Проектот „Субверзија во црвено“ претставен на 58. Биенале на уметноста во Венеција

94.jpg

На 8 мај во Венеција во палатата Rota Ivancich, беше претставен проектот „Субверзија во црвено“ со кој ликовната уметница Нада Прља ја претставува нашата земја на 58. Биенале на уметноста.Генерална тема на 58. Интернационална ликовна изложба – Венециско биенале е: „Може да живееш во интересни времиња“, зададена од кураторот Ралф Ругоф.
Проектот „Субверзија во црвено“ е распореден во 6 простории, во прекрасниот објект од 17 век и ќе може да се види до 24 ноември годинава.Како реакција на загриженоста на кураторот Ругоф за актуелните состојби, проектот на Прља го поттикнува враќањето на „заборавените” идеи за идеализмот и идеологијата, како форми на мотивација во современото општество. Предлага повторното читање и де-реконструкција на постулатите на марксистичката теорија и левичарската мисла, со цел да се побара нивната компатибилност со денешното општество, преку воведување суштински субверзивни квалитети и разиграност на уметничката практика како начин на индиректно влијание врз реалноста.

Проектот почива на постоечката историска материја, почнувајќи од општествено-политичките услови на 20 век и се до културолошките моменти на современата историја. Историските моменти се преработени со екпериментирање и адаптирање, со што се создава нов и единствен израз.

„Субверзија во црвено“ на овој начин ја стимулира потрагата по нови облици на општествено-политичкото организирање со ревидирање на одредени минати концепти и општествени модели, поттикнувајќи нови облици на делување на уметниците и бришејќи ги границите на учесници во општеството и на културното поле.

Мира Гаќина, директорката на Музејот на современа уметност – Скопје е комесар на проектот, куратор е Јованка Попова, куратор соработник Тевз Логар, a Артан Садику е соработник на теоретски прашања.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top