Пендаровски: Политичарите не се над законот

-кукан.jpg

Европратеникот Едвард Кукан порача да не се слави со добивањето датум за преговори, бидејќи работата не е завршена. Претседателот Стево Пендаровски пак изјави дека брзо ќе ги отвориме поглавјата со ЕУ и мора да се впуштиме во безскруполозна борба со корупцијата.

„Многу брзо ќе ги отвориме поглавјата со ЕУ и мора да се впуштиме во нескруполозна борба со корупцијата“, изјави денеска во Собранието, претседателот Стево Пендаровски кој се обрати на пленарната сесија на Националната конвенција за ЕУ во Македонија. Пендаровски рече дека на земјата и е потребен амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе, за кои нема да важат законите и дека потребно е системско справување со корупцијата.

Аферата „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и треба да се реши темелно до крај не заради Европа, туку, пред сe, заради нас самите. Не смееме да ги толерираме евентуалните странични влијанија без разлика од која страна доаѓаат“, изјави Пенадровски.

Осврнувајќи се врз состојбата од осамостојувањето на земјава до денес тој потенцираше дека има многу малку пресуди за случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции.

„А сите знаеме дека такви злоупотреби има многу. Тоа значи дека овие случаи на висока корупција биле прикривани“, рече Пендаровски.

Според неговите зборови, секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, малкумина се богатат под сомнителни околности, а народот страда.

Тој порача дека за успешно справување со криминалот и корупцијата, потребно е обединување на сите, од власта опозицијата, бизнис секторот до граѓанските здруженија.

Пендаровски ја охрабри и Антикорупциската комисија да работи и понатаму, и дополни оти нејзината работа треба да ја следат добро подготвено Јавно обвинителство и силно правосудство.

Најдобри резултати од примената на препораките на ГРЕКО земјава постигнувала во 2002 и 2005 година, но, како што забележа претседателот, од 2010 година резултатите се се послаби за во последниот извештај да бидеме оценети дека сме на незадоволително ниво.

Говорејќи за изгледите на октомврискиот самит на Европскиот совет земјава да добие датум за старт на пристапните преговори, eвропратеникот Едвард Кукан изјави дека очекува оти за три недели Советот на ЕУ ќе ја усвои одлуката за добивање датум за преговори. Тој рече дека многу важни европски политичари претходно изјавија дека се отимисти оти државата ќе добие датум во октомври.

Во говорот пред третата секција на Националната Конвенција за Европска Унија меѓутоа тој порача да не се слави со добивањето на датум за преговори, бидејќи работата не е завршена, туку со таа одлука почнува тежок и макотрпен процес.

Туск е сериозен политичар, ако кажал дека вашата земја направила се за да добие датум за преговори, тој ќе се држи до тоа. Не е се спроведено и направено, но вие сте предолго во чекалната на ЕУ“, изјави Кукан.

Едуард Кукан, кој беше дел од тројцата европратеници задолжени за нашата земја, во врска со законот за ЈО и борбата против корупцијата, вели дека тоа се многу важни прашања кои ЕК ги следи со внимание. Кукан рече дека добро е законот за ЈО да биде донесен пред 16 октомври кога ќе заседава Европскиот совет и кога се очекува одлуката за отворање на пристапните преговори со земајва.

„Три недели не е долг период. Имате важни работи како законот за ЈО и случајот „Рекет“. Ако ова на време и добро го решите, ќе бидете добродојдени кај луѓето во Брисел кои одлучуваат за вашата иднина. Не треба да славите, бидејќи со добивање на датумот работата не е завршена, процесот потоа е тежок и макотрпен, но членството ќе донесе многу придобивки за граѓаните на оваа држава. Со среќа”, изјави Кукан кој во јули годинава по 10 години поминати во Европскиот парламент ја напушти европратеничката функција.

Мирјана Спасовска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

scroll to top