Писателите што ја предвидоа македонската судбина

-знаме.jpg

Во македонската литературна историја постојат творци, креативни потенцијали на Македонија, особено оние од постарата генерација, кои секогаш ги идентификуваме со големите теми на опстојувањето на заедницата: нацијата, историјата, иднината… Не е претерано да се каже дека многумина од нив имале речиси пророчки потенцијали, секако, изразени првенствено преку нивното творештво, но и во своите отворени искажувања во јавноста. Овие творечки имиња од генерацијата на втемелувачите на македонската литература и на македонскиот јазик, ги чувствуваа македонското битие, македонскиот проблем, тегобните вибрации, обидите за нашето идентитетско, културно и духовно обезличување… Македонските интелектуалци како Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре Бакевски… па и други врвни наши творци, преку својот исказ во литературата, во публицистиката, во науката, се обидуваа токму тие автентични македонски изворни вредности да ги афирмираат пошироко.

– Години со сите свои неизвесности, искушенија, репресии и депресии, на распетија, на црни слики и визии, на судири и конфликти, на една неизвесна упатеност кон некаква виртуелна иднина што сите ја сонуваме, што ни ја наметнуваат како голем сон, но, еве, никако да дојдеме барем до предворјето на таа иднина. Значи, ме има кога изгледа дека ме нема – вели Бакевски во едно интервју за „Глобус“.

Таму нагласува дека целата негова страст за пишување е предадена кон македонското битие, дека откога памети за себе постојано се занимава со својата татковина, со опстанокот на македонскиот јазик, создавањето македонска култура… Визионерски звучат неговите зборови.

– Во итањето кон некои нови европски ветени вредности ние, затворени во сопствениот кафез на неснаоѓање и на долгата транзиција, како да се затворивме во оревова лушпа и снеможени гниеме како јатките внатре… Многу работи тешко одат од рака во процесот на итањето кон Европа, кон европските вредности. Сите некако затаено, спокојно си живеат во своите заветрини, во задоволство од освоеното место – изјавува Бакевски.

Исто така, уште во октомври 1993 година во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ академик Петре М. Адреевски зборува како да станува збор за сегашниов миг.

– Во нас сѐ уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење. Грците имаат страв и срам од нас што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како „Новоосвоени територии“. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија, ако сакате, е и библиска земја и јас би рекол дека е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да нѐ прекрсти, смислувајќи ѝ го новото име меѓу секои две ждригнувања на обилните ручеци на дванаесеттемина апостоли, меѓу кои секогаш седи барем еден дежурен јуда – вели Андреевски.

Големиот македонски писател, кој почина во 2006 година, во друго интервју одговара и на прашањето што се случува со моралот во македонското општество.

– Не знам како да ви одговорам, зашто кај нас искреноста секогаш се толкувала како дрскост, а не како човечка доблест. Една од контроверзиите на нашиот општествен живот е политичката травестија и храброст на некои луѓе да гледаат во илјадници очи и да лажат, и задоволството на излажаните изразено со бурен аплауз. Голема контроверзија се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, се сликаат и нѐ учат како да јадеме, како да кашламе, дали да ги персираме малцинствата и во колкав обем, притоа нудејќи ни решенија за сѐ и сешто таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери ќе ја проверуваат нашата крвна слика, ќе ги снимаат нашите органи за варење за да видат како ја поднесуваат храната што не се јаде во нивните земји и во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го дислоцираат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мултинационална заедница со граѓански устав, каде што Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата „национални етникуми“ – вели писателот.

Во 1999 година, во интервју за весникот „Експрес“, на прашањето во какво време и каква земја живееме, академик Петре М. Андреевски вели дека „гледајќи кој сѐ доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа нѐ прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина“.

– Мислам дека нешто слично не дозволува ниедна суверена држава – посочува академикот.

Во своето творештво и академикот Гане Тодоровски беше опседнат со македонската судбина, пееше за делникот и за личности од народните низини, за херои и народни трибуни, им пркосеше на вообичаените клишеа врз кои се поведуваат многу поетски индивидуи.

– Рожба на творечки занеси, импулси, напори, акции и посегања е Република Македонија. Таа е остаток од една далеку-далеку поголема историска целина. Многу до премногу разграбале од тој геополитички и етнокултурен простор соседите, но, сполај му на Бога, нешто останало колку да ни се спомнува името, историјата, славата, жилавоста… Оваа и ваква (каква што е денес) Македонија е буквално едно компромисно резиме на мошне сложен државнонационален поим; резиме, затоа што е здрав и цврст резон на една историска бидувачка, и компромисен, затоа што и прифаќањето на биолошкиот минимум предвидува облик на постоење – пишува Тодоровски.

Според него, проблемот за името, се чини, е наша огромна и непоправлива грешка – не смееме да прифатиме дијалог на таква тема.

– Врз тие јалови, битпазарски по суштина празни муабети и сметки, не смееше, ама баш ни најкуса минутка да ѝ се издвои на оваа тема… Излеговме не само недокрстени, туку и безимени, анонимни, кримогени, шугави и глупави. Бесмислица. Нон сенс… Зло, големо та најголемо зло е да се остави некој друг, да го речеме најблаго натрапник, да дојде и да ти прави ред во куќата! Натрапништво, што друго? Од лошо, полошо! – предупредува академикот, кој беше една од најеминентните личности во македонската култура.

Анте Поповски, пак, човекот што невидливите нешта ги правеше видливи, кој составувајќи го мозаикот на нашата духовност остави длабок печат во македонската литература со својот поетски тестамент. Или како што ќе каже Венко Андоновски „оптичкиот ефект на гледањето со духовното око го именував – микроскопија, мислејќи на тоа дека, поетот и Бог се рамноправни барем по две нешта: по севидливоста и по Словото што го изговараат, а кое има пророчка димензија. А микроскопијата или севидливоста е темелна Божја особина на поетското писмо на Поповски“.

– Нашиот поет беше Божји статистичар, Божји асикрит на малите и слабите, на отфрлените и понижените. И немаше никаква разлика дали Анте пееше за ситната мушичка и нејзината агонија со смолата на борот, или пееше за Македонците, за тие силни мажишта што во неговата поема „Самуил“ почнаа да ѕидаат златно кралство, а завршија во историски и анатомски мрак. И во едниот и во другиот случај, пееше за трагедии што поминуваат – незабележани. Како што никој не ја гледа трагедијата на малата мушичка заробена во смолата, така никој од големите народи не ја гледа трагедијата на „децималните народи“ – ќе рече Андоновски и ќе додаде дека „Анте нѐ подучуваше – нема голема и мала трагедија, како што нема мала или голема смрт“.

Анте Поповски во македонската поезија беше препознаван како поет на својот народ, како Мојсеј кој зад себе го води народот, го прекорува, го храбри, го соколи да издржи, го советува, го учи како се сака татковината.

Овој избор не би бил ни оддалеку комплетен ако не се споменат безвремените цитати од драмите на нашиот најголем драмски писател Горан Стефановски, кои ја отсликуваат срцевината на македонскиот живот.

На пример: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“ од неговата драма „Тетовирани души“, или „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.“ („Диво месо“)… Неговите драми се речиси пророчки.

Се разбира има и редица други примери на македонски интелектуалци и автори, кои на еден или друг начин ги предвиделе македонската судбина и премрежињата низ кои поминува државата во последниот период.

Весна Дамчевска

(Нова Македонија)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top