Претставен концептот на новиот Научно-технолошки парк во Скопје

Jovan-Despotovski.jpg

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го претстави концептот на новиот Научно-технолошки парк во Скопје.

Основањето на паркот е иницијатива на Владата, а се спроведува од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и Министерството за информатичко општество и администрација. Има за цел забрзан економски раст и побрз приклучок кон светските економски и општествени текови. Научно-технолошкиот парк е простор кој под еден кров нуди инфраструктура, услуги и пристап до финансии што ќе поттикнат раст базиран на ризик, знаење и иновации и ризик. Истовремено, паркот ќе биде место за контакт и соработка помеѓу академската заедница, студентите, бизнисите и инвеститорите.

Проектот ќе се гради во три фази.

Оваа недела беше отворен Деловно-технолошкиот акцелератор УКИМ за млади претприемачи и иноватори, кој е дел од првата фаза од Научно-технолошкиот парк.

Акцелераторот е сместен во кампусот на техничките факултети во Скопје, а за оваа намена, Владата во соработка со Светската банка ги обезбеди првите половина милион евра инвестиции. Тука се предвидени почетни инвестиции до 25.000 евра по компанија, како и до 75.000 евра во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст.

Втората и третата фаза на Научно технолошкиот парк предвидуваат изградба на нови згради и лаборатории, кои се очекува да бидат завршени до 2024 година (втора фаза), односно до 2027 година (трета фаза).

Студијата за изводливост е подготвена со финансиска и техничка поддршка од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Вкупната проценета инвестиција во Научно-технолошкиот парк за сите три фази е околу 80 милиони евра.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top