Пендаровски следната недела на средба со Макрон, дознава ДВ

2.jpg

Македонскиот претседател Стево Пендаровски следната недела ќе оствари билатерална средба со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз, дознава Дојче веле.

Претседателот Стево Пендаровски следниот вторник лично од шефот на француската држава Емануел Макрон ќе може да дознае што сака Франција од процесот на проширување на ЕУ и што се очекува од Северна Македонија во следниот период. Извори во Кабинетот на Пендаровски за Дојче веле денеска потврдија дека двајцата шефови на држави ќе се сретнат следниот вторник во Париз на маргините на Парискиот мировен форум. Средбата се уште не е дефинитивно потврдена, но извесно е дека ќе се одржи. Примарна цел на Пендаровски е на состанокот да ја отвори темата за евроинтегративниот процес, но и за билатералните односи меѓу двете земји. Франција беше единствената земја-членка на ЕУ која рече „не“ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија на самитот во Брисел. Францускиот претседател Макрон таа одлука ја образложи со потребата од реформа на преговарачкиот процес и средување на состојбите во самата ЕУ. Европскиот совет одлучи на прашањето да му се наврати напролет следната година. Дотогаш, како што рече францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние, Франција ќе работи на реформа на методологијата на преговорите, а Скопје треба да продолжи со внатрешните реформи.
Во пресрет на вчерашната средба со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, Пендаровски веќе најави дека сака од прва рака во Париз да дознае што точно се бара од неговата земја.
„Правиме усилби практично од првиот ден, веднаш по последниот бриселски самит на ЕУ, да добиеме средба на што е можно повисоко ниво во Француската Република и директно со претседателот Макрон и со луѓето околу него – што точно побаруваат од нас, за да ја надминеме таа крајно непријатна ситуација”, изјави Пендаровски.
На Парискиот мировен форум, иницијатива која започна под покровителство на Макрон минатата година, се очекуваат повеќе од 30 шефови на држави и влади, а Пендаровски ќе биде меѓу ретките кои ќе имаат тет-а-тет средба со шефот на француската држава, велат од неговиот Кабинет.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top