бегалци од тоталитарна комунистичка Бугарија. Излегува еднаш месечно на македонски и бугарски јазик, а има и своја веб страна, каде што секој може да го чита: www.narodnnavolja.com. Се бави со актуелни проблеми на македонското малцинство во Бугарија, објавува текстови за македонска историја и култура, како и вести за случувањата со Македонците низ светот. Огромна заслуга за неговото опстојување во многу тешки услови има неговиот главен уредник во последните 27 години – Георги Христов, кој без разлика на своите 87 години не запира да го создава и издава. Незаменлива е и помошта на голем број патриоти кои со материјално го подржуваат, меѓу кои на прво место би го спомнал Македонското меѓународно движење за човекови права со претседател Бил Николов.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Работите како професор на Факултетот по историја при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а истовремено и живеете во Република Бугарија. Имате увид кои делови од нашата историја источните соседи ги сметаат за нивни, па прашањето до Вас е – која страна на приказната им ја пренесувате на вашите студенти? Можат ли јасно да бидат разграничени корените на Самуил, Делчев, Александров и многу други дејци, коишто сега се вклучени во договорот за „заедничка“ историја со Бугарија?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ:Бугарија ги смета сите делови на македонската историја за нејзини. Најмногу да попушти за времето после 1944 г. и тоа само во Република Македонија – никако за Егејска, Пиринска или за Албанија. Инаку објективно Македонија и Бугарија, Македонците и Бугарите – немаат општа или заедничка историја – имаат само заеднички моменти или некои испреплетени процеси во своите истории, како што секоја од нив има и со другите балкански нации и држави. Комисијата за историја што се создаде меѓу двете држави во форматот во кој се создаде и со целите што бугарската страна си поставува преку таа комисија – претставува мајтап со самата идеја за наука и вистина. Таа претставува обид да се институционализира изреката дека историјата ја пишуваат победниците.

Моја професионална должност е никогаш да не раскажувам приказни на студентите, особено такви кои се производ на современи идеологии. Им предавам наука – критички, со презентирање различни гледни точки и аргументи, со цитирање извори, со разбирање, дебатирање. По конкретното прашање им го кажувам на студентите она што го вели и науката – во средниот век нема нации. Бугарската претензија дека тие постоеле во средниот век е фикција и истовремено е токму она за кое нас не обвинуваат – „крадење на историја“. Сите нации на Балканот се изградиле во 19 век земајќи славни имиња од минатото. Спорот чиј е Самуил и слични на него, се ненаучни. Проблемот се генерира од бугарска страна, зашто не само што ја искривуваат и национализираат историјата (тоа го прават сите национални држави повеќе или помалку), но уште се обидуваат да ни ја наметнат нивната приказна и тоа не од позиција на аргументи или преку слободна дебата, туку со сила и уцена. Сакаат да го уништат „македонизмот“, т.е. самата идеја дека постои посебна македонска нација. Тоа е нивната цел што отворено ја прокламираат и нивниот услов за „добрососедство“ и влез во Европа. Се обидуваат да не претворат во свој идеолошки вазал, малечка втора Бугарија, а тие да ни бидат батко. Реално тие се обидуваат да нѐ дехумнизираат. Зашто ако немаш право да имаш свое мислење и позиција по сите вклучително и историски прашања, а некој треба одозгора или од страна да ти наметнува што е правилно да мислиш, ако реално немаш право да се самоопределиш или твојата самоопределба се девалвира и маргинализира, ако не те примаат на рамна нога во дискусија и одбиваат да имаат со тебе нормални човечки односи освен ако не им ги исполнуваш сите барања, тоа го поставува под прашање твоето човечко достоинство и вредност. Така се однесуваат само со малоумните и психички болните (и тоа не со сите). Бугарија свесно или не ги третира Македонците како имбецили, како не-токму луѓе. И треба да престане, ако сака навистина да има пријатели овде. Како и во минатото така и сега со своето донесување таа самата ја сее омразата против себе.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во едно од вашите многу интервјуа, имавте изјавено дека за Бугарија пријателска Македонија е само бугарска Македонија. Уште ли држите на тој став? Се имаат ли нештата променето со договорот за добрососедство?

ПРОФ. Д-Р СТОЈКО СТОЈКОВ:Ова е едноставна констатација, која за жал продолжува да биде вистина. Видете ја последната изјава на заменик министерот за надворешни работи на Бугарија Георги Георгиев од 10 април – Македонија и Бугарија немале според него споделена историја каква што имаат нормално соседите, туку „општа историја … што нѐ обединува… и тоа е што ние го бараме како основа за соработката и пријателството меѓу нашите држави“. Една историја, еден народ, две држави. Премногу политичари и интелектуалци во Бугарија не можат да ја примаат Македонија на никој друг начин освен како бугарска. Малку работи се по опасни и мизерни истовремено од интелектуалци со испрани мозоци. Тоа е резултат од децениско функционирање на програмите за патриотско воспитување на младината и на организирано државно перење мозоци. Практично сите Бугари се пораснати со мантрата дека сѐ македонско е бугарско и дека македонска нација, јазик, култура, историја и малцинство „нема и не може да има“. Договорот за добрососедство се разбира од Бугарија имено така – како начин да се бугаризира Македонија, зашто за Софија небугарска Македонија е непријателска и неподнослива сама по себе. Ние треба да се самоукинеме за да можат тие да си ги сонуваат славните соништа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top