Почнува претседателската кампања

AB2BF411-DC6B-4CA0-BFBE-8985F3E21946_w1023_r1_s.jpg

Кандидатот на Беса и Алијансата за Албанците Блерим Река ја почнува кампањата од Скопје, Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, стартува од Охрид, а кандидатот зад кој застана владејачката коалиција, Стево Пендаровски, кампањата ја стартува од Прилеп. Од денеска до 19 април трае предизборната кампања, потоа е предизборниот молк, а изборите се на 21 април.

„Правда за Македонија, татковината повикува“ е слоганот на Силјановска – Давкова. Таа вели дека кампањата ќе има две лица – едното граѓанското, а другото е на најголемата опозициска партија која застана зад неа.

„Во Охрид почна мојот живот, во Народна Република Македонија. Ако треба да ја менувам личната карта, ќе треба да излажам дека сум се родила овде во Република Северна Македонија. Темнина насекаде, како и во државата, посакувам светлина. Моментот на почетокот на мојата кампања ќе биде почеток на крајот на една власт“, рече Силјановска пред родната куќа во Охрид, означувачќи го почетокот на кампањата.

Таа вели дека секој град што ќе го посети за време на кампањата ќе добие мала, бесплатна, јавна библиотека.

Кандидатката зад која застана ВМРО-ДПМНЕ е повеќе фокусирана врз внатрешната политика. Од екологија, загадување до идентитет, правен систем и животен стандард. Додека кандидатот на СДСМ и ДУИ Стево Пендаровски, повеќе е посветен на надворешната политика и перспективите кои се отвораат од неа, како и овозможување на правда за сите.

Силјановска го напаѓа Преспанскиот договор, додека Пендаровски смета дека тој и ги отвора европските перспективи на Македонија.

„На Македонија ѝ е потребен вистински претседател кој ќе работи исклучиво во интерес на сите граѓани, подготвен сум да водам напред. Мојот концепт е за напред, тој на Силјановска за назад. Не смееме да дозволиме процесите да не се вратат назад во минатото, во неизвесноста, во изолацијата, далеку од ЕУ и НАТО“, порача Пендаровски.

Слоганот за неговата кампања гласи – „Заедно напред“.

Кандидатот зад кој застанаа Алијансата на Албанците и Беса, со слоганот „Река за Републиката“, пак, вели дека нуди концепт за враќање на републиканизмот и републиката.

„Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република. Македонија е држава, но не е република. Ќе биде република ако на место на владеењето на поединецот ќе има владеење на правото, но не сега кога судството е политизирано, администрацијата е политизирана, додека Собранието имунизира и амнестира одговорни за кривични дела“, рече Блерим Река.

Тој вели дека земјата бргу ќе биде дел од НАТО, но за ЕУ ќе ни требаат многу длабоки реформи.

Силјановска – Давкова и Стево Пендаровски за време на кампањата за претстојните претседателски избори ќе имаат четири ТВ дели. Првиот е закажан за 4 април.

За овие избори право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓани, а за гласање од дијаспората се пријавиле 1836 граѓани.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски за РСЕ рече дека ако нема излезност во вториот круг од 40 проценти, не е исполнет условот за успешни избори.

„Во тој случај веднаш се распишуваат нови избори, односно претседателот на Собранието треба да распише нови избори. На тие избори може да учествуваат и кандидатите кои сега учествувале доколку бидат поддржани од своите поддржувачи како што е сега случајот, од група на избирачи или од најмалку 30 пратеници или можат да бидат други кандидати. Значи нема ограничувачки фактор во таа смисла, меѓутоа треба веднаш да се распишат и одржат изборите“, рече Деркоски.

Кандидатите потпишаа кодекс за фер избори.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top