Пендаровски посакува граѓанско помирување, правда и вистина во 2020 година

.jpg

Сите ние сме едно големо семејство кое има еден заеднички дом, тоа е нашата заедничка држава. Посакувам, во 2020-та, во нашиот заеднички дом да владее мир и спокој до кој ќе дојдеме преку граѓанско помирување втемелено врз правда и вистина. Вистинско помирување ќе имаме тогаш кога сите ние кои живееме во оваа држава ќе бидеме еднакви граѓани, со еднакви права и обврски. Владеењето на правото и правдата ќе ни ја врати не само довербата во институциите, туку и меѓусебната доверба, порачува претседателот Стево Пендаровски во новогодишното видео-обраќање.

„Ви посакувам сите да имате здравје. Но, да не заборавиме дека нашето лично здравје најмногу зависи од здравјето на нашата животна средина, од воздухот што го дишеме, од водата што ја пиеме. Последиците од загадувањето ги чувствуваме сите, независно од нашата етничка, верска, идеолошка, социјална или генерациска припадност. И токму затоа треба да ги оставиме разликите на страна и заедно да го решаваме овој голем проблем.

Конечно, посакувам да имаме повеќе почит – кон родителите, кон семејството, пријателите, но, и почит кон комшијата, кон сограѓаните, кон земјата. Верувам дека нема човек што се родил тука, а да не ја сака својата земја. Но, поради многу причини, дел оправдани, дел неоправдани, државата не секогаш враќа онолку колку што добива од своите граѓани и толку колку што тие заслужуваат. И затоа се помалку луѓе сакаат да останат овде.

Ако сакаме младите да живеат тука, тогаш, уште од сега, сите ние, одговорните политичари, мораме да работиме со двојно поголем ангажман, за демократска држава и за слободно, хумано и солидарно општество. Општество во кое секој ќе се чувствува еднакво вреден и прифатен со своето вродено човеково достоинство“, вели Пендаровски.

Тој повикува сите да ги напуштиме поделбите, да се почитуваме и помагаме, бидејќи само така нашите желби за подобар живот ќе станат реалност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top