Промоција на зборник „Од Букурешт до Преспа“

do-prespa.jpg

Фондацијата Отворено општество – Македонија организира промоција на зборникот „Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008 – 2018“ која ќе се одржи на 10 февруари (понеделник) во Даут Пашиниот Амам, со почеток во 12 часот. На настанот ќе говорат Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество и Гордан Георгиев, член на Управниот одбор на Фондацијата.

„Публикацијата  содржи сведоштва за едно време-невреме кое во колективната меморија на нашите граѓани ќе остане запаметено како темно. Тоа се годините кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ и кои, од оваа исклучително кратка историска дистанца, ќе ги запаметиме како „загубено време“. Овој зборник е тука за да ја зачува таа деценија во колективната меморија на граѓаните и да остави печат за едно време кое не сакаме никогаш да се врати и повтори“, стои во предговорот на зборникот.

Текстовите во зборникот се сведоштва, а текстописците се сведоци на тоа време. Авторите Васко Маглешов, Катерина Блажевска, Љупчо Поповски, Милка Смилевска, Владимир Милчин, Билјана Бејкова, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Сашка Цветковска, Менче Атанасова-Точи, Дејан Азески, Гордана Дувњак, Искра Новаковска и Назим Рашиди се релевантни пишувачи, и професионално, но и во тестимонијална и етичка смисла. Луѓе коишто, пред сè, со својот збор, а некои и со активистичка работа се вградиле во објаснување на природата на претходниот режим, но и во неговото демонтирање.

„Букурешт 2008 – Преспа 2018“ е особено важна историска отсечка. Од една страна, Букурешт и политиките по него означија дефинитивен почеток на недемократската власт, на брановите национализам, популизам и постојаното оцрнување на сите оние кои размислуваат поинаку.

Од друга страна, Договорот од Преспа требаше да означи почеток на реалните надежи втемелени на потребата за подобра, подемократска, попросперитетна држава, интегрирана во ЕУ. Иако, од денешна гледна точка равенката не е еднозначна и нашиот пат кон ЕУ сè уште е неизвесен, со помош на овој Зборник, по поголема историска дистанца, идните генерации, ќе можат да се навраќаат и да го вреднуваат постигнатото и непостигнатото во овој период и да извлечат вредни лекции и поуки.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top