Првата средба на бизнис заедниците од Грција и Северна Македонија за трговските ознаки на 15 и 16 мај во Атина

grcija_makedonija_znaminja_01-678x381.jpg
Во среда и четврток, на 15 и 16 мај во Атина започнува дијалогот меѓу бизнис заедниците од Северна Македонија и Грција за трговските ознаки согласно предвиденото со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина. Генералниот секретар на Министерството за надворешни работи на Грција, Јоанис Брахос од 44-то Годишно собрание на Здружението на грчки извозници што вчера се одржа во Солун, според грчката новинска агенција АНА-МПА, рекол дека „двете страни сакаат да ја изразат нивната политичка волја за да се решат било кои проблеми поврзани со имињата“ и објаснил дека дијалогот не се води меѓу двете држави, туку меѓу бизнис заедниците.
-Двете држави, се обидуваат со добри услуги, на позитивен начин да го зајакнат овој бизнис дијалог и да ги охрабрат експертските групи за изнаоѓање на било кои неопходни решенија, онаму каде што постојат проблеми, рекол Брахос.
Дијалогот на експертските групи ќе го следат генералните секретари на Министерствата за надворешни работи на двете земји, Јоанис Брахос и Виктор Димовски, но само во делот поврзан со почитувањето на Договорот од Преспа.
-Ќе учествуваме, следејќи го почитувањето на Договорот од Преспа, а не за да интервенираме во процесот, рекол Брахос од Солун, пренесе АНА-МПА.
На првата средба на претставниците на бизнис заедниците од двете земји, од грчка страна, според грчката државна новинска агенција, ќе учествуваат Централната унија на комори, Федерацијата на индустрии на Грција и Здружението на грчки извозници.
-Резултатите на овој дијалог ќе бидат доставени до експертската група, исто така предвидена со Договорот од Преспа, која технички и правно ќе помогне во работата, пишува грчката новинска агенција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top