Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ слави 70 години

-јања.jpg

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 18 февруари ќе одбележи 70 години од основањето. Во седумте децении на развој и растеж на театарот главниот акцент беше ставен на домашното драмско творештво, со што стана бренд со врвни перформанси.

Годишнината на театарот „Војдан Чернодрински“ ќе биде одбележана со манифестацијата „Недела на театарот“, која ќе се одржи од 17 до 23 февруари, а со која ќе бидат прикажани премиерата на претставата „Лажговци“ во режија на Коле Ангеловски, проектот „Глумците пеат“ и пет претстави од тековниот репертоар.

Во 70 години театарот „Војдан Чернодрински“, кој сега е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, прикажал околу 350 премиери и околу 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,5 милиони луѓе. Завесата првпат се кренала на 18 февруари 1950 година, со изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С. Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски. Најгледани и најиграни претстави низ годините се „Од кол на кол“ во режија на Коле Ангеловски и „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, исто така, во режија на Коле Ангеловски. Голем успех во минатото е постигнат и со претставите „Цена“, „Од глаата си патиме“, „Силјан Штркот“, „Лулка“, „Медеја“, „Кумови“, „Собирен центар“, „Туѓо сакаме, свое не даваме“, „Молам за секс“, „Градење црква“, „Коста Саруфте“ „Глоговиот џбун“ итн.

Во досегашното постоење на театарот, претстава која со најголем успех го освои вниманието не само на македонската, туку и на балканската публика е „Тапани во ноќта“ од Б. Брехт, во режија на Мартин Кочовски, која се крена до димензии на бренд на македонскиот театар. Со „Тапаните“, театарот освои три награди на фестивалот МЕСС во Сараево и беше победник на 44-тото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Не помалку наградувана е и „Кавкаскиот круг со креда“, која во 2011 година беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот „Екс Понто“ во Љубљана, Словенија, а потоа и за најдобра претстава на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Новата премиера на театарот „Војдан Чернодрински“ е претставата „Лажговци“, со поднаслов „Миле, Перо и Нова година“, според текст од Антони Нелсон, а во режија, превод и адаптација на мајсторот за комедии, Коле Ангеловски. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, а изборот на музиката е на Томе Темелкоски. Во претставата играат Марјан Чакмакоски, Андон Јованоски, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Трајче Иваноски, Најдо Тодески и Јасмина Мицовска Станкоска. Премиерата на „Лажговци“ ќе се одржи на 17 февруари.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 18, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 февруари 2020 година)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top