Преку дигитализација компаниите можат да остварат раст од 26 проценти

digitalizacija.jpg

Дигиталното работење на комапниите во нашата земја и од регионот во просек изнесува десет проценти од вкупното работење на компаниите и доколку не сакаме да се изгубиме со влезот во ЕУ ние мора да се дигитализираме, изјави на денешната прес-конференција претседателот на ИКТ комората Саша Огненовски.

– Минатата година ИКТ секторот во нашата земја учествувал со 7,8 проценти од вкупниот бруто домашен производ. Истражувањата во светски рамки покажуваат дека дигитализацијата на компаниите е корисен процес и компаниите што спровеле дигитална трансформација прикажуваат раст од 26 проценти, изјави Огненовски.

Нагласи дека вложувањето во дигитализација на компаниите подоцна им се враќа со повеќе од една четвртина раст на компанијата, и во профит и во самиот човечки потенцијал.

– ИКТ секторот секогаш сме биле пионери и сега се соочуваме со ситуација кога е извесно дека за брзо време ќе почнат преговорите за пристап во ЕУ. Ако ние компаниите ги дочекаме овие процеси неспремни и немаме соодветна дигитализација ние сме осудени на пропаст и тешки денови, истакна Огненовски.

Појасни дека тоа се должи на две работи. Прво колку нашите компании сакаат и можат да излезат на европскиот пазар, каде без дигитална поткрепа не може да се биде конкурентен и второ, тоа што денес го имаме заштитено со царина со влезот во ЕУ развиените европски компании ќе не поклопат.

– Дигитализацијата е многу битен процес. Треба да се подигне свеста на компаниите и стопанствениците колку навистина може да им помогне дигитализацијата, а понатака веќе доаѓа финансискиот момент и колку компаниите може да истрпат внесување на дигитализација, истакна Огненовски.

Посочи дека кај нас се уште има стопанственици кои не го разбираат поимот дигитализација и дека процесот на дигитализација не завршува со набавката на опрема.

– Дигитализација не значи да купите софтвер и дека тој ќе сработи се понатака. Мора софтверот да го нахраните и знаете како да го употребувате, а тоа е само еден од аспектите на дигитализацијата. Затоа се потребни високо-образовани кадри што ќе знаат како да го искористат моментот на дигитализација, посочи Огненовски.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top